Македонија
Стабилна е состојбата на тинејџерите кои беа најдени без свест во куќа во Скопје, користеле психотропни супстанци
Стабилна е состојбата на четворицата малолетници кои беа најдени без свет и со повреди по телото во куќа во Скопје.
По лабораториска анализа кај сите е докажано присуство на психоактивни супстанци и не е докажано присуство на алкохол.
Станува збор за две момчиња и две девојчиња кои синоќа беа пренесени на Клиниката за токсикологија, откога беа најдени во бесознание во куќа на 40-годишен скопјанец.
Четворицата се на возраст од 14 до 17 години, а засега не се знае од што настаниле повредите на нивните тела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Лабудовиќ: Со Бујар Дулови и еснафот имаме јасен концепт, ги враќаме енергијата и животот во Старата скопска чаршија
Кандидатот за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ денеска беше во Старата скопска чаршија каде се сретна со еснафот кој тука работи и функционира. Имаше срдечни средби и разговори со повеќе сопственици на занаетчиски дуќани, ги слушна нивните животни приказни, приказните на нивните занаети и дуќани кои тука егзистираат со децении, а речиси редовно се пренесуваат од генерација на генерација.
“Старата скопска чаршија е најубавата жива приказна на нашиот град. Веќе неколку векови е сведок на различи епохи, народи и култури. И, сè уште го чува истиот мирис на занает, на кафе, на разговор и на живот. За мене, зачувувањето на чаршијата не е само обврска – тоа е аманет, чест и љубов кон сопственото минато и иднина“ рече Лабудовиќ.
Тој заедно со својот домаќин – претседателот на здружението на еснафи од Чаршијата Бујар Дулови, како што го нарече, човек кој целиот свој живот поминал меѓу уличките на Старата Чаршија и најдобро го чувствува нејзиниот ритам, но и со другите од еснафот, поразговараа за предизвиците, но и за многу идеи што ќе ги направат заедно со нив во скопската чаршија.
„Чаршијата од памтивек дише со пулсот на луѓето, на туристите што и се восхитуваат и на еснафот што со многу труд и љубов ја одржува нејзината магија. Јас во мојот домаќин, господинот Дулови најдов партнер, а и тој во мене за многу нешта што ќе ги правиме на овој простор. Враќањето на духот и сјајот на чаршијата ќе биде наша заедничка заложба и со Град Скопје, затоа што токму таа е срцето на туристичката мапа на градот. Горд сум што во мене препознаа партнер и пријател на чаршијата, човек кој ќе биде секогаш тука, меѓу луѓето, за луѓето. Верувам дека преку културата и заедништвото ќе го вратиме животот во Скопската чаршија“, потенцираше Лабудовиќ.
Тој воедно ја искористи приликата и на припадниците на турската заедница во Македонија, која е значителен дел од целокупниот еснаф во Старата Чаршија да им го честита 29 октомври – денот на Турската Република.
Македонија
(Видео) Митева: Јакимовски да објасни како е можно за една година со семејството да стане сопственик на две градежни парцели во најелитниот дел на Карпош, Жданец
„Како е возможно, за период од една календарска година, градоначалникот Јакимовски да се најде во ситуација каде со неговото семејство стануваат сопственици на две градежни парцели во најелитниот дел на Карпош, во местото Жданец, токму таму каде што и тој лично живее? Јавноста има право да знае од каде и со кои финансиски средства се обезбедени ваквите имоти во најскапата урбана зона на Скопје“, истакна на прес-конференција Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително Митева го праша Јакимовски како е можно парцели кои, според претходниот Детален урбанистички план, биле означени како зеленило, по нивната купопродажба од страна на семејството Јакимовски магично да станат градежно земјиште, и тоа, како што појасни со урбанистичка маркица која веќе е вцртана во планот.
„Дали за овие парцели, кои од зеленило станале градежно земјиште, е поднесено барање за техничка градежна документација? Доколку да, кој го поднел тоа барање, кога, и до каде е постапката?
Дополнително, прашуваме дали е вистина дека во изминатата година, покрај домашните парцели, семејството Јакимовски се стекнало и со вила во едно од туристичките места во Грција?
Време е прашањата да добијат одговори.
Време е да се утврди дали во Карпош владее јавен или приватен интерес и како се успева да се заработи толку за купување на сите овие недвижности што се напоменати претходно“.
Македонија
Минчев: Цврсто верувам дека државата не е силна по бројот на закони, туку по силата на луѓето што ги спроведуваат тие закони
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес во Штип ја отвори третата серија од генеричките обуки за административните службеници, кои овој пат ги опфаќаат институциите од источниот регион на државата.
Со ова, Министерството за јавна администрација, како што додаваат од таму, ја продолжува агендата за професионализација на јавната администрација, откако веќе се реализирани две серии на обуки во кои повеќе од осумстотини јавни службеници од различни институции низ земјата стекнаа нови знаења и вештини за поефикасно и современо работење.
Во таа насока, Минчев истакна дека државата не се гради само преку закони, туку преку институциите што ги имплементираат и луѓето што ги спроведуваат тие закони.
„Јас цврсто верувам дека државата не е силна по бројот на закони, туку по силата на луѓето што ги спроведуваат тие закони. И водени од тоа, нашата цел како Министерство е јасна, да создадеме администрација со луѓе кои се компетентни, мотивирани, кои ја чувствуваат својата работа како јавна мисија, а не само како работно место.“ – рече министерот.
Тој потенцира дека реформите во јавната администрација се процес полн со предизвици и отпор, но дека секоја обука, секое вложување во образование и развој е доказ дека Македонија се менува:
„Во секој реформски процес има предизвици, има отпори, има скепса. Но јас верувам дека токму овие моменти, кога сите заедно вложуваме во обуки, во образование, во подобрување на системот, се доказ дека Македонија се менува.“
Министерот нагласи дека вистинската промена не се случува преку ноќ, туку преку луѓето:
„Јас често велам – државата не се менува преку ноќ, туку преку луѓе. А овде гледам токму такви луѓе – луѓе што веруваат дека Македонија може подобро, дека институциите можат поефикасно, дека јавниот интерес вреди повеќе од личниот. Тоа е најсилната порака што ја испраќаме денес.“ – истакна Минчев, потенцирајќи дека Македонија има историска шанса да стане држава со современа, европска и човечка администрација.
„Министерството за јавна администрација останува целосно посветено на развојот на компетентни и мотивирани јавни службеници, кои ќе ја обликуваат иднината на државата и ќе ја градат довербата на граѓаните во институциите“.

