Македонија
Родителите на бебето и медицинската сестра се смирија и си подадоа рака, случајот е затворен, рече Мемеди

Немало апсолутно никаква намера кај медицинската сестра за нанесување повреда, туку тие модринки на раката настанале при процедурата земање венска крв за анализи на 11 јули. Ова го истакна директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди, откако семејството на бебето јавно ја прозва медициснката сестра дека го тепала доенчето оти не знаеле македонски јазик.
Тој објасни дека земањето крв било реализирано од страна на две медицински сестри, а како последица на механичкиот притисок, настанале хематомите на десната надлактница и подлактница.
„Сметаме дека, највероајтно, во основа причина за алармирање на случајот од страна на родителите е едно недоразбирање меѓу дедото и медиинската сестра, кое се случило претходно, па довербата кон сестрата била нарушена“, рече Мемеди.
Тој истакна и дека вчера била реализирана средба меѓу родителите на 4-месечното доенче и медицинската сестра. Родителите се покажале доблесни и медицинската сестра изразила спремност дека настанот е повеќе последица на погрешна комуникација и си подале рака на помирување, а тука завршила и работата на комисијата, која го истражувала случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Минчев: Јавната администрација мора да биде место каде што луѓето растат, придонесуваат и се чувствуваат добро

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска се обрати на отворањето на националната програма за сертификација „Quintaum МАЦЕКС 2025/2026“, организирана од Македонската асоцијација за искуство на клиенти и вработени – МАЦЕКС, во партнерство со Вита Институт и глобалната методологија Quintaum.
Настанот ги обедини претставниците на јавниот и приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество, а присуствуваше и амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер.
Минчев нагласи дека Министерството за јавна администрација ќе биде првата институција од јавниот сектор која се приклучува на оваа програма, како јасен сигнал дека промените во администрацијата започнуваат одвнатре, преку слушање на гласот на вработените и мерење на нивното вистинско искуство.
„Горди сме што токму Министерството за јавна администрација ќе биде првата институција која се приклучува на програмата „Quintaum МАЦЕКС“.
Со тоа покажуваме дека реформите не се само законски измени, туку и нов начин на размислување – администрација што ги слуша своите луѓе, ги вреднува нивните искуства и гради култура на припадност и мотивација,“ изјави министерот.
Тој се осврна и на соработката со Република Словенија, истакнувајќи дека токму ова партнерство претставува силен поттик за развој на современи политики во управувањето со човечки ресурси и организациска култура.
„Со Словенија воспоставивме вистинско партнерство – преку Меморандумот за соработка меѓу двете министерства, а дополнително со учеството на Амбасадата на Република Словенија во програмата, отвораме ново поглавје на размена на знаења, искуства и добри практики.
Тоа е најдобриот доказ дека оваа иницијатива има европска димензија и кредибилитет“, нагласи тој.
Програмата „Quintaum МАЦЕКС 2025/2026“ претставува иновативен пристап за мерење и подобрување на искуството на вработените во јавниот и приватниот сектор, со цел создавање на повеќе мотивирана, посилна и човечка администрација.
Во своето обраќање, Минчев порача дека јавната администрација не е изолирана структура, туку жива организација што се развива со луѓето и за луѓето.
„Нашата цел е да изградиме јавен сектор што инспирира, а не само функционира. Сектор што е силен, човечки и достоен за довербата на граѓаните“, додаде Минчев.
Министерството за јавна администрација останува двигател на реформите во јавниот сектор, насочени кон градење современа, мотивирана и европска администрација која работи за доброто на граѓаните, додаваат од таму.
Македонија
УЈП со повик: Поднесете ги ДДВ-04 пријавите и платете го даночниот долг

Управата за јавни приходи упатува повик до сите даночни обврзници: поднесете ги ДДВ-04 пријавите и платете го даночниот долг за изминатиот даночен период навреме и одговорно.
„Поради скратената работна недела, даночните обврзници располагаат со пократок рок за навремена подготовка и поднесување на даночните пријави и плаќање на даночниот долг. Законскиот рок за поднесување и плаќање на ДДВ-04 пријавите е 25 октомври (сабота), а бидејќи е неработен ден, тој се поместува за првиот нареден работен ден – понеделник, 27 октомври 2025 година. Во овој период се поднесуваат месечни и тримесечни ДДВ-04 пријави, па во таа насока апелираме до даночните обврзници обврските да се исполнат навремено и да не го чекаат последниот ден од законски утврдениот рок со цел да се избегне преоптоварување на системот и можни технички пречки во последен момент“, велат од УЈП.
Од таму напоменуваат дека поднесувањето на пријавата, без истовремено плаќање на долгот, не ги исполнува законските обврски.
„Само со целосно точно и навремено поднесување на пријавата и плаќање на обврските се избегнуваат дополнителни камати, санкции и непотребен стрес. Навременото исполнување на даночните обврски не само што придонесува за финансиска стабилност на деловните субјекти туку и за правилно усогласување со даночните прописи, што е од клучно значење за стабилноста и ефикасноста на даночниот систем. Дејствувајте одговорно и исполнете ги обврските навреме за да придонесете кон стабилна и функционална даночна практика“, велат од УЈП.
Македонија
Над 3.000 евра за квадратен метар – стан во Центар од 91 м2 е продаден за 280.000 евра

Најголема постигната цена на стан за квадратен метар во периодот јули – септември е 189.231 денар или речиси 3.000 евра, односно платени се 280.000 евра за стан од 91 квадратен метар во Центар, покажаа податоците на Агенцијата за катастар.
Според податоците, најскапи се становите во Центар, Карпош и во Аеродром, каде што цената за квадратен метар е од 1.200 до 1.550 евра.
Во реагистарот на цени и закупнини, во периодот од јули до септември 2025 година, на целата територија на државата регистрирани се 845 новоизградени станови, што е за 169 повеќе од вториот квартал во 2025 година.
Во Агенцијата за катастар на недвижностите досега се запишани 26.463 листови за предбележување градба, што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и набргу ќе се најдат на пазарот на недвижности.
На територијата на целата држава во третиот квартал од 2025 година регистрирани се 6.135 купопродажби. Вкупниот збир на купопродажби е збир од вкупниот број продажби, продажби на лицитација, продажби од инвеститор и откуп од РСМ.
Од 6.135, 4.869 се продажби на недвижности, 937 се продажби од инвеститор, односно прва продажба на недвижноста, 266 октупи од РСМ и 63 продажби на недвижности извршени по пат на лицитација.
Од продажбите од инвеститор 845 се станови, 89 куќи, 2 продажби на гаражи и една продажба на други недвижности.
Најголема ативност на пзарот е забележана во јули, односно 2.303 купопродажби, а најмала во август – 1.974. Во септември се регистрирани 2.038 купопродажби.
Во овој период се продадени недвижности со површина од 8.449.281 квадратен метар и вкупна достигната цена од 18.799.665,845 денари или речиси 308.191.243 евра.
По површина, најмногу се тргувани земјоделско земјиште и шуми, а најголема вкупна цена достигнале становите или 8.625.180.893 денари – 141.396.408 евра.
Најголем број продадени станови има во општина Аеродром, 275 станови, додека најголем број продадени куќи има во Битола – 71 куќа.
Најмногу недвижности од типот земјоделско земјиште и шуми се продадени во Куманово – 122 продажби додека најмногу продадено градежно земјиште е регистрирано во општина Охрид со 48 продажби.