Македонија
„Лопатарот Мицкоски се шета додека државата е во пламен“, велат од СДСМ
„Лопатарот Мицкоски очигледно решил целосно да ги игнорира пожарите во земјата и да се шета на протоколарни конференции во Англија. Откако на првиот ден од пожарите тој лопатареше во Охрид ветувајќи дека за ден-два ќе се ставеле пожарите под контрола, сега реши да избега целосно и да не биде присутен во услови на огромна еколошка криза“, велат од СДСМ.
„Каква неодговорност и бесчуствителност е ова? Мицкоски нема ни Л од лидер, уште помалку премиер кој треба да ја води државата. Дали на секоја криза или некомотна ситуација Мицкоски ќе бега од земјата? Ова е срамно и кукавички. Според информациите од граѓаните, државата гори на сите страни, изгорени се сигурно повеќе од 2000 хектари на Серта во неготинско. Беснеат пожари секаде, а Мицкоски избега од топлото.
Се уште се крие од јавноста и не ги покажува сметките за приватните патувања со синот во Вашинготн, ја задолжи државата преку ноќ, си зема кредит во четири очи од Будимпешта, а граѓаните оставени да се снаоѓаат како знаат со пожарите“, соопшти СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МНР и НТ формира кризен штаб, се повеќе македонски граѓани бараат помош по нападите на Блискиот Исток
Со оглед на влошената безбедносна состојба во регионот на Блискиот Исток, вчера во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше формиран кризен штаб, кој е на 24-часовно располагање на граѓаните. Неговата задача е континуирано да ја следи состојбата и да ги координира и систематизира сите постапки поврзани со македонските државјани кои се наоѓаат во и околу загрозените подрачја, а на кои им е потребна помош или асистенција.
„Истовремено, дипломатско-конзуларните претставништва се во постојана комуникација и целосно на располагање на граѓаните. Согласно информациите од Амбасадите на Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби, како и според јавувањата на СОС телефонот во Министерството во Скопје, тековно се зголемува бројот на наши државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја. Со сите пријавени лица се одржува постојан контакт, при што се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, во зависност од развојот на состојбата. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи“, велат од МВР.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.

