Македонија
Тренчевска: Не само што нема за плати, со ребалансот ДПМНЕ крати пари и кај лицата со попреченост
-Со ребалансот на буџетот не само што ќе нема повисоки плати, ниту пензии, туку ДПМНЕ сега крати пари од лицата со попреченост, крати пари и од програмата за поддршка на Сојузот на инвалидските организации, и тоа 10 милиони денари, крати од буџетот на Министерството на социјална политика на демографија и млади, крaти пари од најранливите категории, рече пратеничката Јована Треневска денеска на Комисијата за финансирање и буџет.
Таа појасни и дека ДПМНЕ, очигледно не се ни запрашува дали здруженијата на инвалидските организации веќе имаат потпишано договори и преземени активности, ниту пак се интересира кој ќе ја плати штетата, но овие прашања никогаш не биле приоритет на ДПМНЕ.
-Од друга страна, предвидуваат нови 100 милиони евра за поддршка на нови проекти на општините, и да не се разбереме погрешно, добро е да се вложува во инфраструктурни проекти на општините, во развој, но не треба да се крати од веќе постоечките и планирани средства за кои се општините имаат склучено договори, затоа што ваквата ситуација наведува на помисла дека со овие средства ВМРО-ДПМНЕ ја започнува кампањата за Локалните избори 2025, што не е непознато за оваа партија и во минатото, додаде Треневска.
Таа се осврна и на заемот од Унгарија, која исто така е задолжена, и која ќе и позајми на нашата држава, 1 милијарда евра. Па сега, прашањето е: од што мака ни позајмува Унгарија една милијарда евра и што к’смет имавме па и покрај толкавата задолженост на Унгарија, таа да ни позајмува пари. Или е ова случајност, нивното задолжување во кинески банки, а нашето задолжување во нивни банки. Ама случајност нема, ама нема ниту тајни“, рече Тренчевска.
Наместо фискална консолидација, имаме зголемување на буџетскиот дефицит и на јавниот долг и тоа е на штета на економијата и на граѓаните, рече пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната седница на Комисијата за ребаланс на буџетот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

