Македонија
Oбјавени имињата на предлозите за заменик-министри
Владата до Собранието ги предложи следните имиња за заменик-министри, при што целосно се комплетира владиниот тим.
За заменик-министер во Министерството за одбрана се предлага Елфет Исмаили. Исмаили е дипломиран економист. Своето работно искуство го почнува во Фонд за магистрални и регионални патишта. Од 2006 до 2008 била директорка на ГЦПЦ „Пошта Скопје 2“, а од 2008 до 2019 била вработена во АД „Македонска пошта“ како соработник за маркетинг. Во 2019 до 2024 година била придружничка на лице упатено во делегацијата на РС Македонија при НАТО, Брисел, Кралството Белгија.
За заменик-министер во Министерството за внатрешни работи се предлага Астрит Исеини. Исеини завршил на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, а стекнал и титулата доктор на науки по кинезиологија, вонреден професор. Во моментот е вонреден професор на Тетовскиот универзитет и на Факултетот за биотехнички науки во Битола.
За заменик-министер во Министерството за правда се предлага Ален Деребан. Деребан е магистер по право од областа на меѓународното право и меѓународните односи, со завршен правосуден испит. Од 2014 година има сопствена адвокатска канцеларија, а во два мандата е и советник во Советот на Општина Струга.
За заменик-министер во Министерството за односи со заедниците се предлага Неждeт Мустафа. Мустафа е дипломиран професор по филозофија. Од 1996 до 2002 година бил градоначалник на општина Шуто Оризари. Потоа бил дел од македонското Собрание како пратеник, а од 2006 до 2017 година е назначен за министер без ресор – национален координатор на Декадата и стратегијата за Ромите.
За заменик на министерот во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се предлага Зоран Димитровски. Димитровски е магистер на политички науки, а има долгогодишно работно искуство во медиумите како главен и одговорен уредник. Димитриевски од 2020 до 2023 година бил избран за заменик-министер за локална самоуправа.
За заменик-министер во Министерството за европски прашања се предлага Викторија Трајков. Трајков завршила на Универзитет „Св. Климент Охридски“ во Битола и добила титулата доктор на економски науки. Од 2010 година е вработена во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. А од 2019 година е избрана за доцент на универзитетот во Скопје.
За заменик на министерот во Министерството за финансии се предлага Николче Јанкуловски. Јанкуловски е доктор на економски науки, а во овој момент е редовен професор на Катедрата за агроекономија при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Има издадено повеќе домашни и меѓународни публикации.
За заменик на министерот во Министерството за економија и труд се предлага Марјан Ристески. Ристески е дипломиран економист, од 2005 до 2017 година бил градоначалник на општина Прилеп. Добитник е на неколку меѓународни и домашни признанија.
За заменик на министерот во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се предлага Мирослав Лабудовиќ. Лабудовиќ е магистер по електротехника и информациски технологии. Од 2022 година е менаџер на инженеринг во корпорацијата „Теламон“.
За заменик на министерот во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се предлага Флакрон Беџети. Беџети е професор по политички науки на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Тој има долгогодишно работно искуство во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Република Северна Македонија. Бил државен секретар во Министерството за труд и социјална политика, а во моментот е раководител на одделението за претставки и предлози – правен сектор.
За заменик на министерот во Министерството за здравство се предлага Јовица Андовски. Андовски е дипломиран економист, од 2011 до 2017тата година бил заменик-министер за здравство. Тој бил в.д. директор на Секретаријатот на здравствената мрежа на Југоисточна Европа, како и национален координатор на SEEHN на Република Северна Македонија.
За заменик-министер за образование и наука се предлага Лулзим Алиу. Алиу е доктор на филолошки науки. Тој е редовен професор по предметот методика на наставата по албански јазик, литература за деца на Педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 2023 до 2024 година бил продекан.
За заменик на министерот во Министерството за социјална политика, демографија и млади се предлага Ѓоко Велковски. Велковски е дипломиран економист. Има долгогодишно работно искуство во Министерството за труд и социјална политика, бил секретар на Град Скопје, а во последната техничка влада беше технички министер за труд и социјална политика. Од 2013 до 2024 година бил советник во Советот на Општина Чаир.
За заменик-министер во Министерството за локална самоуправа се предлага Ерџан Селими. Селими е магистер по политички науки. Од 2009 до 2014 година бил советник во кабинетот на министерот без ресор. Од 2014 до 2024 година бил државен службеник во Генералниот секретаријат на Владата, а од 2017 до 2024 година бил советник во Советот на Град Скопје.
За заменик-министер во Министерството за култура и туризам е предложен Седат Сулејмани. Сулејмани има завршено Педагошка теологија при Универзитетот „Улудаг“ – Бурса во Турција. Бил заменик-министер за култура, а од 2023 година е вработен во Општина Тетово како советник за стручно административна поддршка на општинскиот инспекторат.
За заменик-министер за дигитална трансформација е предложен Радослав Настасијевиќ-Варџиски. Настасијевиќ-Варџиски е магистер на економски науки – отсек маркетинг-менаџмент, а од 2019 до денес работи во Општина Куманово.
За заменик на министерот што ќе раководи со Министерството за јавна администрација се предлага Лазе Јаќимоски. Јаќимоски е вонреден професор на Правниот факултет во Кичево, Универзитет Св. „Климент Охридски“ во Битола. Има издадено повеќе домашни публикации.
