Економија
Ангеловска-Бежоска на конституенцата на ММФ и СБ: Потребно е двојно зголемување на уделот на приватниот сектор во зеленото финансирање
Потребна е поголема мобилизација на финансиски средства, особено од приватниот сектор, за зелена трансформација, како дел од структурните реформи и за конвергенција на економиите во развој кон ЕУ. Анализите на ММФ покажуваат дека до 2030 година, уделот на приватниот сектор во зеленото финансирање треба да се зголеми од 40% на 80 до 90% кај брзорастечките и економиите во развој. Улогата на централните банки во поддршката на зелената трансформација станува сѐ поизразена во изминатите пет години, вклучително и на Народната банка, којашто ова прашање го разгледува на системски начин поставувајќи го во рамките на своите стратегиски цели. Ова го порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во својата дискусија на Годишниот состанок на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, на која ѝ припаѓа нашата земја, којшто се одржува во Кишињев, Молдавија. На состанокот на Конституенцата учествуваше и вицегувернерката Емилија Нацевска.
Гувернерката зборуваше на панел-дискусијата на тема „Зошто е важна мобилизацијата на приватниот капитал“, којашто ја отвори главниот економист на Светската банка за Европа и Централна Азија, Ивајло Изворски, со свое излагање. Таа се осврна на доходовниот јаз помеѓу нашата и земјите од регионот со економиите во ЕУ, којшто сѐ уште е длабок, како и на ефектите од мобилизацијата на приватниот капитал за остварување на потребните структурни реформи во економиите, особено зелената трансформација. „Јазот за финансирање на зелените инвестиции е особено голем кај земјите во развој, во нашиот случај се проценува дека е околу 7,7% од БДП. Имајќи предвид дека јавните ресурси се ограничени, особено по скорешните кризи, при зголемена цена на капиталот, потребна е мешавина од повеќе политики за негово надминување. “, посочува Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката се осврна на улогата на централните банки во зелената трансформација, за која поради можните ефекти врз ценовната и финансиската стабилност, има се поголем интерес од центрланите банки.. Ангеловска-Бежоска нагласи дека Народната банка усвои среднорочна стратегија за утврдување на климатските ризици, којашто се заснова врз претходно спроведена анкета за мапирање на екосистемот на зелените финансии во земјава и со која се поставува рамката за сите активности што ги спроведува нашата централна банка во овој домен. Во рамките на активностите спроведени досега, Народната банка издаде насоки за деловните банки за начинот на вградување на климатските ризици во нивните стратегии и известувања, а беше направена и првична анализа на изложеноста на банките кон овие ризици. За полесно да се следи уделот на зелените кредити во кредитните портфолија на банките, Народната банка започна да прибира и да објавува статистички податоци, т.н. „зелена статистика“, а годинава е објавен и преглед на зелени показатели за полесно следење на напредокот на климатските цели. „Народната банка, за да даде пример, ја заврши Политиката за одржливост. Повеќе предизвици се пред нас, како градењето методологија и капацитети за спроведување стрес-тестови поврзани со климатските промени, коишто се особено важни при оцената на ризиците и при соодветното оформување на политиките“, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.
На маргините на состанокот на Конституенцата, гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска имаше средби со гувернерите на земјите членки на Холандско-белгиската конституенца и високи претставници на меѓународни финансиски институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
УЈП: Секоја четврта контрола открива неиздавање фискална сметка
Управата за јавни приходи (УЈП) спроведува засилени контроли во пресрет на новогодишните и божиќните празници, со особено внимание на ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичари и други угостителски објекти.
Пред контролите, УЈП реализирала околу 3.500 советодавни посети, овозможувајќи време за отстранување на најчестите неправилности кај фискалните уреди, како што се несоодветна адреса, оштетени пломби или недостасување на налепница од сервисер. Дополнително, инспекторите проверувале и неуплаќање на дневниот промет во банка и неводење на книгата на дневни финансиски извештаи.
„Истовремено, УЈП спроведе детални анализи на податоците од ГПРС системот, теренските контроли и ДДВ пријавите. Резултатите покажуваат ризично однесување кај некои субјекти кои особено ќе бидат таргетирани за контрола: низок или идентичен регистриран дневен промет, отстапки на регистрираниот промет од капацитетот на локалот, разлика меѓу прометот во фискалните каси и пријавениот во ДДВ-пријавите и др.“, информираат од Управата за јавни приходи.
До крајот на ноември УЈП извршила околу 4.000 контроли. Изречени биле околу 2.500 глоби, а запечатени над 100 локали.
