Македонија
Бешлиовска за тримесечното бебе со модринки: Со име и презиме да бидат прозвани сите што згрешија за овој случај
Здружението на медицинските сестри, техничарите, акушерките и стоматолошките сестри „За нас“ будно го следи случајот на тримесечното бебе со модринки по прегледот на Детската клиника и очекува виновникот за целата ситуација дека ќе се посочи со име и презиме. Гордана Бешлиовска, претседателка на Здружението „За нас“, денес повика пред да се посочи вина кај кого било да се почекаат податоците од стручната комисија формирана да го истражи случајот.
„Будноста ни е оти очекуваме да се излезе со релевантни факти и аргументи за целокупната состојба. Во овој момент не гледаме и не согледуваме никаква вина со оглед на тоа дека и министерот Таравари досега никогаш не ја посочи вината кон медицинската сестра сѐ додека не излезе со адекватни податоци комисијата формирана да го увиди случајот. Вакви нерасчистени и недокажани случаи не смее да фрлат никаква дамка на нашата сестринска професија. Не само за дигнитетот на нашата професија туку и за довербата на пациентите. За овој случај ќе се воздржиме сѐ додека не ги добиеме релевантните аргументи од комисијата, која очекуваме во текот на денешниот ден да излезе со податоци. Веруваме во институциите и веруваме во Министерството за здравство дека сепак целиот случај ќе оди во насока на правилно расчистување и со име и презиме на виновникот за целата работа“, рече претседателката на Здружението, Бешлиовска.
Во однос на забелешките дека медицинската сестра го повредила тримесечното бебе кога му зела крв оти претходно имала расправија со мајката, која не зборувала добро македонски јазик, Бешлиовска вели дека медицинските сестри во болниците не се бројат по национални реторики.
„Се надеваме дека сите што на некој начин погрешија и згрешија во оваа ситуација ќе бидат прозвани со име и презиме. Инцидентните случаи не смее да ги генерализираат нештата и не смее да одат во правец на нарушување на дигнитетот на професијата на сестрите и губење на довербата кај пациентите“, вели Бешлиовска.
Таа потсети дека во Македонија има дефицит од медицински сестри оти постојано ја напуштаат земјата, но во моментот имаме 9.200 медицински сестри за кои вели дека високопрофесионално си ја работат работата. Токму за расчистување на ваквите случаи Бешлиовска вели дека во структурите што тие предлагаат да бидат воведени имаат и суд на честа и надзорен суд, со кои екоја грешка треба да има име и презиме, а не генерализирање на состојбите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зелени коридори на сите премини и размена на искуства и податоци: Скопје и Атина со заеднички план за побрза трговија
Блиската соработка на Царинските управи на Македонија и Република Грција носи видливи придобивки за економиите на двете земји, при што двете страни се длабоко посветени кон унапредување на безбедноста и забрзување на протокот на стока преку засилена соработка, размена на искуства и споделување податоци.
Проширување на примената на зелените коридори на сите граничните премини, споделување на најдобрите практики и искуства на државната хемиска лабораторија на Грција, како и унапредување на соработката помеѓу службите за контрола и истраги, се дел од иницијативите што ќе бидат опфатени во заедничкиот Акциски план на коишто двете страни започнуваат да работат веднаш. Ова се дел од заклучоците на денешната билатерална средба на делегации од двете царински управи предводени од директорите Бобан Николовски и Димитриос Бурикос, на која активно учествуваше и директорката на Националната лабораторија на Грција, Софија Зиси.
„Овој состанок го гледам како можност за утврдување на конструктивни заеднички активности во областа на ефикасни контроли и практични мерки за олеснување на трговијата на границата, имајќи ги предвид напорите и активностите кои Царинската управа на Република Северна Македонија ги спроведува на патот на интеграцијата кон Европската Унија“, истакна Бурикос.
Директорот Бурикос во своето обраќање особено се осврна на реформата на Царинската унија на ЕУ, која значително ќе влијае на идната соработка. Во оваа насока, тој се осврна на трите главни области кои се акцентирани со реформата – централизација на царинските податоци преку заеднички Царински податочен центар на ЕУ, целосна дигитализација, како и поедноставување на постапките преку унапредување на програмата за Овластен економски оператор како клучна за олеснување на трговијата и зајакнување на безбедноста во синџирот на снабдување преку партнерство со приватниот сектор.
Директорот Николовски нагласи дека Царинската управа е цврсто посветена кон спроведување на реформската агенда за побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ, при што размената на искуства со Грција, како земја членка е од големо значење за понатамошно усогласување со европските системи и практики.
„Преку соработката со грчката Царинска управа јасно потврдуваме дека нема отстапувања од нашата цел, изградба на модерна царинска служба што работи по највисоки стандарди. Во фокусот на нашата соработка во периодот што следи се модернизација на царинската лабораторија, унапредување на контролите базирани на анализа на ризик, зајакнување на истражните механизми и олеснување на трговијата преку проширување на зелените ленти и размена на податоци во реално време. Нашата блиска соработка е основа и за унапредување на условите за водење бизнис, како клучно за зголемена трговска размена помеѓу двете држави“, вели директорот Николовски.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.

