Македонија
Коцевски – Јан Коп: Вистинските пријатели не се оние што ви ласкаат со убави зборови, туку оние што со отворени критики сакаат да ве поттикнат да напредувате
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска го прими во проштална посета Амбасадорот на Кралството Холандија во земјава Дирк Јан Коп за да му се заблагодари за соработката, посветеноста и за придонесот што тој го даде за време на својот мандат за достигнување на европските стандарди во нашата земја во многу клучни области, особено во правосудството.
„За нас исклучително важна е поддршката што ја добиваме од Холандија за јакнење на транспарентноста и отчетноста, но и експертската помош за реформи и за јакнење на капацитетите и на ефикасноста на Јавното обвинителство. Вистинските пријатели не се оние кои ви ласкаат со убави зборови, туку оние кои со отворени критики сакаат да ве поттикнат да напредувате. Токму ваков пријател има Јавното обвинителство и нашата земја во Вас“, рече Коцевски.
Тој го запозна холандскиот амбасадор со преземените чекори и активности од почетокот на мандатот како државен јавен обвинител со цел враќање на јавната доверба, но и со проблемите со кои се соочува институцијата. Коцевски и Јан Коп разговараа за кадровскиот дефицит, за недоволниот буџет за работа на Обвинителството, како и за ефектите од последните измени во Кривичниот законик.
„Беше задоволство да живеам во оваа земја додека траеше мојот мандат, но честопати беше фрустрирачки да се работи тука“, потенцираше холандскиот амбасадор чиј мандат завршува во август, наведувајќи ја културата на корупција која навлегува во сите пори на општеството и која создава комплетна недоверба во институциите на системот.
Јан Коп и Коцевски разменија мислења и во поглед на плановите за реформи во Судскиот совет и Советот на јавните обвинители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Договорено покачување на платите за околу 11.000 административци до 2028 година
Околу 11.000 вработени во јавната администрација, судовите и обвинителствата ќе добијат покачување на платите од речиси 40 отсто до 2028 година, објави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Станува збор за нов договор меѓу Владата и синдикатите УПОЗ и САДУ, за кој Мицкоски оцени дека претставува историски момент, бидејќи, како што рече, никогаш досега немало толку јасен и временски прецизиран план за усогласување на платите и нивно достоинствено ниво.
„Ова е поширок пакет кој ќе ги опфати вработените во администрацијата, судовите и обвинителствата – вкупно околу 11.000 луѓе. Договорот има рок до 2028 година и претставува целосна регулација на односите меѓу Владата и вработените во овие институции“, изјави Мицкоски.
Тој потсети дека Владата веќе има постигнато слични договори со вработените во образованието и здравството.
Мицкоски најави дека паралелно ќе се работи и на нов општ колективен договор, во соработка со репрезентативните синдикати ССМ и КСС.
Македонија
Нелегален објект на аеродромот Стенковец, Николоски соопшти дека ќе бара конфискација
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека ќе почне постапка за конфискација на нелегално изграден објект на спортскиот аеродром Стенковец во Скопје.
„Во координација со повеќе институции – Министерството за транспорт, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Државниот градежен инспекторат и Аероклубот на аеродромот Стенковец – ќе се започне постапка за конфискација на објектот кој е целосно нелегално изграден на државно земјиште“, објави Николоски на својот фејсбук профил.
Тој информира дека ќе биде побарано од Обвинителството и Судот објектот да се одземе во корист на државата, со намера да се стави во функција на Агенцијата за цивилно воздухопловство – за обука на пилоти и други потреби поврзани со воздухопловниот сектор.
Николоски нагласи дека Министерството за транспорт, како институција надлежна за објекти од прва категорија како аеродроми, болници, универзитети, спортски сали и стадиони, „сериозно пристапува кон решавање на проблемот со нелегално изградени објекти“.
„Ова е јасна порака дека нема да се толерира нелегална градба на места каде што Министерството и Државниот градежен инспекторат имаат надлежност“, заклучи вицепремиерот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За тоа како се шверцуваат 5 тони марихуана Димитријевиќ нека го праша Филипче кој панично ја напушта државата на 2 февруари кон јужниот сосед
Еве прецизен одговор за малиот Димитријевиќ за марихуаната. Одговорите за тоа како се шверцуваат 5 тони марихуана нека ги постави на Венко Филипче кој е во отворена комуникација и на команда од Зоран Заев, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
„Зошто Венко Филипче ја напушта панично државата на втори февруари и се упатува кон јужниот сосед. Дали и каков состанок имал со Зоран Заев? Јавна тајна е дека семејството Заеви е вклучено во бизнисот со марихуана. Сосема случајно или не, во Струмица се конфискувани над 30 тони марихуана кај лице советник на Заев и СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Димитријевиќ претдходно денес, на прес-конференција нагласи дека одговорноста за картелскиот скандал со 5 тони дрога која од Македонија завршила во Србија води директно до врвот на власта.

