Македонија
Македонија се понуди да ѝ помогне на Украина со своето искуство со евроинтеграциите

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имаше средба со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, во чиј фокус беа прашања поврзани со европската интеграција и билатералната соработка.
Муртезани ја нагласи силната поддршка на Северна Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и украинскиот народ, во контекст на руската воена агресија, истакнувајќи ја нашата целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Воедно, Муртезани ја поздрави позитивната одлука на Унијата за кандидатскиот статус на Украина за членство во ЕУ.
Соговорниците изразија надеж за успешен напредок на двете земји на евроинтегративниот пат, за што министерот Муртезани ја потенцираше подготвеноста на Северна Македонија да ги сподели своите искуства во однос на пристапните преговори и процесот на скрининг, усогласувањето на законодавството со правото на ЕУ, подготовката на национална верзија на европското Acquis, координацијата на ИПА фондовите и сл.
На состанокот стана збор и за можна соработка во контекст на споделување искуства и добри практики, преку Меморандум за соработка на теми поврзани со евроинтеграцијата, на иницијатива од македонска страна. Дир и Муртезани ги реафирмираа одличните билатерални односи, осврнувајќи се на модалитетите за зајакнување на политичкиот дијалог, економските односи и инвестиционите можности со оглед на состојбите во Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода делови од Скопје

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиена информација од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известува дека денеска (четврток):
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул. Благоја Стефковски 152, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Благоја Стефковски и населбата Хиподром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
( општина Гази Баба )
· поради уличен дефект ф-200 на бул. Илинден бб (во близина на маркет “ Рептил“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од булеварот, односно потегот од Бледски Договор до Манапо и следниве улици: Драгиша Мишовиќ, Роберт Кох, Трифун Пановски, Радика, Огражден, Пелистерска, Струма и Карпошево Востание.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.( општина Карпош ).
Македонија
Утре нестабилно време со врнежи и грмежи

Времето утре ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени локални врнежи од дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и услови за изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 25 степени, јавува УХМР.
До крајот на оваа седмица ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.
Македонија
Пресудата е политички мотивирана, рече Јакимовски кој е осуден на три и пол години затвор

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски е изненаден од пресудата со која е осуден на затворска казна од три и пол години.
Обвини дека се работи за политички мотивирана пресуда и најави жалба до Апелацискиот суд.
„Навистина сум изненаден од пресудата. Без никакви докази, на 100 отсто докази на наша страна дека немаме сторено кривично дело, носат пресуда со која ме осудуваат на четири години со единствена казна затвор на три години и шест месеци“, изјави Јакимовски.
Во насока на делото, Јакимовски изјави дека е осуден за легализација на две бараки кои биле монтажно-демонтажни и направени од гипс-картон, во согласност со сите стандарди, додавајќи и дека дека за времени објекти не може да се води кривична постапка.
Рече и дека Обвинителството се послужило со фалсификат кој бил докажан со вештачење, но судот не го зел предвид.