Македонија
(Видео) Лефков: Братот на Венко Филипче, заедно со Вице Заев ќе произведуваат струја од фотоволтаици
Братот на Венко Филипче, заедно со Вице Заев ќе произведуваат струја од фотоволтаици, пред заминување од власт направиле централа од 1.5 мегавати во Дојран, рече денеска на прес конференција, Миле Лефков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.
„На крајот на минатата 2023 година, Вице Заев и Никола Филипче, братот на Венко, формираат заедничка фирма под името „Фос имерас“. Сопственици на „Фос имерас“ се две компании. „Тотал инженеринг“ од Струмица во сопственост на Вице Заев и „Плус нетворк“ од Скопје чиј сопственик е Никола Филипче.
Никола Филипче брат на Венко Филипче ја купува земјата во Дојран на која сега е изградена фотоволтаичната централа од 23000 м2 во 2021 година, кога министер за здравство е неговиот брат.
Додека Венко Филипче е министер за здравство во владата на Зоран Заев, неговиот брат преку министерството за транспорт добива дозвола за пренамена на земјиштето со цел изградба на фотоволтаична централа. За неполн месец градоначалникот на Дојран од редовите СДС го менува ДУП-от и овозможува Филипче да ја гради централата.
За ова Венко Филипче е претседател на СДС, да ги штити бизнисите на семејствата Заеви и Филипче.
Филипче е претседател на СДС за да може уште некој градоначалник од оваа партија да направи добра основа за бизнис зделка нему блиски луѓе, како неговиот брат и на Вице Заев.
Филипче е прочитан. Одговори и одговорност мора да има“, истакна Лефков од партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со магла и малку сонце
Времето денеска ќе биде променливо облачно и тивко со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла претпладне. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.
Македонија
Возете внимателно, маглата ја намали видливоста на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла од 100 до 200 метри има од Тетово – Скопје – Куманово – Кочани – Сарамзалино – Велес – Неготино – Д.Капија и магла со видливост до 50 метри има Битола – Прилеп – Ѓавато – Ресен – М.Брод – Кичево и Дебар, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.

