Македонија
Да запрат прес-конференциите на отворено среде топлотниот бран, порача Синдикатот на новинарите
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) апелира до политичките чинители во земјава да ги почитуваат актуелните препораки за заштита од топлотниот бран.
Во услови на портокалово ниво на опасност од високите температури, Владата, меѓу другото, препорача да се избегнува престој на отворено во период од 11:00 од 17:00 часот – мерка која не ја почитуваат ниту владини претставници, ниту претставници на политичките партии.
На пример, денеска коалицијата „Вреди“ организираше прес-конференција на плоштадот “Скендербег” во Скопје во 12 часот, додека вчера, во Охрид, изјава за медиумите во 14 часот имал и министерот за култура Зоран Љутков.
„Сметаме дека и владините претставниците и партиите треба да внимаваат на временскиот интервал кога ги закажуваат изјавите за медиумите, или пак, доколку е неопходно да се одржуваат во период од 11 до 17 часот, настаните да се организираат во затворени и климатизирани простории“, велат од Синдикатот.
ССНМ претходно апелираше и самите медиуми да им овозможат соодветна заштита на своите вработени, особено на оние новинари и медиумски работници што мораат да известуваат на отворено.
Новинарите и медиумските работници по службена должност мора секогаш да се на терен и да известуваат при секакви временски услови и токму затоа треба да се внимава и соодветно на условите да се постапува при извршување на работните задачи.
Синдикатот смета дека ниту еден работник не треба да биде изложуван на непотребен ризик по здравјето при извршувањето на своите обврски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заедно со народот до уште една историска победа, изборниот процес помина мирно и демократски
„На крајот од овој значаен изборен ден, можеме со гордост да кажеме дека Македонија уште еднаш покажа зрелост, достоинство и демократска свест. Денес, нашата држава помина низ мирни, фер и демократски избори кои се гордост за секој наш граѓанин“, кажа Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој упати огромна благодарност на сите граѓани кои излегоа на гласање и ја покажаа својата одлучност и доверба.
„Сите извештаи говорат дека изборниот ден помина во мирна и достоинствена атмосфера. Тоа е доказ дека Македонија знае да спроведе демократски избори по највисоки стандарди.
Ние како ВМРО-ДПМНЕ очекуваме одличен изборен резултат. Во првиот круг граѓаните го направија вистинскиот избор, а сега во вториот, очекуваме разликата да се зголеми во наш прилог. Очекуваме голема победа!
Знаеме дека граѓаните очекуваат резултати, решенија и нова енергија. Ние таа доверба нема да ја изневериме. Од утре, продолжуваме со работа, со уште поголема посветеност и одговорност.
Во текот на вечерта, на следните прес-конференции ќе почнеме и со објавување на првите неофицијални резултати од гласањето“, извести Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференцијата.
Македонија
Обвинителство: Доставено само едно известување на подрачјето на Шуто Оризари за фотографирање на гласачко ливче
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење на евентуални кривични дела поврзани со изборниот процес во текот на денешниот ден го следеше вториот круг од гласањето на локалните избори, а во јавните обвинителства беа организирани вонредни дежурства со цел навремена координација и давање насоки за постапување на надлежните органи.
Изборниот ден помина без поголеми нарушувања на изборниот процес, а до јавното обвинителство во текот на денешниот ден е доставено само едно известување на подрачјето на Шуто Оризари за фотографирање на гласачко ливче. Итно се дадени насоки за документирање на настанот кој претставува прекршок, извести Обвинителството.
И покрај мирниот изборен ден, Комисијата на Јавното обвинителство останува активна до целосно завршување на изборниот процес, а сите што евентуално имаат сомненија за кривично дело поврзано со изборниот процес тоа можат да го направат во сите јавни обвинителства во државава или на посебната електронска адреса [email protected]
По сите пријави за кривични дела поврзани со изборите јавните обвинителства постапуваат со приоритет, соопшти Обвинителството.
Македонија
(Видео) „Влен“: Нашите кандидати добија широка поддршка во сите општини каде што настапуваат
„Процесот на гласање во вториот круг од локалните избори во целина се одвиваше во мирна и демократска атмосфера во сите општини во кои денес се одржа гласањето, вклучително и во општините каде што учествуваше коалицијата ВЛЕН“, кажа портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани.
„Според информациите од теренот, процесот на гласање се одвиваше без некои неправилности и во духот на граѓанска одговорност.
ВЛЕН изразува благодарност до сите граѓани кои денес го остварија своето избирачко право мирно и достоинствено, покажувајќи на тој начин висока демократска култура.
Истовремено, очекуваме од Државната изборна комисија фазата на затворање и броење на гласовите да се спроведе како и во првиот круг со целосна транспарентност, точност и професионализам, во согласност со законот и со волјата на граѓаните.
Според нашите информации од теренот, кандидатите на коалицијата ВЛЕН добија широка поддршка во сите општини каде што настапуваат и очекуваме резултати кои ќе ја потврдат таа доверба.
ВЛЕН ќе продолжи внимателно да го следи процесот до објавувањето на конечните резултати и останува посветен на фер избори, почитување на секој глас и зајакнување на довербата во демократските процеси“, изјави портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани.

