Македонија
Амбулантата во Илинден готова до Нова година, ќе почне со општи лекари, а веќе се бараат и интернист, педијатар, гинеколог…
До Нова година ќе биде пуштена во употреба реновираната амбуланта во општина Илинден, која ќе ги опслужува и жителите на соседната општина Петровец. Министерот за здравство, Арбен Таравари, вели дека околу 30.000 жители ќе имаат можност во оваа амбуланта да добиваат здравствени услуги.
„Би почнале со општи доктори, општа медицина и во меѓувреме ќе видиме уште отсега ако можеме да најдеме концесионери педијатар, општ интернист, специјалист гинеколог, кои би ги опслужиле сите граѓани во овие две општини. Јас се надевам дека пред Нова година ќе бидеме сите заедно тука и ќе го видиме објектот опремен и со медицински персонал внатре“, рече министерот Таравари по денешниот увид во градежните активности за новиот објект, во кој ќе се смести амбулантата.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, потсети дека амбулантата се гради на барање на жителите на Илинден, општина со брзорастечки број на населението.
„На ова место се наоѓаше стара амбуланта изградена пред половина век. Десетина години наназад едно од барањата на граѓаните беше изградба на нов здравствен дом. Беше многу ветуван претходно, но не беше реализиран. За таа цел, на лично моја иницијатива, како градоначалник се изработи нов проект и заедно со претходниот министер за здравство, Фатмир Меџити, потпишавме договор според кој оваа амбуланта требаше да се почне во најкусо можно време“, рече градоначалникот Георгиевски.
Договорот беше потпишан во декември минатата година. Георгиевски рече дека со подготвителни работи почнале во април, а со градежните во мај.
Амбулантата ќе чини 16 милиони денари, од кои 8 милиони денари се обезбедени од Министерството за здравство и уште 8 милиони обезбеди Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