За заменик на министерот во Министерството за транспорт се предлага Калтрина Зеколи-Шаќири. Зеколи-Шаќири е доктор на науки. Од 2016 до 2023 година е професор на Универзитетот „Мајка Тереза“, Факултет за социјални науки, а од 2023 до 2024 година била избрана за в.д. декан.
За заменик на министерот во Министерството за животна средина и просторно планирање се предлага Ане Лашкоска. Лашкоска дипломирала на Природно-математичкиот факултет во Скопје и добива титула инженер по хемија. Лашкоска со години беше пратеник во македонското Собрание.
За заменик на министерот во Министерството за спорт се предлага Сафије Садики-Шаини. Садики-Шаини е инженер по информатика на Природно-математичкиот факултет при Државниот универзитет во Тетово, каде што од 2012 до 2019 била вонреден асистент по информатика. Таа била пратеничка во парламентарниот состав од 2020 до 2024 година. Од 2020 година е асистентка по информатика на Универзитетот „Мајка Тереза“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје конечно добива Луна Парк
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес ја најави долгоочекуваната реализација на проектот за новиот Луна Парк, значајна инвестиција што по децении неизвесност конечно ќе го донесе модерниот семеен парк за забава што го заслужува Скопје, информираат од Град Скопје.
Со започнувањето на јавната набавка за проектирање и монтажа, градот, додаваат од таму, влегува во нова фаза на урбана трансформација која ќе понуди современи атракции, целосна пристапност и нови содржини за сите генерации.
„По долги години оддолговлекувања и лажни ветувања, денес започнува јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк.
По децении изминати во кои генерации деца беа лишени од местото што им припаѓа, место за игра, радост и незаборавни моменти, конечно започнуваме со реализација на проект што ќе ја означи новата ера на семејна забава во нашиот град.
Пред нас е изградба на ултра модерен Луна парк, еден од најдобрите во регионот, изграден според највисоки европски стандарди.
Ќе создадеме простор исполнет со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и целосно ново ниво на урбана забава. Посебно внимание посветуваме на пристапноста.
Луна паркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош“.
Ккако што најавува скопскиот градоначалник на просторот од 84.000 квадратни метри ќе никне место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена.
„Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и уште многу други реквизити ќе создадат уникатна атмосфера која ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје.
Почитувани скопјани, како што ветив – најдоброто доаѓа!
Скопјани конечно добиваат Луна парк што ќе биде симбол на нов почеток, на едно модерно, гордо и достоинствено Скопје“.
Македонија
Законот за правична и соодветна застапеност доби позитивна оценка од Венецијанската комисија, соопшти Фетаи
Законот за правична и соодветна застапеност доби позитивна оценка од Венецијанската комисија, со што се потврдува дека е во целосна согласност со европските стандарди и демократските вредности, информираат од кабинетот на заменик-претседателот на Владата за добро владеење, Арбен Фетаи, во врска со Законот за соодветна и правична застапеност.
Со овој закон, додаваат во соопштението, ќе се обезбеди квалитетна рамнотежа меѓу системот на заслуги и почитувањето на професионалните стандарди, од една страна, и принципот на правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, од друга страна.
„Законот овозможува правична вклученост во вработувањето во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, без да се наруши квалитетот и професионализмот.
Изјаснувањето на етничката припадност е целосно доброволно и не предизвикува никакви негативни последици врз остварувањето на правата на граѓаните, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права и недискриминација. Паралелно со доброволното изјаснување за етничката припадност, законот предвидува и материјални докази од личните карти и други официјални јавни документи, со цел да се спречат можните злоупотреби на само идентификацијата“.
Со ова законско решение, како што појаснуваат од кабинетото на Фетаи се зајакнува институционалниот интегритет, инклузивноста и довербата на граѓаните во системот, преку планирано и деполитизирано управување и примена на европските стандарди за добро владеење.
Делегацијата беше предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, придружуван од професорите по уставно право Тања Каракамишева Јовановска и Јетон Шасивари.
Македонија
Резолуција во Собрание за забрана на прифаќање мигранти – опозицијата ги повика ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да ја поддржат
Опозицијата се обединува против, како што беше наведено, тајните договори на Владата предводена од ДПМНЕ за прифаќање мигранти, соопшти претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Филипче информираше дека на неговата покана се одѕвале претставници на сите партии од опозициската коалиција, со кои разговарале за, како што оцени, сериозноста на состојбата поврзана со договор за мигранти со Велика Британија. Според него, сите учесници се согласиле дека ваквиот модел претставува голема опасност за државата.
„Гледаме дека првите мигранти веќе пристигнуваат во Косово и во Албанија. Огромна е опасноста Македонија да биде вовлечена во ваков процес“, изјави Филипче, додавајќи дека опозицијата дала поддршка на предлог-резолуцијата за прекинување на процесот за примање мигранти.
Тој нагласи дека резолуцијата не е партиска, туку државничка и граѓанска иницијатива, која треба јасно да гарантира дека во Северна Македонија нема да се прифаќаат мигранти како резултат на тајни договори, разговори или условени кредити. Филипче ги повика ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски јавно да се изјаснат и заеднички да ја потпишат и изгласаат резолуцијата во Собранието.
На крајот, тој најави дека политичко-општествената акција ќе продолжи и ќе се проширува со претставници на граѓанскиот сектор, младите, синдикатите и студентите, со цел, како што рече, одбрана на државата, демократијата и безбедноста на граѓаните.

