Македонија
Перински: Со зголемена динамика на работење и соодветна финансиска поддршка можеме да направиме видливи промени во развојот на општините и на регионот
Во серијата состаноци со градоначалниците, денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински имаше работен состанок со градоначалниците од Пелагонискиот плански регион.
До крајот на месецот ќе остварам средби со сите градоначалници, директните разговори се најдобриот начин да се запознаам со состојбите во општините, со проектите што се реализираат но и со отворените прашања на чие што решавање интензивно ќе работиме заедно, рече министерот Перински.
Министерот Перински истакна дека општините и планскиот регион треба да ја интензивираат работата за поефикасно финализирање на започнатите проекти и брзо да ја комплетираат проектната документација за нови проекти кои што ќе бидат финансирани од Владата во наредниот период. Средства ќе бидат обезбедени, потребни се добри проекти и подготвеност од страна на општините за нивна ефикасна и квалитетна реализација, рече Перински.
Министерството за локална самоуправа ќе обезбеди поддршка во текот на целиот процес, но исто така ќе врши и комплетен надзор над изведбата и на трошењето на наменските средства, рече министерот Перински.
На состанокот беше истакнато дека соработката меѓу двете нивоа на власт ќе биде интензивирана заради решавање на сите отворени прашања за подобро функционирање на општините.
Услугите за граѓаните се на прво место и секој предлог или забелешка од локалните власти, но од сега и од граѓаните кои ќе можат директно да комуницираат со Министерството, ќе бидат сериозно разгледувани и во соработка со другите надлежни министерства ќе ги решаваме на најефикасен можен начин, рече министерот за локална самоуправа Златко Перински на состанокот со градоначалниците од Пелагонискиот плански регион.
Градоначалниците од овој регион истакнаа дека се подготвуваат со проекти да конкурираат за поддршка. Од инфраструктурните проекти беа посочени изградба на нова улица и мост во Прилеп, пат во село Јакреново во Крушево, доизградба на доводен цевковод за водоснабдување во општина Могила, изградба и реконструкција на канализациона мрежа од 6км, и водоводна мрежа од 10км во Битола и други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

