Македонија
Муртезани: Од само декларативни заложби за интеграција во ЕУ, преминуваме на конкретни дела
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска одржа тематска прес-конференција осврнувајќи се на дефинираните цели по кои ќе дејствува Министерството за европски прашања за време на неговиот мандат. Тој се осврна на неколку важни прашања, како што се искористувањето на средствата од ЕУ преку ИПА-фондовите, предизвиците со кои се соочуваме, ризиците на кои сме изложени и мерките што ги преземаме за да ја подобриме нашата способност за користење на овие клучни финансиски ресурси.
Муртезани нагласи дека стапката на апсорпција на европските фондови е недоволна, со само 34 % од расположливите средства покриени со потпишани договори и само 22 % од средствата исплатени. Ова одразува поширок проблем со неефикасноста, што резултира во губење значајни средства.
„Во изминатите две години покрај бавното спроведување на ИПА, Северна Македонија се соочи со неискористени ИПА-средства на кои им истече рокот за користење и тие се вратени во буџетот на Европската Унија. Така, на крајот на 2022 и 2023 година беа изгубени 24 милиони евра, односно околу 55 милиони евра соодветно во двете години, односно вкупно 79 милиони евра. Се проценува дека до крајот на 2024 година постои опасност за губење дополнителни 43 милиони евра од ИПА II“, истакна тој.
Муртезани ги презентира и стратешките мерки за справување со овие предизвици, меѓу кои се јакнењето на ИПА-капацитетот преку нови вработувања и политиката за задржување на кадарот во ИПА-структурата: „Високата флуктуација на обучени ИПА-професионалци, често привлечени од приватниот сектор, создава загриженост. Нашата цел е да создадеме јасна рамка за развој на кариерата и задржување на персоналот во ИПА-структурата“, нагласи Муртезани и додаде:
„Ефикасноста и ефективноста на нашето користење на европските фондови не се само административни прашања, туку се од суштинско значење за нашиот национален развој и патот кон членство во ЕУ. Должни сме да се соочиме со овие предизвици директно и да ги исполниме нашите обврски кон граѓаните“.
Министерот најави и посета на инситутициите што работат на проекти финансирани од ИПА како би се воспоставила тесна соработка при идентификувањето и надминувањето на предизвиците во пресрет на европските фондови за капитални проекти од витално значење за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во израелски напади во Газа убиени 17 лица, меѓу нив шест деца
Во израелски напади на северот и југот на Појасот Газа убиени се најмалку 17 Палестинци, меѓу кои и шест деца, соопштија локалните болници, пренесе Би-Би-Си.
Израелската војска наведува дека нападите уследиле откако, според нив, „терористи отвориле оган и тешко раниле еден војник“ на северот на Појасот Газа, во близина на таканаречената Жолта линија, која според договорот за прекин на огнот со Хамас означува територија под контрола на Израел. Како одговор, биле изведени прецизни удари од копнени и воздушни сили, поради, како што наведуваат, „очигледно кршење“ на примирјето.
Болницата Ал-Шифа во Газа соопшти дека примила тела на 13 лица, меѓу кои пет деца, по напади врз шатори и домови во источните квартови Зеитун и Туфа. Во болницата Насер во Хан Јунис биле донесени тела на уште четири жртви, меѓу кои и едно дете.
Од стапувањето во сила на примирјето на 10 октомври, Израел и Хамас речиси секојдневно меѓусебно се обвинуваат за негово кршење. Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас, наведува дека од тогаш во израелска ватра загинале најмалку 529 луѓе, додека Израел соопштува дека во палестински напади загинале четворица нивни војници.
Македонија
СДСМ му оддаде почит на македонскиот великан Гоце Делчев
Делегација на СДСМ предводена од генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ, заедно со членовите на Извршниот одбор, Наташа Поповиќ и Петар Огњеновиќ, денеска оддаде почит и се поклони пред ликот и делото на македонскиот великан Гоце Делчев.
„Идеалите на Гоце Делчев за слободна, праведна и напредна Македонија и денес се силен потсетник дека иднината се гради со храброст, знаење и единство. Наша должност е да ги чуваме и живееме тие вредности, секој ден.
Нека е вечен споменот на македонскиот великан Гоце Делчев“.
Македонија
Мицкоски: Очекувам раководството на ССМ да излезе од партиската прегратка и да се договори со Владата во интерес на административците
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека очекува неколкумина од раководството на Сојузот на синдикати да излезат од, како што рече, партиската прегратка и да постигнат договор со Владата во интерес на работниците, односно на административните службеници.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со утрешната средба со УПОЗ и очекувањата, Мицкоски нагласи дека дел од вработените во јавната администрација сè уште немаат договорен Колективен договор со Владата.
„Очекувам да излезат од партиската прегратка тие неколкумина во раководството на Сојузот на синдикати и да се договорат со Владата во интерес на работниците, односно во интерес на административните службеници, бидејќи уште тие, како што многу пати кажав во минатото, уште тие 7.700–7.800 наши колеги немаат со Владата договорен Колективен договор, сите останати имаат“, изјави премиерот.
Тој додаде дека со ваквиот договор Владата, како работодавач, ќе ги заокружи односите со сите вработени до истекот на мандатот.
„Со ова, Владата како работодавач ги заокружува односите до истекот на мандатот на оваа Влада, до 2028 година, со сите оние на чии работодавач директен или индиректен е Владата“, рече Мицкоски.

