Економија
„Окта“ продолжува со спроведување донаторски проекти во обновливи извори на енергија
„Окта“ АД – Скопје и оваа година најавува неколку донации во фотоволтаични централи, со што директно ја поттикнува зелената транзиција во земјата. До крајот на годинатакомпанијата ќе инсталира фотонапонски централи во спортскиот центар „Марко Божиновски“ во општина Аеродромво Скопје, во градинката „Детска радост“ во општина Гевгелија и во основнотоучилиште „Св. Кирил и Методиј“ во општина Велес.
Со реализација на овие донаторски проекти, ОКТА ќе обезбеди фотоволтаични капацитети со вкупна моќност од околу 90 kW, кои значајно ќе ја задоволат вкупната годишна потрошувачка на електричната енергија на објектите. Дополнително, трите фотонапонски централи ќе овозможат годишно производство од околу 113.000 kWh обновлива енергија, намалувајќи ја емисијата на јаглерод диоксид за приближно 54 тони годишно. Над 2800 деца и ученици престојуваат во трите
јавни институции, а само спортската сала „Марко Божиновски“ при општинското училиште „Лазо Ангеловски“ ја посетуваат околу 2000 ученици и младинци во текот на годината.
„Со донациите на фотонапонските централи ја потврдуваме нашата заложба за поголема застапеност на обновливите извори на енергија и забрзување на енергетската транзиција која води до поголема енергетска независност. За нас е исклучително важно што наши партнери се јавни институции каде што најголем дел од времето поминуваат деца и младинци, со што придонесуваме кон намалување на емисиите на јаглерод диоксид, обезбедување на поодржлива иднина и помагаме во едукацијата на младите за значењето на овој процес за заедницата и за животната средина”, изјави Димитриос Пасхос, главен извршен директор во ОКТА.
Во рамки на стратегијата за донаторски вложувања во „зелена“ енергија, минатата година ОКТА донираше три фотонапонски централи наменети за воспитно – образовни институции во земјата. Во градинката „Пепелашка“ во општина Центар во Скопје, компанијата донираше фотонапонска централа на кровната површина на објектот со инсталирана моќност од 20,5 kW, а во средното општинско економско училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид инсталирана е фотонапонска централа со капацитет од 21,8 kW електрична енергија, со што се обезбедува енергија за значаен дел од потрошувачката на училиштето. Во текот на 2023 година, беше поставена и фотонапонската централа во основното училиште „Гоце Делчев“ од општина Илинден со вкупна инсталирана моќност од 15 kW.
Во текот на втората половина од 2024 година, во ОКТА се очекува да започне со работа фотоволтаичната централа со капацитет од 12 MW, лоцирана во кругот на компанијата, како еден од најголемите фотоволтаични проекти во земјата од ваков вид. Почнувајќи од 2018 година досега, ОКТА има инсталирано пет фотонапонската постројки со вкупна моќност од 611 kW (киловати), дел од нив поставени кај свои деловни партнери.
ОКТА АД – Скопје е најголемиот снабдувач на гориво во земјата, обезбедувајќи го пазарот со висококвалитетни производи кои ги задоволуваат последните локални и европски стандарди.Основана во 1978 година, компанијата е предводник во областа на трговија, снабдување и дистрибуција на нафтени деривати во регионот. Како членка на HELLENiQ ENERGY – една од водечките енергетски групации во Југоисточна Европа, ОКТА постојано воведува меѓународни вештини, иновативни решенија и врвни технолошки трендови во секојдневното работење.
Преку своите активности во големопродажбата, ОКТА опслужува големо портфолио на клиенти во земјата и во регионот, од мали претпријатија до големи индустриски капацитети и владини институции. Благодарение на долгогодишното искуство и лидерство на пазарот, компанијата има развиено врвен
логистички систем кој овозможува брзо и сигурно снабдување на клиентите со гориво.
Малопродажната мрежа на ОКТА се состои од модерни бензински станици распространети низ целата земја, кои нудат висококвалитетни производи и услуги за крајните корисници.
Во 2018 година, како компанија насочена кон иновации, ОКТА го прошири своето портфолио со производство, снабдување и управување со електрична енергија од обновливи извори.
Поставувајќи ја безбедноста како врвен приоритет, компанијата е посветена да ја врши својата дејност однесувајќи се етички и одговорно кон општеството и животната средина
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.
Економија
Божиновска – Рама: Гасното поврзување на државата е клучен чекор кон енергетска стабилност и регионална интеграција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама, на која беа разгледани тековните активности и следните чекори за развој на гасната инфраструктура во државата.
Во фокусот на разговорите беше изградбата на интерконекторот со Грција, како еден од најзначајните стратешки енергетски проекти во земјата. На средбата беше направен пресек на досегашната динамика на реализација, текот на градежните активности и координацијата меѓу институциите и изведувачите, со цел проектот да се реализира согласно предвидените рокови.
Посебно внимание беше посветено и на подготовките за реализација на интерконекторот со Србија, при што беше разгледан напредокот во техничките и административните активности, како и тековната комуникација и координација со српската страна. Двете страни оценија дека регионалното гасно поврзување претставува значаен чекор кон диверзификација на изворите на снабдување и зголемување на енергетската сигурност.
На состанокот се разговараше и за долгорочните планови за развој и проширување на националната гасоводна мрежа, со цел овозможување поголема достапност на природниот гас за индустријата, општините и домаќинствата, како и поддршка на енергетската транзиција и намалување на загадувањето преку почисти енергетски решенија.
Министерката Божиновска ја истакна важноста од забрзана реализација на инфраструктурните проекти, нагласувајќи дека развојот на гасната мрежа е стратешки приоритет кој директно влијае врз економската стабилност, конкурентноста на стопанството и сигурноста во снабдувањето со енергија.
Соговорниците се согласија дека координираниот институционален пристап и засилената регионална соработка се клучни за успешно позиционирање на државата како стабилен енергетски јазол во регионот.

