Македонија
Претседателката кај пожарите на Серта: Кога ќе престанат огновите, веднаш да го препрочитаме Законот за управување со кризите
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова бара веднаш да се препрочита Законот за управување со кризите и целосно преиспитување на организацијата внатре, со цел подобро и полесно справување со пожарите, кои речиси секое лето ја зафаќаат државата.
Таа е уверена во способноста на директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, и неговиот тим, како и во подготвеноста на војниците и пожарникарите.
„Го слушав Стојанче и неговите предупредувања, мирна сум знаејќи дека генералот зад мене ќе ја преземе командата со војниците. Знаеме дека се работи за врвно едуцирани пилоти, не само вешти туку и пожртвувани и храбри. Се молам да падне дожд, врвен експерт за климатски промени ми рече дека може да очекуваме дожд, не дека тоа ќе ја реши ситуацијата. Но, онаму каде што е најопасно – имаме луѓе. Местото на претседателката како врховна командантка е таму каде што има припадници на војската. Утрово рано ја потпишав одлуката, верувам во нивната способност зашто секогаш кога било најтешко, тие се наоѓале на вистинското место. Сe зголемува бројот и можностите за ангажман. Јасно ми е зошто е сонцето на нашето знаме, не е само нашата Република во пламен, целиот Балкан е во пламен“, рече Сиљановска-Давкова во посета на припадниците на Армијата вклучени во гаснењето на големиот шумски пожар на планината Серта кај неготинското село Калањево.
Претпладнево, со одлука на Сиљановска-Давкова ангажирани се дополнителни 200 припадници на Армијата за гаснењето на пожарите, со што вкупниот број ангажирани армиски припадници е 300. Заедно со досегашните 100 припадници, кои се ангажирани од почетокот на прогласување на кризната состојба, дополнителните сили ќе извршуваат активности на локации на кои ќе има потреба и кои ќе им бидат доделени од страна на Центарот за управување со кризи, кој е надлежен за координација на сите вклучени институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апелација ја зголеми затворската казна за двајцата директори поради пожарот во модуларната болница во Тетово
Апелационен суд Гостивар ја преиначи пресудата за случајот со модуларната болница во Тетово и на двајцата обвинети им ја зголеми затворската казна од една и пол на по три години. Истовремено е зголемена и паричната казна што треба да ја плати обвинетото правно лице – ЈЗУ Клиничка болница Тетово.
Осудените директори Фљорин Бесими и Артан Етеми се огласени за виновни за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“. Судот оцени дека изречените санкции соодветствуваат на тежината на делото и последиците.
Во пожарот во Модуларната болница во 2021 година загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти кои се лекувале од Ковид-19, и двајца роднини на хоспитализираните.
Македонија
Бугарија понуди мазут за Македонија, од Владата уверуваат дека не е потребна надворешна помош
Бугарија ѝ понудила на Македонија итни залихи на мазут, со цел да помогне во надминување на кризата во снабдувањето со електрична енергија, објави БНТ. Според бугарските медиуми, по проверка на залихите било утврдено дека земјата располага со доволни количини за сопствените потреби и може да ѝ помогне на Македонија во услови на кризна состојба во енергетиката.
Како што пренесува БНТ, понудата била дадена по телефонски разговор меѓу бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев и македонскиот министер Тимчо Муцунски, при што било нагласено дека помошта е израз на добрососедство и солидарност, со цел обезбедување енергетска безбедност и стабилност во регионот.
Од македонската Влада, пак, за Дојче Веле изјавиле дека државата засега не планира да ја прифати понудената помош. Според Владата, Македонија во моментов располага со доволни сопствени капацитети и не се наоѓа во состојба во која би имало потреба од ваков тип надворешна поддршка.
Владата на редовна владина седница донесе одлука за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата во рок од 7 дена од денот на влегување во сила на оваа одлука. Како што информираа, оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството.
depositphotos
Македонија
СДСМ обвини за политички прогон и дефокус со кривични пријави
Од СДСМ денеска обвинија дека поднесувањето кривични пријави претставува обид за дефокусирање на јавноста од, како што наведуваат, криминалите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштение до јавноста, од СДСМ посочуваат дека, според нив, секогаш кога владејачката партија е „фатена во криминални тендери, поскапа струја, мигранти за пари или резолуции против слободата на говор“, се користат методи за одвлекување на вниманието преку лажни вести или кривични пријави.
„Последниот пример е поднесената кривична пријава од МВР за поранешниот градоначалник на СДСМ од Пробиштип и тоа за поништено решение од негова страна“, наведуваат од партијата.
Како дополнителен аргумент за, како што велат, класичен дефокус, од СДСМ посочуваат на настан што се случил пред два дена, при инспекциска контрола на објект во сопственост на началникот на ОВР Пробиштип, каде, според нив, биле утврдени низа неправилности. Во соопштението се наведува дека објектот од намена училиште бил пренаменет во ресторан, со узурпација на државно земјиште, за што, како што тврдат, постојат претходни постапки и правосилна судска пресуда.
„Ова е класичен политички прогон и обид за дефокусирање на вниманието на јавноста“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека, според нив, ваквите обиди нема да успеат.

