Македонија
Утринава изгасен и последниот активен пожар во државата
Утринава е изгасен и последниот активен пожар во државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Се работи за пожарот кај селото Тажево во Општина Македонски Брод, во близина на Јавното претпријатие „Јасен“, кој беше едиствен активен пожар во последното деноноќие. Вработените во претпријатието поддржани од двата полициски хеликоптери од утринава работеле на негово целосно догасување.
„Во моментот нема чадење, а воздухопловите се префрлени на страната кон селото Тажево и Брезница, Општина Македонски Брод. Таму во догасувањето на пожарот се вклучени 40 припадници на Армијата, 30 лица од специјалните сили на МВР и 10 пожарникари од ТППЕ Македонски Брод. На тој потег кај Тажево, од страна на градоначалникот на Македонски Брод е вклучена и една градежна машина што работи на правење на просеки кон село Тажево. Се уште дел од пожарот е активен од Тажевскиот Рид кон селото Тажево, но со концентрирано дејство за релативно кратко време се очекува да биде ставен под контрола“, информираат од ЦУК.
Сите други пожари во државата, додаваат од ЦУК, се изгаснати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев: Јавната администрација е некомпетентна, нестручна и непрофесионална, вработените ќе мора да се преедуцираат за да не ја загубат работата
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, давајќи отчет за „100 дена Влада“, рече дека административците што не покажуваат добри резултати на местата на кои се наоѓаат ќе мора да одат на обука што ќе се организира преку нова Академија за административни службеници.
Соред Минчев, главен проблем во администрацијата не е превработеноста, иако и таа е висока, туку недоволната компетентност , недоволната стручност и недоволниот професионализам поради кои не може да даде резултат. Тоа, пак, според негова оценка, е последица на партизацијата на администрацијата, на вработувањата според етничка припадност, а не според стручност и на непотизмот.
Додаде дека во 2016 година во јавната администрација имало 129.000 вработени во 1.290 институции, а во 2023 бројката на вработени била речиси иста – 128.000, но имало 1.370 институции. Само во неговото министерство тој оцени дека се вишок половината, но реформата што ја подготвува не предвидува намалување на бројката туку преедукација, а отказ само за тие што ќе го одбијат тоа или и натаму нема да се обидуваат да дадат подобар резултат.
Негов личен став е дека јавната администрација треба да биде професионална, добро средена, намалена по број и која што ќе пружа сериозно квалитетни услуги на граѓаните. Според министерот, станува збор за процес којшто трае и бара сериозен пристап и во дебатите за трите закони од оваа сфера важно е да се слушне и гласот на граѓаните. Отпушањето на вработените во јавната администрација сега засега не е опција, туку ќе се работи на нивна реедукација. Процесот е веќе започнат во Министерството за јавна администрација каде околу 50 проценти се вишок, но може да изберат што ќе работат според нивните компетенции.
Македонија
Дурмиши нов претседател на Економско социјалниот совет
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши заедно со претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов и претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајкоска, како претставници на социјалните партнери, денеска ја потпиша измената на Спогодбата за основање на економско социјалниот совет со новиот состав.
Согласно новата спогодба министерот за економија и труд ќе биде претседател на Економско социјалниот совет, а останати членови именувани од Владата ќе бидат министерот за социјална работа, демографија и млади, министерката за финансии и министерката за образование.
“Денеска официјално ќе ја одржиме првата седница која има свечен карактер и е конститутивна. За Владата е од клучно значење транспарентен социјален дијалог. Економско социјалниот совет е трипартитно тело на национално ниво преку кое ние во наредниот период ќе го водиме социјалниот дијалог, ќе ги слушнеме барањата и на работодавачите и барањата на синдикатите и ќе носиме заеднички одлуки и мерки кои ќе имаат главна цел да се подобри животниот стандард на граѓаните“, кажа министерот и додаде дека денеска бидејќи е конститутивна седница само ќе се слушнат барањата на синдикатите и работодавачите.
“Денеска ќе ги слушнеме барањата на сите, кои потоа ќе ги пратат официјално до Економско социјалниот совет и ние како точки на дневен ред ќе ги разгледаме во некоја од наредните седници.Сакам да порачам дека во наредниот период сите одлуки, мерки, закони ќе се носат транспарентно во рамки на Економско социјалниот совет и ние ќе ги слушнеме и ќе ги разгледаме сите барања“ кажа министерот Дурмиши.
Македонија
Митева: По моето назначување за портпарол на Владата, поднесов неотповиклива оставка од функцијата пратеник
Новата портпаролка на Владата Марија Митева преку објава на „Фејсбук“ посочува дека веднаш по нејзиното назначување за портпарол на Владата поднела писмена неотповиклива осавка од функцијата пратеник откако во јавноста се појавија реакции дека таа ќе извршува две функции истовремено.
– Прво и најважно е формалниот правен аспект кој во ниеден случај не е заобиколен, затоа што јас лично вчера веднаш по моето именување за Портпарол на Владата поднесов писмена неотповиклива оставка од позицијата пратеник и формално правно, јас ниту извршувам две именувани позиции истовремено ниту имам законска можност истото да го правам. Воедно, истото го темелам согласно одредбите од Законот за пратеници член 8 став 3 кој вели, цитирам: „Мандатот на пратеникот му престанува со денот на настануваьето на случаите од ставот 1 точки 2, 3, 4, 5 и 6 на овој член, што Собранието го констатира на првата наредна седница.” А, во ставот 1 точка 3 се вели дека, повторно цитирам: „На пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран, ако настапи случај на неспоивост на функцијата. Тоа јасно укажува дека мене мандатот ми е престанат, а Собранието на следната седница истото треба само да го констатира, наведува Митева во објавата.
Посочува дека со поднесената оставка нема да учествува во работата на Собранието до одржување на парламентарната седница на која треба да се коснтатира нејзината оставка.