Регион
Силно невреме ја зафати Словенија: падна град во големина на топче за голф
Некои делови од Словенија беа зафатени од силно невреме, пропратено со врнежи од дожд, налети на ветер, а на места падна и град со големина на орев. Поради невремето издадено е портокалово метео предупредување за североисточна и централна Словенија, пишува 24 часа
Покрај силниот ветер и врнежите, невремето повторно донесе и силен град во Словенија со големина на топче за голф. И метеоролозите се изненадени, стои во написите.
„Внимание! Силно невреме со силен град се формира во централниот дел на земјава! За време на невремето можни се силни налети на ветер и врнежи. Ниту еден метеоролошки модел не го предвиде ова“, соопшти словенечката агенција за животна средина (Арсо), според Neurje.si, пренесува Индекс.
Жителите на Словенија на социјалните мрежи објавија фотографии од град со големина на топче за голф, а некои топчиња беа со дијаметар од дури шест сантиметри.
Првиот систем на бура се формираше над границата Фриули-Јулиа и се движеше кон западот на земјата, а во меѓувреме ослабна. Вториот е формиран над централна Словенија и се движи кон исток.
Метеорологот Лука Равник за 24часа вели дека на места се уште може да има посилни налети на ветер.
Покрај портокаловото предупредување поради невреме за делови од Словенија, предупредување е издадено и за целата земја поради екстремни горештини.
Во делови од земјата проблеми предизвикува и невремето, а поради врнежите можна е голема количина на вода на патиштата. Се повикуваат возачите во Словенија да возат внимателно и да не застануваат под надвозници и во тунели, пренесуваат локалните медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес го погоди Сараево
Послаб земјотрес го потресе Сараево изутрината.
Како што соопшти Федералниот хидрометеоролошки завод во Сараево, во Центарот за сеизмологија е регистриран во 8.04 часот слаб земјотрес во областа на главниот град на Босна и Херцеговина.
Магнитудата на земјотресот била 2,2 степена според Рихтеровата скала, а интензитетот во епицентарот бил III степен според Меркалиевата скала.
Многубројни жители на Сараево пријавиле тресење на земјата на услугата EMSC.
„Кратко, но силно“, „Кратко, татнеж“, „Само мал трепет и силен звук“, „Кратко, но жестоко“, изјавија тие во своите коментари.
Регион
Ердоган ги спореди израелските напади во Газа со геноцидот во Сребреница
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска по разговорот со претседавачот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ изјави дека Израел ќе одговара за злосторствата во Газа, споредувајќи ги со геноцидот во Сребреница.
„За жал, денес во Газа и на окупираните палестински територии сме сведоци на сличен масакр што беше извршен пред очите на целиот свет во Босна и Херцеговина во 1990-тите“, рече Ердоган, кој денеска го прими Беќировиќ во Истанбул.
Тој додаде дека Израел ќе биде кривично гонет за убиствата на повеќе од 41.000 Палестинци во Газа, вклучително и турскиот активист Ајсенур Езги Ејги, кој беше убиен на Западниот Брег минатата недела.
„Сторителите на геноцидот во Газа, како оние во Сребреница во 1995 година, ќе одговараат пред меѓународните судови“, рече Ердоган.
Тој потсети дека Турција ја спонзорирала Резолуцијата на ОН за осуда на геноцидот во Сребреница и дека таа земја се залага за стабилноста на Босна и Херцеговина. Тој ги повика властите во БиХ да се приклучат во борбата против движењето ФЕТО, сметајќи дека таа организација е терористичка.
Фето е движење на Фетулах Ѓулен, поранешен сојузник, а сега противник на претседателот Ердоган, кого го смета за виновен за обидот за воен удар во јули 2016 година. Беќировиќ рече дека пријателството меѓу Босна и Херцеговина и Турција е нераскинливо.
„Република Турција е докажан пријател на Босна и Херцеговина и една од најсилните членки на НАТО алијансата и затоа, меѓу другото, нејзината поддршка за Босна и Херцеговина е исклучително важна“, нагласи Беќировиќ.
Регион
Двe лица се удавија во Будва и Бар, холандски турист спаси жена и дете од разбрануваното море
Две лица се удавија во петокот вечерта во Будва и Бар, јавија денеска црногорските медиуми, повикувајќи се на полициски извори.
Едно лице се удавило во градот Дробни Пијесак кај Будва, соопшти Управата за поморска безбедност и управување со пристаништа (УПСУЛ), пренесува порталот ЦДМ. Удавеникот, како што се наведува во соопштението, бил извлечен од спасувачкиот чамец САР-5 заедно со екипажот на УПСУЛ и членови на Секторот за гранична полиција.
Претходно синоќа се удави и украинскиот државјанин О.Ј. (36) во морето кај Бар, пренесува порталот Бар инфо. Спасени биле сопругата и детето.
„Семејството на давеникот е спасено, благодарение на холандски државјанин кој скокнал во брановите за да им помогне, а потоа биле испратени во Општата болница во Бар за медицинска помош“, изјавија од полицијата за Радио Бар и Бар Инфо.
УПСУЛ предупреди дека е на сила црвен метеоролошки аларм и предупредување за многу силни ветрови кои создаваат големи бранови и силни струи.
И покрај ова предупредување, на плажите беа забележани капачи кои влегуваат во морето и на тој начин ги ризикуваат своите животи, но и животите на припадниците на службите кои ги спасуваат на многу турбулентен, карпест и непристапен терен.
Вакви и слични ситуации се повторуваат со години и, за жал, резултираат со непотребна загуба на човечки животи, а УПСУЛ ги повикува капачите да бидат многу внимателни во наредните денови за да се избегнат непотребни несреќи и давење, се заклучува во соопштението.
Од УПСУЛ потсетуваат дека граѓаните и туристите можат да се јават и да пријават каква било ризична ситуација на море директно на бесплатниот број 129 или преку мобилната апликација safesea.me.