Македонија
Мицкоски: Од информациите што ги имам има индиции на злоупотреби во Академијата за судии и обвинители
„Од она што го знам, има индиции за злоупотреби, има индиции за создавање еден центар на моќ во Обвинителството и судството, кој е партиски октроиран преку наместени огласи, избори и слично. Такви индиции има, дали ќе се потврди, ќе каже МВР“, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски додаде дека доколку се потврдат овие индиции, значи дека тоа е само уште еден доказ оти имаме партиски октроирани и заробени и обвинителство и судство.
„Но, доколку се потврди, од она што јас го имам на располагање, тоа е уште еден чекор кон тоа дека навистина имаме партиски октроирани и заробени и обвинителство и судство и не ме чуди што довербата е само два процента“, рече тој и додаде:
„И континуирано ќе продолжиме да се бориме против криминалците во правосудниот систем. Ќе повторам, станува збор за исклучоци. Имаме многу чесни обвинители и судии, но, за жал, тие се во втор план, овие се во прв план малкумина и затоа состојбата е таква каква што е, односно довербата е скромни два процента“.
Премиерот Мицкоски е дециден и вели дека во државата мора да владее правда.
„Ние ќе продолжиме и понатаму. Нема да застанеме тука како Влада. Мора граѓаните да добијат правда бидејќи тоа е она со што излеговме уште за време на кампањата на претседателските избори во 2019 година. Правда мора секој да добие“, нагласи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

