Македонија
Ѓорѓиевски ги испрати спортските таленти на бесплатно летување

Првата група од 165-те ученици кои Општина Кисела Вода ги испраќа на бесплатно летување, денес замина за Охрид. Од денес, па во следните седум дена, заедно ќе се дружат и одмораат победниците во општинската училишна спортска лига. Со нив патуваат и нивните тренери, односно наставници по физичко воспитување.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги испрати, им посака убав одмор и од таму да се вратат со спомени вредни за паметење и енергија за нови успеси. Потсети дека во август на бесплатен спортски камп ќе патуваат и останатите дечиња кои ги исполнија критериумите зададени со јавниот повик распишан од Општина Кисела Вода.
-Денес гледам многу насмеани лица и многу радост кај нашите спортски таленти чиј успех во општинската училишна спортска лига го наградивме со бесплатно летување. Една седмица тие ќе се дружат и ќе можат да спортуваат под менторство на нивните тренери на брегот на Охридското Езеро. Сметам дека ова е одличен начин да споиме на едно место се што е убаво и корисно, бидејќи едновремено ги промовираме спортот и здравиот начин на живот, градејќи стимулативна средина и за сите останати ученици кои на овој начин ќе имаат дополнителен мотив да бидат поуспешни. Воедно, сакам да потсетам дека во август ќе патуваат и станатите ученици од групата која брои вкупно 165 деца. На овој бесплатен седумдневен спортски камп ќе се дружат спортисти од спортските клубови од општината со младински категории и основците од социјален ризик. Сакам да назначам дека ваквите и слични мерки за поддршка ќе продолжат бидејќи влогот во младите е наша обврска, но и големо задоволство-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Левица предлага инспекторат кој ќе казнува за непочитување на грбот знамето и химната: МВР реагира за сквернавење, но не влегува по канцеларии

Партијата Левица оваа недела ќе поднесе предлог-закон за формирање инспекторат за употреба на грбот, знамето и химната на државата, како и знамињата на заедниците во земјава. Бараат да се формира инспекторат оти секојдневно сме сведоци на непочитување на државните симболи, особено за време на јавни прослави, спортски манифестации па дури и официјални церемонии. Симболите, Левица вели дека неправилно и дури навредливо се употребуваат или пак ги нема онаму каде што Законот пропишува дека треба да ги има. Решение гледаат во формирање инспекторат чии инспектори ќе можат да влезат и во канцелариите во кои ги има сите други знамиња од светот освен македонското.
„ МВР генерално реагира на сквернавење на државните симболи, но дали МВР влегува во канцелариите на градоначалниците каде што нема македонско знаме? Дали МВР влегува во канцеларии каде што имаме американско, француско, германско, сите знамиња на светот само не македонско знаме. Дали МВР реагира во тој случај? Не. Затоа треба инспекторат кој е ја следи доследната примена на оваа материја и затоа сметаме дека со ова само ќе се дополни и ќе го пополни правниот вакуум кој веќе постои“, вели пратеникот Амар Мециновиќ.
Формирањето на инспекторат за државните симболи, Мециновиќ смета дека е само пополнување на досегашниот правен вакуум.
„Веќе 27 години постои Закон за употреба на државното знаме и грб, но овој Закон нема орган кој го спроведува. Исто така постои Закон за знамињата на заедниците, и тој Закон пропишува глоби, но нема институција која ги изрекува тие глоби. Практично имаме мртво слово на хартија. Овој закон има за цел да го исполни тој правен вакуум. Со него се превидува формирање инспекторат во рамките на Министерството за правда со јасно дефинирани надлежности, процедура за инспекциски надзор и прекршочни мерки. Инспекторатот ќе има капацитет да врши надзор и над институции и над правни и физички лица, а ќе постои и можност граѓаните да поднесуваат инцијативи до него“, рече пратеникот Мециновиќ.
Предлог-законот за формирање инспекторат што ќе поднесат во Собранието од Левица сметаат дека е суштински бидејќи конечно дава механизам за спроведување на веќе постојните Закони и законска материја оти сега имаме законска материја за која нема инспекторат кој ќе го следи нејзиното имплементирање и ќе казнува.
Очекуваат широка поддршка од парламентарните групи затоа што не се работи за политики калкулации туку се работи за пополнување на вакуум и враќање на достоинството на државните симболи по долго време нивно непочитување.
„Симболите на една држава не се декоративни елементи, тие израз на суверенитетот, идентитетот и колективната меморија на граѓаните кои заедно ја чувствуваат. Овој закон треба да ја зацврсти правната сигурност и еднаквост на сите граѓани пред правниот поредок“, рече Мециновиќ.
Сегашното непочитување на државните симболи партијата Левица смета дека го нарушува достоинството на државата и граѓаните.
Македонија
Градскиот парк личи на џунгла, велат од ЛДП

Обраснати грмушки, неискосена трева, запуштени езерца, неискастрени дрвја и расфрлани отпадоци – ова е сликата која ги пречекува скопјани секој ден кога ќе одлучат да го посетат Градскиот парк во Скопје, велат од Градска организација ЛДП Скопје.
„Неспособноста не само на актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, туку и на целото градско раководство, уште еднаш излегува на површина со несреќната состојба во која се наоѓа Градскиот парк во пролет, кога и е најпосетен.
Наместо простор за одмор и рекреација на граѓаните, од кои голем дел се родители со бебешки колички и мали деца, најголемиот парк во градот е оставен обраснат со треви и потсетува повеќе на џунгла, отколку на современ „градски парк“.
Градската организација ЛДП Скопје во континуитет потсетува и алармира на пропустите во работењето на актуелното градско раководство, без разлика дали станува збор за степенот на нехигиена, поморот на животни Зоолошката градина или севкупно, генералната состојба во која се наоѓа Скопје.
Неспособноста и неработењето на градското раководство во Скопје се аргумент плус во насока на предлогот за враќање на одредбата за референдумско отповикување на градоначалници, предлог кој Либерално-демократската партија активно го застапува преку јавни настапи и учества и организација на панел дискусии и трибини во повеќе градови во државата. Измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа, кои веќе се наоѓаат во собраниска процедура, предвидуваат воведување на механизмот за отповикување на градоначалник, по што веќе нема да има законски заштитени функционери, без одговорност и отчетност пред своите гласачи.
Го повикуваме Град Скопје и јавното претпријатие „Паркови и Зеленило“, како надлежни за одржувањето на Градскиот парк, во најбрз можен рок да го искосат обраснатото зеленило и да им овозможат пријатен и нормален престој на сите посетители во паркот“, се вели во соопштението на ЛДП.
Македонија
За еден ден казнети 968 возачи

За еден ден, полицијата вчера казни 968 возачи и пешаци.
МВР информира дека во врска со засилените сообраќајни контроли за почитување на сообраќајните правила и прописи на патиштата низ државава, вчера биле издадени 968 платни налози. Од нив, поради непочитување на пропишаната брзина на движење беа изречени 636 платни налози, а за неправилно паркирање 57. Санкционирани се и 29 прекршоци заради некористење сигурносен појас, а 11 за користење мобилен телефон.
Вчера се откриени и санкционирани и 81 лице поради непоседување возачка дозвола, а 27 возачи управувале возило под дејство на алкохол. Согласно пак одредбите од Законот за возила – четири возила се исклучени од сообраќај заради техничка неисправност, а 21 возило затоа тоа што не биле со валидна регистрација.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните сите да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта“, велат од МВР.