Свет
Американскиот и рускиот министер за одбрана разговарале по телефон, повикот бил инициран од Русите
Американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, вчера телефонски разговараше со неговиот руски колега Андреј Белоусов, а двете страни потврдија без да откриваат детали од првиот разговор меѓу двајцата министри од јуни.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека телефонскиот разговор бил инициран од руска страна, a станало збор за спречување на безбедносни закани и намалување на ризикот од потенцијална ескалација.
Во Вашингтон, заменик-порпаролката на Пентагон, Сабрина Синг, рече дека секретарот ја истакна важноста од одржување на линиите на комуникација во услови на тековната војна на Русија против Украина.
Претходно оваа недела, Германија и САД објавија договор за стационирање на американски ракети со долг дострел во Германија, почнувајќи од 2026 година, што е првпат такво оружје да биде стационирано во земјата од крајот на Студената војна.
Американското оружје ќе вклучува крстосувачки ракети Томахавк со дострел до 2.500 километри кои можат да погодат длабоко во Русија, како и ракети за воздушна одбрана СМ-6 и ново развиено хиперсонично оружје.
Руските власти жестоко реагираа на соопштението, обвинувајќи ги Германија и Соединетите Американски Држави за подигање на тензиите и поттикнување на трка во вооружување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Украина работи на развој на нови видови воздушна одбрана
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Украина работи на развој на нови видови воздушна одбрана за да се спротивстави на, како што рече, новите ризици откако Русија искористи нова ракета со среден дострел.
Зеленски во своето ноќно видео обраќање рече дека потегот на Русија бара сериозен одговор за да се спречи, како што наведе, рускиот претседател Владимир Путин да ја прошири војната и да ги почувствува вистинските последици од неговите постапки.
Путин во четвртокот рече дека Русија, како одговор на нападите на американските и британските ракети со долг дострел, истрела нова балистичка ракета со среден дострел „Орешник“ на украинска територија, на која современите системи немаат начин да се спротивстават.
Свет
САД: Северна Кореја е подготвена за можна седма нуклеарна проба
Соединетите Американски Држави веруваат дека Северна Кореја е подготвена за можна седма нуклеарна проба, за која само се чека политичка одлука, изјави денеска заменик-помошникот државен секретар за контрола на вооружувањето.
Се додава дека САД и нивните сојузници брзо и одлучно ќе одговорат на евентуалниот нуклеарен напад на Северна Кореја врз Јужна Кореја.
Предупреди дека уште една нуклеарна проба од Северна Кореја ќе ги ескалира регионалните тензии и ќе претставува „безбедносен ризик за целиот свет“, објави Јонхап.
Свет
Мелони: Налогот за апсење на Нетанјаху ќе биде тема на Г7, Израел и терористите не се исто
Италија планира да го разгледа налогот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на претстојниот состанок на групата Г7, изјави италијанската премиерка Џорџа Мелони.
„Оваа влада останува цврста на една работа: одговорноста на државата Израел и терористичката организација Хамас не може да се поистоветува“, се вели во изјавата на премиерката Мелони, која рече дека ќе ги испита мотивите на судот.
Италија, која во моментов претседава со групата Г7, во понеделник ќе биде домаќин на министрите за надворешни работи во Фиуџи, град во близина на Рим.
Во четвртокот, МКС издаде налози за апсење на Нетанјаху и неодамна сменетиот израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Сојузниците на Израел ја критикуваа одлуката. Генерално, од земјите-членки на МКС се бара да спроведат налози за апсење, иако меѓу тие држави постои несогласување за тоа како да се однесуваат со Нетанјаху. Унгарија веќе соопшти дека има намера да го игнорира налогот за апсење.