Македонија
Мицкоски: Не се откажувам од реформите во правосудството, заврши времето кога криминалци се прикажуваа како чесни граѓани
„Јас не се откажувам и од распуштање на Судскиот совет како реформа и од распуштањето на Советот на јавни обвинители, чекам предлози, очајно молам за предлози за да не биде довербата кај граѓаните 2 проценти во правосудството, да не бидат криминалци чесни граѓани, а чесните граѓани да бидат криминалци, зашто имаме исклучоци на корумпирани обвинители и судии, тоа не е генералната слика да се разбереме, имаме такви исклучоци.
Немам ниту братучеди, ниту браќа, ниту сестри еве јавно кажувам на македонската јавност, на овој народ му е преку глава да се чувствува како граѓанин од втор ред во својата држава, затоа што неколкумина криминалци мислат дека се над законот, а тоа им го овозможуваат овие институции, затоа што се таму благодарение на тие неколкумина политички криминалци и вистински криминалци“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Тој потенцираше дека е избран од граѓаните и дека е обврзан да го достави тоа што го понудил како решение и нагласи дека е подготвен да разговара со секој кој има некаква идеја.
„Јас толку знам како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, сум излегол на избори, сум понудил решение, гласале 450.000 граѓани и тоа мене ме обврзува. Ако некој знае подобро нека каже, јас сум подготвен да разговараме. Секој којшто знае експерт подобро нека дојде нека каже, само очајно молам овие 2 проценти да направиме нешто барем да бидат 12, јас знам дека не можат да бидат 22, 52, 82, но барем да бидат 12. Зошто ни е ова битно? Ако нема доверба во правосудството, нема ни инвестиции како оваа, ако нема инвестиции како оваа, нема бизнис нема пари во Буџетот, ако нема пари во Буџетот нема за здравство, нема за образование, нема за плати, нема за земјоделци, нема за пензии, нема за инфраструктура.
Ова е систем. Системот почнува од тие неколкумина, сите ги знаеме кои се, сите знаеме во државава кои се тие во правосудството коишто се корумпирани и сега ние ако се правиме при очи, слепи, при уши, глуви во ред, но не е во ред ради децата и заради идните генерации коишто доаѓаат. Јас толку знам и ќе се борам за тоа што го знам, подготвен сум да разговарам со секого, секој оној којшто има некаква идеја нека дојде, подготвен сум да го сослушам, само да не ми се појавуваат експерти вечни чиишто потоа презимија случајно се појавуваат како нови членови на судскиот совет. Такви експерти вечни ги знам нивните методи, тие не доведоа до овие 2 проценти“, дециден е Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

