Македонија
Нема поскапување на нотарските тарифи, не смее народот да плаќа десетпати повеќе: Филков ја повлекува одлуката на Лога
Министерот за правда Игор Филков информира дека иницирал постапка за повлекување на одлуката за давање согласност за десеткратно зголемување на нотарската тарифа, која ја донел неговиот претходник Кренар Лога пред да замине од функцијата.
Според Филков, неговиот претходник преку скриен процес, без да ја информира јавноста, потпишал одлука со која од 1 септември нотарските услуги ќе се зголемеле десетпати, но, како што рече, ова нема да се случи.
„Како што знаете, пред да замине од функција, поранешниот министер за правда Кренер Лога потпишал одлука со која од 1 септември ќе се овозможеше зголемување на услугите на нотарите10 пати. Ова нема да се случи. Затоа ќе ги повлечам измените за новата тарифа. Вака не се работи.
Не смее народот да плаќа нешто 10 пати повеќе, односно не смее да се носат одлуки без да има широка дебата, без да слушнеме што мислат за тоа сите засегнати страни“, исткна Филков.
Таквата одлука, како што појасни, била донесена уште во февруари, но се чекало да поминат изборите, по што на 6 јуни техничката влада дала одобрение и новите тарифи биле објавени во „Службен весник“ на 11 јуни.
„За ова никој не ја информирал јавноста, ниту преку официјални соопштенија ниту на прес-конференција, односно процесот бил скриен. Новите цени треба да важат од 1 септември и тоа нема да се случи“, нагласи Филков.
Според него, за промената на цената мора да има сериозна анализа.
„Мора да има утврдено потреба од сериозно зголемување како што предвидел поранешниот министер, кој од неразбирливи причини терал некоја агенда за поскапувањето. По повлекувањето на одлуката, имам намера да отворам дебата и да разговараме што може да се направи сѐ со цел да не бидат оштетени ниту граѓаните ниту нотарите“, рече Филков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.
Македонија
Хоџа: И во 2026 обезбедивме средства за Националните паркови кои се клучен столб во заштитата на природното наследство
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на работен состанок со директорите на националните паркови Пелистер, Маврово, Галичица и Шар Планина, ја потврди силната и континуирана поддршка на Министерството за нивниот развој, заштита на прирдоните вредности и одржливо управување.
„Со особено задоволство можам да истакнам дека и во 2026 година, Министерството во својот Буџет обезбеди наменски средства за понатамошен активности за заштита и промоција на националните паркови, што претставува јасен сигнал за долгорочната посветеност на државата кон заштитата на природата и одржливиот развој“, истакна министерот Хоџа.
На средбата беше нагласено дека националните паркови се клучен столб во заштитата на природното наследство, но и важен двигател на одржливиот туризам и локалниот економски развој.
Министерот Хоџа истакна дека Министерството ќе продолжи со поддршка на активностите на националните паркови преку подобрување на законската регулатива, обезбедување стабилна финансиска поддршка од државниот буџет, како и преку координација и мобилизација на средства од ПОНТ, ЕУ ЛИФЕ програмата и други меѓународни партнери. Со тоа ќе се зајакне управувањето, ќе се унапреди заштитата на биолошката разновидност и ќе се развива зелена инфраструктура во националните паркови.
Националните паркови, како што беше нагласено на средбата, денес претставуваат не само заштитени подрачја, туку и значајни двигатели на одржливиот развој, атрактивни еко-туристички дестинации и позитивен пример за одговорно управување со природните ресурси.

