Македонија
ДУИ: Погрешна и штетна е одлуката на Владата против тунелот на Коридорот 8 на оската Гостивар – Букојќ

Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) го изразува своето длабоко разочарување за одлуката на актуелната Влада да ја укине претходната одлука за изградба на патната оска Гостивар-Букојчан, која е дел од Коридорот 8, преку изградбата на тунелот што го поврзува Гостивар со Кичево наместо изградба на висинскиот автопат.
„Сакаме да нагласиме дека одлуката што ја изгласа претходната Влада предвидуваше проектирање и изградба на тунел во должина од 5 километри на автопатот Гостивар-Букојчан, кој е дел од Коридорот 8. Ваквата одлука е донесена по завршувањето на сите геомеханички анализи и истражувања за избор на најдобрата варијанта за изградба на оваа патна оска, која е побрза и побезбедна за развој на сообраќајот, а воедно и поекономична за одржување . Со оваа одлука се решаваат проблемите при изградбата на овој дел од автопатот бидејќи во спротивно ќе има проблеми кои би го продолжиле времето и трошоците за изградба, проблеми кои се евидентни во реализацијата на проектите започнати во изминатиот период“, велат од ДУИ и посочуваат:
„Како и обично, на албанците без легитимитетот на албанскиот народ во моноетничката Влада не беа ниту слушнати и игнорирани кога се поткопува најголемиот и најважниот проект на државата“.
ДУИ потенцираат дека изградбата на Коридорот 8 е од клучно значење за поврзувањето на Северна Македонија со соседните земји и за подобрување на патната инфраструктура што позитивно ќе влијае на трговијата и слободното движење на граѓаните и стоките.
„Сметаме дека оваа одлука е чекор назад во нашите напори за подобрување на инфраструктурата и зајакнување на стратешката позиција на нашата земја во регионот. Оваа погрешна одлука треба веднаш да се преиспита заедно со стратешкиот партнер и да се преземат мерки за продолжување со реализацијата на овој важен проект“, завршуваат од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Карпалак е обврска да изградиме држава во која нема да има место за омраза и поделби

Слава за хероите од Карпалак. Нивното дело и пожртвуваност се памети, нивната храброст и одлучност се почитува, напиша на социјалните мрежи премиерот Христијан Мицкоски по повод годишнината од загинувањето на македонските бранители кај Карпалак во конфликот од 2001 година.
„Нека нивната жртва биде аманет за идните генерации, дека слободата, мирот и достоинството се свети“, додава Мицкоски во напишаното.
Карпалак како што вели, го паметиме како наша обврска, да изградиме држава во која нема да има место за омраза, за поделби, за неправди, и каде слободата на нашата татковина е неприкосновена.
„Македонија никогаш нема да ве заборави! Карпалак е рана, но и аманет“.
Македонија
Обидите на „Вреди“ да клеветат не се ништо друго, освен политичка злонамерност и завист, велат од ДУИ

Министерскиот состанок на ОБСЕ во 2023 година беше најголемиот и најзначајниот меѓународен настан организиран досега во Северна Македонија, настан кој собра министри за надворешни работи и делегации од целиот ОБСЕ простор, ставајќи ја нашата земја во центарот на светската дипломатија цели три дена, реагираат од ДУИ откако денеска „Вреди“ кажаа дека Бујар Османи и во МНР спроведувал сомнителни криминални тендери.
Настанот, велат од ДУИ, беше пофален од сите партнери и меѓународни институции, опишан како совршено организиран и момент што ги направи горди сите граѓани.
Според партијата на Ахмети, сите надлежни државни институции, вклучувајќи ги и тие за надзор ја потврдија неговата законитост, транспарентност и примерна реализација.
„Обидите на „Вреди“ да клеветат не се ништо друго освен политичка злонамерност и завист.
Ниту еден извештај не утврдил незаконитост. Ниту една постапка не е прекршена. Ниту еден договор не е нелегален.
Вистината е едноставна: Северна Македонија ја пречека светската дипломатија и реализираше настан кој ќе остане запаметен како дипломатски и организациски триумф. Овој успех им припаѓа на граѓаните, на институциите и на секој што работеше со посветеност за да го прикаже најдоброто од нашата земја.
Разбираме дека за оние кои никогаш немаат организирано ништо со меѓународна вредност е полесно да шират клевети отколку да ја прифатат реалноста.
Но фактите остануваат факти и ниеден политички шум не може да избрише една национална приказна за успех“.
Кампањата на клевети на „Вреди“ за ДУИ, не е напад само врз една личност туку тоа е навреда за секој службеник, волонтер и граѓанин кој придонесе како што велат, Министерскиот состанок на ОБСЕ да биде извор на гордост за Северна Македонија.
Македонија
На Табановце се чека 20-ина минути

Од 9.45 часот сообраќајот на автопатот Тетово – Скопје е нормализиран, инфмормираат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на Табановце времето на чекање за влез и излез од државата е 20-ина минути, на другите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.