Македонија
Муцунски на средби со високи претставници на американските компании „Рамбл“, „Кантор Фицџералд“ и „Трамп корпорација за медиуми и технологија“

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и претседателката Гордана Силјановска-Давкова, оствари средба со Крис Павловски, основач и извршен директор на интернационалната компанија „Рамбл“, Хауард Лутник, основач и извршен директор на една од водечките финансиски корпорации во САД, „Кантор Фицџералд“, и со Девин Нунес, поранешен конгресмен на Калифорнија и сегашен извршен директор на „Трамп корпорацијата за медиуми и технологија“.
На средбите се разговараше за можностите за соработка во дигиталниот сектор и дигиталните реформи, кои треба да ги спроведе нашата држава со цел да се подобрат услугите кон граѓаните и поедноставување на нивниот живот фокусирајќи се на дигиталната слобода и трансформација на македонското општество.
На нив беа разгледани и повеќе можности за унапредување на економската соработка и зајакнување на бизнис-врските меѓу двете земји. Воедно, беа презентирани и поволностите што земјата ги нуди за странски инвеститори, при што беше изразено заемно уверување дека бројот на инвестициите од САД во земјата ќе се зголемува.
Токму зајакнувањето на соработката во областа на економијата и привлекувањето инвестиции е на линија на приоритетите предвидени со стратешкиот дијалог со САД, на што земјата ќе работи во периодот што следува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево време со изолирана појава на нестабилност попладне

Времето денес ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Попладне во југоисточните делови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 18, а максималната ќе достигне од 28 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во четврток ќе дува умерен до засилен, а во петок повремено силен јужен ветер. Во сабота ќе има услови за повремен локален дожд и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, долж Повардарието повремено засилен северен ветер, кој ќе продолжи и во недела, а дневната температура ќе биде во опаѓање.
Македонија
Битиќи: Ја добивме битката, концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, падна на арбитража

Концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, симбол на криминал и коруптивни зделки, падна на арбитража. Државата ја доби битката, нема да плати штета од 115 милиони евра, реагира пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи и поранешен вицепремиер.
„Да се потсетиме: Случајот односно судските рочишта се затворени во 2023 година. Арбитражниот суд носи конечна пресуда во рок од две (2) години по завршните зборови. Тимот што ги застапуваше правата на нашата држава во целиот тој процес се водеше со јасни определби и насоки од страна на мојот кабинет во претходната Влада“, наведува Битиќи.
И затоа, додаде тој, искрена благодарност до White & Case, нашите главни застапници во арбитражата, државните службеници и експерти кои вложија знаење и енергија, како и до локалните адвокатски друштва за нивната посветеност и професионалност.
„Благодарност до сите што ги застапуваa интересите на државата. Вака се почитува татковината, со искрен настап и без калкулации – а за оние кои имаа други интереси, иднината ќе покаже“, стои во објавата на Битиќи.
Македонија
Поради пожарот кај Јасен, затворен за сообраќај патот Македонски Брод – Скопје

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.