Свет
Во Русија нема извештаи за дефекти во ИТ-системите на аеродромите
Руското Министерство за дигитален развој не добило никакви пријави за дефекти во компјутерските системи на аеродромите во Русија поврзани со проблеми во работењето на програмите на „Мајкрософт“, соопшти прес-службата на ова министерство.
Министерството наведува дека денешната состојба на глобално ниво во врска со програмата на „Мајкрософт“ уште еднаш ја покажува важноста од замена на увезениот странски софтвер, пред сѐ, во објектите за критична информациска инфраструктура, пренесува агенцијата „Интерфакс“.
Истовремено, меѓународниот аеродром „Шереметјево“ во Москва соопшти дека работи нормално и дека влезните и појдовните летови на руски и странски авиокомпании се одвиваат според планираното, пренесува „РИА новости“.
Проблеми и прекини во ИТ-мрежите, вклучително и банките, телекомуникациските компании, медиумите и авиокомпаниите, денеска беа пријавени во светот, а погоден е и компјутерскиот систем на Летните олимписки игри во Париз, кои почнуваат за една недела, објавија светските медиуми.
Компанијата „Мајкрософт“ објави дека презема дејства за ублажување на проблемите што ги пријавиле корисниците, што предизвикало технички проблеми и прекини во функционирањето во компаниите и банките во светот.
Компанијата за сајбер-безбедност Crowdstrike, која произведува антивирусен софтвер, се верува дека стои зад глобалните проблеми со оперативниот систем „Виндоус“, кои ги нарушија ИТ-услугите, објави Би-би-си.
Според некои извештаи, Crowdstrike објави софтверска надградба, која почна да ги уништува уредите што работат на оперативниот систем „Виндоус“ и да предизвика таканаречен син екран на смртта на компјутерите.
Засега не е јасно дали овие проблеми се поврзани или само се случуваат во исто време, но сигурно е дека ќе предизвикаат многу проблеми, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израелскиот амбасадор во ОН до специјалната известувачка: „Вие сте вештерка, се обидувате да нѐ проколнете“
Седницата на Третиот комитет на Генералното собрание на Обединетите нации се вжешти откако израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, остро ја нападна специјалната известувачка Франческа Албанезе поради нејзиниот извештај во кој Израел се обвинува за кршење на човековите права и за меѓународната поддршка што ја добива.
„Госпоѓо Албанезе, секојпат кога се обидувате да го проколнете Израел со лаги и клевети, вашите клетви не успеваат. Вие сте вештерка, а овој извештај е уште една страница во вашата книга на волшепства“, изјави Данон обраќајќи ѝ се преку видео-врска.
Албанезе не можеше лично да присуствува на седницата, бидејќи САД ѝ воведоа санкции и ѝ ја укинаа визата во јули, со образложение дека вршела „нелегитимен притисок врз Меѓународниот кривичен суд“ за постапки против американски и израелски функционери.
Во најновиот извештај, Албанезе остро го критикува Израел, но и обвинува повеќе држави — меѓу нив САД, Велика Британија, Германија и Унгарија — дека се соучесници поради дипломатска или воена поддршка на Израел.
Канада, Австралија и Нов Зеланд се обвинети дека ги „ослабуваат“ резолуциите на ОН што го критикуваат Израел, додека Франција, Италија, Хрватска и Грција се спомнати затоа што му дозволиле на премиерот Бенјамин Нетанјаху да користи нивен воздушен простор и покрај налогот за апсење од Меѓународниот кривичен суд.
Извештајот ги споменува и неколку арапски и муслимански земји, меѓу кои Египет, Јордан, Катар, Саудиска Арабија, Турција, Индонезија, Пакистан и ОАЕ, поради поддршка на мировниот план на Доналд Трамп, кој, според Албанезе, „олеснува нов облик на окупација“.
Свет
Кралот Чарлс му ги одзема титулите на принц Ендру и го сели од кралската резиденција
Британскиот крал Чарлс официјално покрена постапка за одземање на сите титули и почести на принцот Ендру, како и негово селење од резиденцијата „Ројал лоџ“, јави Си-Ен-Ен.
Одлуката уследи по нови реакции во јавноста поради поврзаноста на Ендру со осудениот сексуален преступник Џефри Епштајн и објавувањето на мемоарите на Џуфре, која го обвини принцот за сексуално злоставување додека била тинејџерка, обвинение што тој го негира.
Во соопштение на Бакингемската палата се наведува дека „Неговото Височество денес започна формална постапка за одземање на стилот, титулите и почестите на принц Ендру“ и дека тој отсега ќе биде познат како Ендру Маунтбатен Виндзор.
Палатата потврди дека Ендру ќе мора да се исели од резиденцијаа и да се пресели во приватен престој, додека неговите ќерки, принцезите Евгенија и Беатрис, ги задржуваат своите титули.
Во изјавата се нагласува дека „кралското семејство останува со мислите и најдлабокото сочувство со жртвите и преживеаните на сите облици на злоупотреба“.
Јавноста со остри реакции го коментира случајот, особено по откритијата дека Ендру за резиденцијата платил симболичен износ и плаќал минимална кирија, иако од 2019 година не е активен член на кралското семејство.
Свет
Саграда Фамилија официјално стана највисока црква во светот
Познатата барселонска базилика Саграда Фамилија од денес е и официјално највисоката црква во светот, откако беше поставен новиот дел од централната кула, пренесе „Гардијан“.
Делото на Антонио Гауди сега се издига на 162,91 метар, со што ја надмина катедралата во германскиот Улм, висока 161,53 метра. Во следните месеци се очекува кулата на Исус Христос да ја достигне својата крајна висина од 172 метра.
Темелите на базиликата се поставени во 1882 година, а Гауди починал пред да го види проектот завршен.
Последните децении работите се забрзани благодарение на милионите туристи што ја посетуваат црквата; минатата година ја разгледале 4,9 милиони луѓе, а приходите од билетите целосно се користат за финансирање на изградбата.
Комплетното завршување на Саграда Фамилија се очекува околу 2035 година, а 2026 ќе се одбележи 100-годишнината од смртта на Гауди со низа културни настани.

