Економија
Дали ќе се зголеми минималната плата зависи од вонредни ревизии кои сите јавни институции треба да ги завршат за еден месец

На барањето на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) Владата во првите сто дена да ги прими на разговор и да ја зголеми минималната плата на 450 евра, министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска одговори со барање за дополнителни анализи. Токму поради ова барање на синдикатите вели дека ги задолжила сите јавни институции да направат вонредни ревизии од ќе зависи што ќе се прави со минималната плата.
„Затоа побараме функционална анализа во делот на јавната администрација. Ги задолживме институциите секој да достави функционална анализа, прво да видиме што се случува таму, паралелно со тоа ќе се види што ќе се прави со минималната плата. Требаше да има корекција на платата на администрацијата и таа е предвидена во буџетот. Знаете дека законски имаат право на корекција и таа корекција во законот вели ако е над 3 % инфлацијата разликата меѓу она што било реална инфлација и тие над три проценти им се додава, чинам беше некаде 0,7 % зголемување на платите согласно законот за јавниот сектор“, рече министерката Димитриевска-Кочоска денес, образложувајќи го ребалансот на буџетот.
Со заклучок на Влада, сите јавни институции се задолжени да преземат итни активности во рамки на своите институции, единки и корисници во насока на спроведување на вонредни ревизии за утврдување на наменското трошење на финансиските средства на Буџетот,ж и најдоцна во рок од 30 дена до Владата да достават повратна информација. Освен тоа јавните институции се задолжени при склучување на колективните договори да ги имаат предвид одобрените буџетски средства и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во буџетот за тековната година и утврдените максимални износи на расходи на среден рок.
За разлика од министерката за финансии која ќе чека анализи за да разговара за зголемување на минималната плата, министерот за економија, Бесар Дурмиши, пред две недели рече дека за барањето на синдикалците минималната плата да биде 450 евра ќе се разговара на првата седница на економско-социјалниот совет, но не кажа за кога е планирана.
Синдикалците на првомајскиот протест годинава побараа минимална плата од 450 евра и враќање на трошоците за храна и превоз во првите сто дена на новата влада или протести.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
За четири дена доставени повеќе од 2.500 пријави за самовработување

Во салата на киното „Манаки“ во Битола денеска беа презентирани мерките од оперативниот план за вработување за 2025 година.
Пред голем број граѓани претставниците од Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемаштво), каде што јавните повици се објавени и сите заинтересирани може да се пријават до 20 јуни.
„Со мерките за самовработување на сите невработени лица им даваме финансиска поддршка за отворање сопствен бизнис, која се движи од 7.000 до 10.000 евра, а со здружување две лица од 14.000 до 20.000 евра. Имаме исклучително голем интерес за овој јавен повик и за само четири дена се пријавени повеќе од 2.500 лица. Ги повикувам сите лица што се заинтересирани да се пријават во кој било од 30-те центри за вработување при Агенцијата за вработување во државата“, рече заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Во рамките на јавните повици од мерката 1, „Поддршка за самовработување (претприемаштво)“, во тек се три јавни повици, со кои им се дава можност на повеќе од 1.700 лица да отворат сопствен бизнис и со нив се предвидени:
– финансиска поддршка во форма на грант до 7.000 евра за основање и почнување бизнис за лица постари од 29 години;
– финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за основање и почнување бизнис за млади лица до 29 години;
– финансиска поддршка за здружување две лица во ДОО, каде што таа изнесува од 14.000 до 20.000 евра во зависност од целните групи.
Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на Законот за царинските тарифи, Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата да се намалат царинските давачки на голем број суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија и во енергетиката, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со 70-ина производи, кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора, вклучува намалување до 50 % на царинските стапки што важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царините за стоките по потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот, со што директно ќе влијае на растот на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот план за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.
Економија
Цените на нафтата го забележаа најголемиот скок во последните неколку години поради стравот од војна

Глобалните цени на нафтата пораснаа за повеќе од 4 проценти забележувајќи го најголемиот дневен процентен пораст од март 2022 година поради стравувањата дека потенцијалното проширување на конфликтот на Блискиот Исток би можело да предизвика големи прекини во снабдувањето со енергија.
Цената на „Брент“, меѓународниот референтен стандард, се зголеми за 4,3 проценти, на 72,40 долара за барел, а американската референтна нафта West Texas Intermediate (WTI) скокна за 5 проценти, на 71,40 долар за барел.
Според „Ројтерс“, ова се најголемите еднодневни скокови за двете референтни цени на нафтата од март 2022 година кога почна војната во Украина.
„Остриот пораст на цените на ‘Брент’ ги одразува не само тековните ризици за снабдување туку и растечкото чувство дека потенцијалната ескалација на конфликтот би можела да трае за разлика од претходните краткотрајни епизоди меѓу Израел и Иран“, рече Ахмад Асири, истражувачки стратег во „Пеперстоун“.
Нервозата на пазарите дополнително се потврдува со движењата на американските берзи, пренесува „Танјуг“.