Македонија
„ТАВ Македонија“ во врска со глобалниот ИТ-прекин: Сите аеродромски системи се во функција и засега нема откажани летови

„ТАВ Македонија“, подружница на „ТАВ аеродроми“, аеродромскиот оператор на двата македонски аеродрома, известува дека сите аеродромски системи се во функција и засега нема откажани летови, а во врска со глобалниот ИТ-прекин.
„Не се соочуваме со прекини или технички проблеми на нашите системи. Факт е дека одредени авиокомпании се соочуваат со тешкотии со нивните системи, но ние презедовме мерки за овозможување непречени операции на аеродромите. Сепак, ги советуваме и апелираме до сите патници да ги проверат и потврдат информациите за нивниот лет со авиокомпанијата или туристичката агенција преку која резервирале авиобилети“, се истакнува во официјалното соопштение.
Од таму додаваат дека сите аеродромски сектори се во состојба на подготвеност поради глобалниот ИТ-прекин и се преземаат сите неопходни мерки за опслужување на нивните патници на најдобар можен начин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минимална плата од 500 евра

СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минимална плата од 500 евра, најави потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
„Владата е слепа за ситуацијата во која се наоѓаат илјадници работници, кои едвај го минуваат месецот. Затоа, СДСМ јавно ја изразува својата целосна поддршка на Синдикатите за зголемување на минималната плата на 500 евра. Ова не е само барање на работниците, ова е неопходно, ова е мерка која ќе им го олесни тешкиот живот на многу македонски семејства“, рече тој.
Илиевски потсети дека СДСМ веќе еднаш ги поднесе законските измени за поголема минимална плата, за покачување на сите плати, но ВМРО-ДПМНЕ ги одби.
„Ние нема да се откажеме. СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минималната плата од 500 евра. За достоинствен живот и за фер плати. Ќе видиме кој ќе гласа „ЗА“ народот, а кој повторно ќе го сврти грбот на народот. СДСМ е и ќе остане гласот на работниците, на сите граѓани. СДСМ ги слушаше и почитуваше работниците, и сега е така“, рече Илиевски.
Македонија
Петрушевски: Каде се СДС сега да го нападнат главниот обвинител Коцевски или да прашаат за некоја истрага?

Каде се сега СДС да го нападнат главниот обвинител Коцевски или да прашаат за некоја истрага, праша Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со месеци СДС лицемерно глумеа различни страни со главниот обвинител Коцевски, се додека не дојде на ред неговата фотеља, па мораа да запрат со глумата и да го спасат, за тој да продолжи да ги штити нив. Додека СДС лажно го напаѓаа главниот обвинител Коцевски, сакајќи да направат привид дека тој работи по закон, тој им ги штитеше функционерите кои беа потонати до гуша во криминал. Повеќе од година дена главниот обвинител Коцевски релативизираше за СДС и нивните функционери“, рече тој.
Според Петрушевски, ниту еден човек функционер до Заев или Филипче не завршил во затвор, за сите или има спогодби или обвинителството прогледува низ десет прсти кога ги пишува обвиненијата.
„И сега кога се демаскирани, молчи СДС, молчи главниот обвинител Коцевски, ги нема збор да изустат, но важно им е дека се си тече, Коцевски ќе си седи уште некое време во фотеља, а луѓето на Заев и Филипче ќе останат да бидат заштитени. Овој однос на СДС го урива правниот систем и за тоа се директно одговорни. Казната за ваквото држење во заробеништво на правдата ќе дојде на избори. Народот памти и не заборава“, рече Петрушевски.
Македонија
Почина Јулијана Тануровска, долгогодишен новинар и уредник на сателитската програма на МРТ

Почина Јулијана Тануровска, долгогодишен новинар и уредник на сателитската програма на МРТ.
„Со над 35 години стаж во јавниот сервис, таа остави длабока трага во македонското новинарство и медиумскиот простор.
По кусо и тешко боледување, почина Јулијана Тануровска, долгогодишен новинар и уредник на сателитската програма на Македонската радио-телевизија. Со над 35 години стаж во јавниот сервис, таа остави длабока трага во македонското новинарство и медиумскиот простор.
Колегите ја паметат по професионалноста, посветеноста и човечноста“, објави МРТВ.