Култура
Концерт „Балканско патување“ во Битола

Во рамките на 54. фестивал „Илинденски денови“ во Битола, Пламенка – гудачки квартет ќе одржи концерт. Концертот ќе се реализира на 28 јули со почеток во 21 на платото пред Офицерскиот дом во Битола.
Концертот е со наслов „Балканско патување“ и тој претставува музички истражувачки проект, во кој преку одделните композиции од балканските земји се доловуваат заедничките музички корени на балканските простори.
На концертот ќе бидат изведени нови аранжмани за гудачки квартет базирани на балкански фолклорни теми во аранжман на Пламенка Трајковска.
Во гудачкиот квартет ќе учествуваат следните музичарки: Пламенка Трајковска на виолина, Милена Гиевска Андоновска на виолина, Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело.
„Балканско патување“ се осврнува кон богатата балканска музичка ризница а посебен осврт е направен на одделните мелодиски и ритмички елементи, кои се блиски на целиот регион и за кои одделните народи сметаат дека се нивни автентични. Овие заеднички елементи се користеа како основа за создавање на нови композиции со гудачки квартет.
Во новите композиции струјат неколку доминанти елементи и тоа: влијанијата на класичната музика и сосема класичниот инструментариум на гудачкиот квартет – виолина, виола и виолончело, заедничките мелодиски и ритмички линии од сите региони на Балканот, и аранжмански пристап кој има за цел да ги отслика музичките прелевања од регион во регион. Сите овие елементи се вткаени во нови музички слики со гудачки квартет и балканска музика кои имаат само еден наслов – балканска композиција.
Концертот „Балканско патување“ е покана и предизвик за слушателот преку интерпретација на балканските музички слики со гудачки квартет да се нурне во светската музичка ризница наречена Балканска музика и преку неа да ја доживее историјата, културата и емоцијата на балканските народи.
Пламенка Трајковска до сега има реализирано повеќе проекти кои се осврнуваат на светското музичко наследство. Таа е дел од етно составот Келтикум кој интерпретираше фолкорна музика од Ирска, Франција, Шпанија и сефардска музика, дел од камерниот состав Агогик со кој интерпретира танго музика. До сега Пламенка има направено аранжмани за македонски фолклорни теми во класичен и кросовер стил и тоа: Ој, девојче, Шумат кај шумат шумите, Елено ќерко, Ај да бегаме мори Васе, Ламенто вело и други.
Пламенка Трајковска досега има настапено на речиси сите позначајни сцени и фестивали кај нас и има реализирано концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција, Танзанија и во Турција.
Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура и Центарот за култура – Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Кинотеката на Македонија ја започнува новата Филмска училница

Кинотеката на Македонија од 13 септември 2025 ја започнува новата Филмска училница, едукативна програма наменета за ученици од основното образование (11 до 14 години) кои сакаат да ја откријат магијата на филмот и да ги совладаат првите чекори во создавањето на сопствени кратки филмови.
Филмската училница ќе се одвива секоја сабота, во текот на десетина последователни викенди, до почетокот на декември. Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со процесот на создавање филм – од идеја и сценарио, преку снимање и монтажа, до финална проекција пред публика.
Сите училници ќе ги предводи режисерот Саша Станишиќ, долгогодишен едукатор и филмски професионалец, а во улога на гости-предавачи ќе се вклучат и монтажери, кинематографери, сценаристи и продуценти кои ќе им ги откријат на младите филмаџии тајните на професијата.
Филмската училница 2025 се реализира во рамките на меѓународниот проект FilmED, финансиран од Европската Унија преку програмата Creative Europe – MEDIA, со цел развој на филмска писменост, промоција на европската кинематографија и збогатување на едукативните ресурси за млади. Проектот ги обединува институции и организации од Македонија (Кинотека на Р. С. Македонија), Полска (Центар за филмска култура „Анджеј Вајда“), Унгарија (Национален филмски центар на Унгарија), Чешка (Крутон) и Словачка (Кино Усмев), со координација на Гете-институтот од Прага.
Со оваа иницијатива, Кинотеката продолжува со својата посветеност на младата публика и на развивање нови генерации што критички ќе го разбираат и креираат филмот, како медиум кој ги поврзува креативноста, културата и современото образование.
Повеќе информации за проектот можете да пронајдете на веб страната https://film-ed.eu/.
Сите дополнителни информации можете да ги добиете на веб страната на https://kinoteka.mk/, https://filmskauchilnica.mk/, како и на телефонскиот број +389 78 398 085 и е-пошта [email protected]
Култура
Продолжува кампањата „Читаме современи македонски автори“ во Градската библиотека

ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје го започнува четвртиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ со романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска како книга на месецот, а разговорот со авторката ќе се одржи в среда (3 септември) во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“.
Кампањата започна во септември 2022 година и досега беа претставени вкупно 24 современи македонски автори и исто толку дела.
Проектот, низ трите препознатливи фази (книга на месецот, разговор со авторот и клуб на читатели) значително го зголеми интересот за современата македонската книжевност низ сите библиотеки од мрежата на ГБСК, па и пошироко. „Читаме современи македонски автори“ во 2024 година беше проласена за Промотор на читачката култура од страна на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).
Во четвртиот циклус од „Читаме современи македонски автори, исто така, предвидени се осум автори и дела. Книгата за месец септември е „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска (издание на Арс Ламина), добитник на Рациновото признание за 2025 година.
Ова е трет роман за возрасни на Ќорвезироска по „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“. Тој е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. „Три Марии“ содржи три самостојни приказни за три различни жени кои носат исто име – Марија и кои сакаат да ги напуштат моментните животи поради грешна љубов. Своја или туѓа. Она што ги обединува во романескна структура е токму станот што се издава и што сите три сакаат да го изнајмат, барајќи спас во него.
Разговорот со Ќорвезироска ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
Култура
(Фото) Свечено затворање на 𝟣𝟩. издание на Битолското културно лето – „Битфест“

Во изминатите 70-тина дена, почнувајќи од 26 јуни, Битола повторно блесна како центар на културните случувања во државата.
Општина Битола беше домаќин на низа настани кои ја славеа македонската музика, култура и традиција, кои отворија простор за младинска креативност, за театарска уметност, за врвни класични изведби и за содржини посветени на најмладите.
„Посебна гордост се настаните што оставија траен впечаток – како спектакуларниот концерт на Армин ван Бурен на Стадионот „Петар Милошевски“, кој уште долго ќе се памети како дел од културната историја на градот.
Со особено внимание ги негувавме и традиционалните манифестации: „Илинденски денови“, „Широк Сокак во бело“, „Битолино“, „Локум фест“ и многу други – настани кои се препознатлив белег на нашиот фестивал и на градот.
Оваа година е значајна и по тоа што за првпат БИТ ФЕСТ доби поддршка од Министерството за култура и туризам токму во доменот на креативните индустрии. Резултат на таа поддршка е и вечерашниот настан, кој ја претставува финалната слика на ова фестивалско лето – “Bitola Art Mapping”, проект кој ја претвори Битола во сцена за современа уметност, за 3Д мапинг, музика и интерактивни инсталации, кои ја пренесуваат културата директно до публиката“, наведуваат од општина Битола.
„Со секое издание на БИТ ФЕСТ ја зацврстуваме позицијата на Битола како културно срце на регионот и дека вечерва е уште една прекрасна страница во таа приказна.
Ова не е само крај на едно фестивалско лето – ова е прослава на уметноста што нè издигнува над секојдневието и ни покажува колку е моќна културата кога ја живееме заедно“, додаваат од општина Битола.
фото: фејсбук