„Секоја четврта контрола открива неиздавање фискална сметка – појава што значи неевидентиран промет, загуби за буџетот и нелојална конкуренција. Казнетите обврзници добија персонализирани повици за корекција на пријавите и пријавување на прометот. Доколку не постапат, следуваат дополнителни контроли со индиректни методи“, велат од УЈП.
Економија
Најважната задача која пред себе ја имаме е да го подобриме животот на граѓаните, рече Мицкоски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот 18-ти Конгрес на партијата кој се одржува во спортскиот комплекс „Јасмин” во општина Кавадарци под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, имаше свое обраќање во кое се осврна на темата за стандардот. Тој истакна дека треба да се работи на системски мерки и решенија, а воедно и дека економијата треба да се раздвижи и домашните компании да се поддржат затоа што, како што вели тој, тие се рбетот на стопанството.
„Најважната задача, која пред себе ја имаме, е да го подобриме животот на граѓаните. Свесен сум дека нашиот народ живее тешко. Ние изминатите нешто повеќе од година и половина власт го посветивме на изградба на темели кои ги затекнавме разрушени. Но од годината што следи нашата основна задача е жилава борба за стандардот на граѓаните. За подобар живот и за создавање на систем кој нема да зависи од субјективните карактеристики на поединецот, туку од моралниот кодекс на заедницата. Систем кој служи на општеството и на она што претставува наша заедничка цел секој човек да има повеќе, да има повеќе пари, повеќе среќа и повисок стандард“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека и покрај намалениот наталитет, радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња во земјава. Тој посочи дека треба да се работи на системски мерки и решенија.
„Потребно е младите да ја добијат вистинската шанса која нема да зависи од политичката или било каква друга припадност, освен од сопствените капацитети и способности. Мора да го подобриме образованието. Знаењето и наобразбата е најважниот и најсигурниот клуч за излез од сиромаштијата. Економијата мора да се раздвижи дополнително, иако до сега се раздвижи најмногу во последната деценија, а домашните компании да се поддржат затоа што тие се рбетот на стопанството. Имаме тешка задача да се бориме против нашето исчезнување како држава и народ, а тоа е демографијата и намалениот наталитет. Радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња, но далеку сме од она што треба да биде вистински мотор на општеството, човечкиот фактор. И затоа треба да работиме на системски мерки и решенија. Помалку луѓе значи послаба економија. Послаба економија значи незадоволни луѓе. Така ја губиме државата. А ние сме премали за да се раситнуваме во секој поглед“, кажа Мицкоски и дополни:
„И кога ја говорам оваа тема за зголемен наталитет, мора да се даде одговор на две клучни прашања. Да се има чувство и грижа за оние кои имаат потешкотии да имаат свој пород, и државата ќе направи се за да помогне за зголемена и подостапна медицинска грижа. И второто прашање е да се помогне младите парови да стигнат до свој дом, затоа што навистина цените на недвижностите се нереални и свесен сум дека претставуваат голема грижа за многу луѓе“.
Економија
Мицкоски: Економијата мора да излезе од замката на ниски плати, до 2030 мора да направиме премин кон економија со високи компетенции
Македонската економија мора да излезе од историската замка на ниските плати, евтината работна сила и ограниченото производство. До 2030 година, земјата мора да направи структурен премин, од економија на евтина продукција кон економија на знаење, високи компетенции и додадена вредност, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во своето прво обраќање во отворениот дел на XVIII конгрес.
„Економската сила ја определува државната сила. Затоа Македонија мора да го напушти моделот на ниска продуктивност и зависност од увоз, и да премине кон економија којашто ќе се темели на знаење, технологија и иновации“, истакна Мицкоски.
Додаде дека овој премин бара системски реформски циклус во повеќе области:
„Индустрии базирани на знаење, технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација, инженеринг, креативни индустрии. Ова е новата економска матрица. Земјата мора да вложува во области што создаваат висока додадена вредност и конкурентност на глобалниот пазар. Дигитализацијата и автоматизацијата се предуслов за приклучување кон европските и светските производствени синџири. Модернизацијата на бизнис секторот, новите дигитални технологии и технолошките паркови ќе создадат работни места со висока додадена вредност и ќе го зголемат извозниот капацитет“, рече Мицкоски.
Домашните компании, додаде Мицкоски, мора да станат мотор на раст преку силна институционална поддршка, капитално вбризгување, кредитни линии, намалени административни бариери и поддршка за раст.
„Националната економија е силна само ако домашните претпријатија се силни. Предвидлива фискална политика, стабилни даночни правила и долгорочно стратегиско планирање, усогласено со европските стандарди се предуслов за развој. Ниту една компанија не инвестира во држава во која даночните правила се менуваат со дневната политика. Довербата се гради со долгорочност, јасност и транспарентност“, посочи, меѓу другото, Мицкоски.

