Македонија
Активен пожарот кај Светиниколско, населените места не се во опасност, пожарот кај Прилеп ставен под контрола

Пожарот кај Светиниколско утрово се уште е активен, соопштуваат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Како што информира директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, фронтот на огнот е многу широк, но населените места не се во опасност.
На терен работат пожарникари, а како што појаснува Ангелов во приправност има доволно припадници на Армијата кои се вклучуваат во гаснењето на пожарот на барање на локалните командири.
Според него, во текот на денот, на овој пожар ќе делуваат еден армиски хеликоптер „ми-17“, како и трите „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Пожарот над Прилеп, според ЦУк, во голем дел е ставен под контрола.
„Доцна во ноќта е спасен и манастирот, во комуникација со командирот на ТППЕ Прилеп известени сме дека во моментот позади сртот на Маркови кули пожарот е поделен во два крака, ќе направат напори да го стават под контрола и да го изгаснат. Има доволен број на луѓе на терен а воздушна подршка во моментот не е потребна“, вели Ангелов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ со осуда: Дискриминаторско и моноетничко вработување во филијалата на ЕСМ во Струга и Хидроцентралата во Дебар

„Демократската унија за интеграција со длабока загриженост реагира на најновите вработувања во филијалата на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) во Струга и во Хидроцентралата во Дебар, каде што е спроведена неприфатлива пракса на етничка дискриминација и исклучување на Албанците“, велат од ДУИ.
„Во филијалата „Црн Дрим“ во Струга, се ангажирани 23 лица со привремени договори за вработување – сите од македонската заедница, а ниту еден Албанец, иако Албанците сочинуваат значителен дел од населението во овој регион.
Истовремено, во хидроцентралата „Шпилје“ во Дебар се реализирани 8 нови вработувања – повторно без вклучување на ниту еден граѓанин Албанец.
Овие случувања укажуваат на координиран и намерен модел на институционална дискриминација и исклучување и претставуваат директен напад врз принципите на правична застапеност и еднаквост при вработување, кои се загарантирани со закон и со Устав.
Уште позагрижувачка е тишината и соучесништвото на остатоците од ВЛЕН во Владата, кои ги гледаат моноетничките вработувања на ВМРО, но не успеваат да обезбедат ниту едно работно место за народот кој тврдат дека го претставуваат.
ДУИ им упатува итен повик на раководството на ЕСМ и надлежните институции да дадат јавно објаснување и да преземат конкретни мерки за исправување на оваа неправда.
Практиките на вработување во јавните претпријатија не смеат да се претворат во алатки за етничко фаворизирање и партиски клиентелизам.
Во една демократска држава, еднаквоста при вработување не е привилегија, тоа е основно право. Затоа не смееме а да молчиме пред ваквото понижување“, се додава во соопштението на ДУИ.
Македонија
Дел од Аеродром и Студеничани денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов крак – 5, општина Аеродром;
– од 09:00 до 15:00 часот, корисниците на потегот од Китка кон Солунска Глава, вклучувајќи ги и викендиците на Китка и местата: Алдинци, Преслап, Палиград и Караџица, општина Студеничани.
Македонија
Променливо облачно и топло со сончеви периоди, попладне пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно и топло со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Попладне наместа ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 23 до 29 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со умерен југозападен ветер. Под влијание на нов влажен бран во деновите од викендот ќе има врнежи од дожд, локално во форма на невреме со пообилен дожд (над 30л/м2), проследен со грмежи и засилен ветер. Дневните температури ќе бидат во опаѓање.