Македонија
Минчев повлече закони на претходната влада од собраниска процедура
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, информира дека Министерството, во согласност со законските надлежности, ги повлече законите од собраниска процедура поднесени од претходната влада, и тоа: предлог-законот за административни службеници, предлог-законот за вработени во јавниот сектор и предлог-законот за стручно усовршување и обука на административните службеници.
Оваа обврска, како што е образложено, е во согласност со донесениот Закон за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, со која впрочем и се формира ова министерство.
„Но, сакам да потенцирам дека, освен техничкото усогласување со ЗОРОДУ, повторно отвараме широка дебата за овие закони со цел сите заинтересирани и засегнати страни, граѓански организации, институции, синдикати, меѓународни организации, преставници на СИГМА и Европската комисија, експертската јавност и опозицијата во државата да дадат свој придонес и свое мислење.
Новата законска рамка треба да го подобри управувањето со човечките ресурси во администрацијата и да обезбеди вработување и унапредувања засновани на заслуги.
Изминатиот период остварив повеќе средби со преставници на граѓански и невладини организации, синдикати, како и меѓународни организации, кои исто така ја нагласија потребата од доработка на законите.
За таа цел, почнувајќи од утре, Министерството за јавна администрација организира процес на консултации преку организирање кампања со мотото: „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација.
„Оваа кампања е доказ за колективната посветеност на Владата на Република Северна Македонија за зајакнување на ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на јавната администрација во нашата земја. Јавната администрација е столбот на секоја нација. Обезбедува услуги, кои им се даваат на граѓаните, а кои не само што треба да се ефикасни туку и транспарентни и достапни“.
Првата јавна дискусија ќе биде организирана утре, 31 јули 2024 година, нагласи Минчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

