Македонија
Петровска: Мицкоски си го зел синот во делегацијата во САД, првото владино патување го претвори во семејно

Пратеничката Славјанка Петровска и поранешна министерка за одбрана од СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека на првото, официјално, владино патување во САД на самотот на НАТО со себе си го зел синот. Таа на социјалните мрежи објави фотографии од средба на премиерот Мицкоски и министерот за одбрана Тимчо Муцунски со Едвард Џозеф, американски експерт за надворешна политика, на која до премиерот стои неговиот син.
„Прво владино патување, прв скандал! Асистенотот на татко му а сега премиер си го земал син му во делегација во САД! Ова младо дете на фотографијата не е најдобриот студент во Македонија. Не е ниту стипендист на државата. Не е учесник на некој конкурс или јавен повик за студенти, па како награда да биде дел од државната делегација предводена од Премиерот Мицкоски. Се прашуваше кој е? Синот на Христијан Мицкоски. Да, првото официјално владино патување го претвори во семејно патување. Не се чудете, Мицкоски напредуваше во кариерата како асистент на сопствениот татко“, објави на „Фејсбук“ Петровска.
Објавата предизвика лавина реакции со осуда за премиерот на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВЛЕН го прашува Бујар Османи зошто нема документација за потрошени 120 милиони денари од буџетот на МНР

ВЛЕН го повикува Бујар Османи јавно да одговори зошто нема никаква документација за потрошени над 120 милиони денари од буџетот на Министерството за надворешни работи и зошто нема податоци што е направено за толку огромна сума пари?
„Зошто не постои отчет за овие средства, ниту трага од тоа што останало по завршувањето на самитот на ОБСЕ? Овие прашања се за пари на сите граѓани, за пари кои требало да се користат за училишта, подобро здравство, за водоводи и патишта, а завршиле без траг, документ и доказ во непознат правец. Државниот завод за ревизија јасно утврди дека во време на Бујар Османи, МНР ги потрошило овие пари без да се знае за што, без покритие, без документи и без видлив резултат“, велат од ВЛЕН.
Од таму велат дека очекуваат од Јавното обвинителство и надлежните инстутиции веднаш да постапат и да утврдат одговорност.
„Бујар Османи во својот живот не направил ништо за Општина Чаир, ниту еден проект, ниту едно подобрување за граѓаните, ниту кренал телефон за да помогне. Но, очигледно знаел многу да направи само за себе, користејќи го буџетот на државата за сомнителни трошоци без трага, документ и доказ. Само во овој случај во вредност од над 120 милиони денари. Чаир не заслужува политичар кој бега од одговори и кој зад себе остава само сомнежи и скандали. Чаир заслужува чесно и одговорно раководство“, велат од ВЛЕН.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Исплатени над 407 милиони денари на скоро 8.000 земјоделци

Македонските земјоделци ја добиваат заслужената грижа од државата, на скоро 8.000 земјоделци се исплатени над 407 милиони денари, директни плаќања, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено, во рамките на Програмата за финансиска поддршка за 2024 година, исплатени се 259 милиони денари кон 4.143 земјоделци, односно градинари, за градинарски култури предадени во преработувачки капацитети. Висината на директните плаќања се однесува на предадените култури за периодот мај-јуни и ноември-декември 2024 година, која изнесува 3 денари по килограм за сите градинарски култури, додека за пиперката од сортата куртова капија висината на директните плаќања изнесува 5 денари по килограм. Паралелно на ова, од Програмата за финансиска поддршка за 2025 година се изврши исплата од над 147 милиони денари кон 3.686 земјоделци за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко. Висината на директните плаќања изнесува 6 денари по литар за кравјо млеко и 7 денари по литар за овчо и козјо млеко, а овие исплати се однесуваат за период јануари, февруари и март 2025 година“, се вели во соопштението.
Со ова, велат од ВМРО-ДПМНЕ, континуирано и навремено продолжува поддршката кон градинарството и сточарскиот сектор, и воопшто на целокупното земјоделство за зголемување на земјоделските производи и површини и нивната конкурентност.
Македонија
Пронајдени неексплодирани гранати од Првата светска војна во близина на ГП Меџитлија и во Старо Градско

Припадници на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) успешно реализираа две интервенции за отстранување на неексплодирани убојни средства (НУС) останати од Првата светска војна.
Првата интервенција беше спроведена во близина на граничниот премин Меџитлија, кон Р. Грција, на терен кој претходно беше зафатен од голем шумски пожар. По пријава од граничната полиција, пиротехничарот на ДЗС подигна две артилериски гранати со калибар од 75 mm, без запалки.
Втората интервенција се одвиваше во Старо Градско, на локацијата викана Песоци, во близина на реката Вардар. По пријава од полициската станица во Градско, од терен беа безбедно отстранети една артилериска граната (75 mm), една минофрлачка граната (75 mm) и две артилериски гранати (85 mm), исто така од периодот на Првата светска војна.
„И покрај ограничените човечки ресурси, ДЗС успешно одговори на двата повика за интервенција во овој изминат еднонеделен период. Пиротехничарот Ѓорги Стефанов ги подигна и транспортираше пронајдените средства до безбедна локација, каде што беа складирани до нивното уништување во Центарот за воена обука „Криволак““, соопштија од Дирекцијата.
Дирекцијата за заштита и спасување апелира до граѓаните, при пронаоѓање сомнителни предмети, веднаш да известат на 112 во ЦУК, или најблиската полициска станица или пак до регионалното одделение на ДЗС, и во никој случај самостојно да не постапуваат со пронајдените средства.