Македонија
13 активни пожари во државата, пожарот кај Битола е голема закана за планината Пелистер, вели Ангелов
Дождот помогна да бидат совладани неколку пожари во државата, меѓу нив и пожарот на планината Серта од страна на селото Драгоево во насока на полигонот Криволак и кај селото Колањево, а дождот го изгаснал и пожарот на територијата на општина Конче но и големиот шумски пожар на планината Огражден близу границата со Бугарија, информираше директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.
„Штотуку ми јавија дека пожарот што изби кај Битола се движи кон планината Пелистер и претставува голема закана за зимзелените дрвја и нашиот фокус најверојатно ќе биде ставен овде“, изјави Ангелов.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) вечерва информира дека во текот на денот се регистрирани вкупно 29 пожари на отворено, од кои 13, сѐ уште се активни.
Според Ангелов, дождот помогнал во гаснењето на огнот на планината Серта но таму како што појасни натаму има активни жаришта.
Меѓу општините во кои беснеат пожари според ЦУК се: Чашка, Росоман, Студеничани, Штип, Долнени и други.
ЦУК со детален преглед за состојбата со пожарите:
Општина Чашка: с. Јаболчишта и с. Дреново врв Лисец (високостеблеста вегетација)
Општина Росоман: с. Сирково и с. Подлест (нискостеблеста шума и ниска вегетација)
Општина Студеничани: место викано Бегово Поле (ниска вегетација и шума)
Општина Штип: помеѓу селата Драгоево и Селце, м.в. Хаџи Реџепи (ниска вегетација и грмушки локализиран)
Општина Чашка: с. Габровник префрлен пожар од с. Слепче (мешана шума и ниска вегетација)
Општина Долнени: с. Слепче и с. Гостиражни (ниска вегетација и дабова шума)
Општина Конче: с. Горни и Долни Липовиќ (нискостеблеста шума, локализиран)
Општина Делчево (градска депонија)
Општина Македонски Брод: с. Слатина, кај Грешница (нискостеблеста шума, ниска вегетација)
Општина Македонски Брод: с. Девич (дабова шума)
Општина Василево: помеѓу селата с. Вељуса и Ангелци (ниска вегетација ) Локализиран
Општина Велес: над гробишта кон с. Оризари и градот (висока сува трева и нискастеблеста жбунец)
Општина Пробиштип: с. Гајринци (нискостеблеска и висока трева)
Според ЦУК, изгаснати се вкупно 16 пожари:
Општина Битола: Гермаски гробишта нас. Баир (Ниска вегетација и шума)
Општина Крушево: Градска депонија, (борова шума и ниска вегетација)
Општина Аеродром: нас. Лисиче (ѓубре)
Општина Арачиново: с. Арачиново (ниска вегетација)
Општина Зелениково: с. Дејковец (високостеблеста вегетација)
Општина Кавадарци: с. Шивец (ниска вегетација)
Општина Росоман: с. Трстеник (ниска вегетација)
Општина Штип: с. Радиње (стрниште)
Општина Пробиштип: с. Лезово (ниска шума и грмушки)
Општина Тетово: Палма Мол (ѓубриште)
Општина Гостивар: нас. Питарница (ѓубриште)
Општина Радовиш: кај с. Штурово (Ниско стеблесна шума)
Општина Неготино: с. Калањево (ниско стеблеста шума и грмушки)
Општина Ново Село: с. Бадилен (дабова шума и борова шума)
Општина Гевгелија: Помеѓу с. Негорци и с. Кованец (мешана шума)
Општина Зелениково: с. Вражале (ниска вегетација и шума)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.
Македонија
Евакуирани околу 110 лица по поплавите во Кичево, обезбедено привремено сместување и итна помош, отворена и сметка за донации
Поради обилните врнежи и зголемениот водостој на реките, во Кичево дојде до поплавување на населени места и земјоделски површини, при што беа погодени повеќе домаќинства. Од загрозените подрачја се евакуирани околу 110 лица, кои привремено се сместени во спортската сала во градот, каде што има обезбедено соодветно греење.
Градоначалникот на Кичево, Александар Јовановски, информира дека во соработка со Црвениот крст е обезбеден дел од потребната помош, додека храната за сместените лица се обезбедува преку општинската народна кујна и Црковната кујна, со средства на Општината и поддршка од Црвениот крст.
Во меѓувреме, донесена е одлука за редовна дезинфекција и дезинсекција на просториите со цел да се спречи евентуално ширење на зарази, а ангажирани се и хигиеничарки за одржување на хигиената. На терен активно дејствуваат сите надлежни служби, меѓу кои ТППЕ Кичево, ЈКП „Комуналец“ и други институции.
По барање на Општината, ЈЗУ „Општа болница“ – Кичево ќе обезбедува медицински тимови кои двапати дневно ќе вршат здравствени прегледи на сместените жители. Како што посочува градоначалникот, приоритет во моментов се здравјето, редот и безбедноста на граѓаните.
Од Општината информираат дека станува збор за долгогодишен проблем со излевање на речното корито, кое со години не било соодветно чистено. Штом ќе се создадат услови за безбедна работа, ќе биде ангажирана механизација за чистење на коритото и изработка на насип во регионот кај улицата „Прилепска“, по што ќе се пристапи и кон трајно решавање на проблемот и обезбедување соодветни услови за сместување. Воедно, уште со преземањето на градоначалничката функција започната е изработка на комплетен проект за уредување на речното корито, со цел вакви ситуации да не се повторуваат.
Кризниот штаб ќе формира комисија за проценка на штетите откако ќе се повлече водата и ќе може безбедно да се пристапи на терен.
Црвениот крст на Република Северна Македонија информира дека преку својата општинска организација во Кичево, во соработка со Општина Кичево, во изминатите 24 часа обезбедил итна хуманитарна помош за евакуираното население. На погодените им се доставени душеци, ќебиња, креветнина, облека, храна, вода, хигиенски средства, како и топли оброци, а на терен се ангажирани волонтери кои постојано ја следат состојбата и одговараат на потребите на населението.
Воедно, Црвениот крст упати повик до граѓаните и компаниите кои сакаат да помогнат да донираат парични средства преку Фондот за солидарност. Финансиската помош може да се уплати на сметка 300000001327966, примател Црвен крст на РСМ – Фонд на солидарност, даночен број 4030984271620, преку АД Комерцијална банка, со назнака „Помош за настраданите граѓани од поплавата во Кичево“. Од Црвениот крст посочуваат дека донациите ќе бидат распределени транспарентно и еднакво до сите засегнати.
Дополнително, од Скопје се очекува пристигнување на поголема количина опрема, душеци и кревети, за кои се проценува дека ќе бидат доволни за тековните потреби. Центарот за управување со кризи информира дека во Кичево и околните населби има појава на вода во подрумски простории и на дел од површините, при што ЈКП „Комуналец“ интервенира на локациите со излеана вода.
Надлежните апелираат на смиреност, солидарност и одговорност, нагласувајќи дека здравјето на луѓето е најважно и дека конкретни мерки ќе се преземат веднаш штом ќе се создадат соодветни услови на терен.

