Македонија
Формирано тело за ред во високообразовните установи, без акредитација и дозвола за работа ќе останат оние што нема да ги отстранат недостатоците, порача Мицкоски

„Во текот на вчерашниот ден на владина седница формиравме тело, ја задолживме министерката за образование и наука заедно со ова тело да излезе на терен и да направи анализа на сите универзитети и факултети, и државни и приватни. Онаму каде што ќе се констатираат недостатоци, да им се даде разумен рок тие недостатоци да бидат отстранети. Доколку тоа не го направат, ќе бидат затворени“, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање притоа објаснувајќи дека Владата планира реформи во високото образование и воспоставување ред во установите.
Тој е дециден дека високообразовните установи во државата, кои имаат недостатоци, ќе имаат разумен рок да ги отстранат. Доколку не ги отстранат недостатоците, ваквите установи ќе се останат без акредитација и ќе немаат дозвола за работа.
„Ова јас го кажувам најотворено. Зошто? Затоа што се срамам на две места на кои бев, и во Вашингтон и во Лондон, каде што имав можност со мои колеги од соседството да разговарам, и едните, и другите и третите ми кажаа – кај вас преку ден се добиваат дипломи и ни прават проблем во нашите држави. Тоа не може да се случува повеќе. Тоа не може да се случува, особено што јас доаѓам од високото образование. Не може дипломи преку ноќ да се добиваат. Тоа мора да се смени, ќе имаат разумен рок да ги отстранат недостатоците. Тие што нема да ги отстранат, ќе мора да затворат. Да ја изгубат дозволата за работа, да ја изгубат лиценцата, акредитацијата“, потенцира Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Лефков: СДС и Венко Филипче се ставаат во служба на Бугарија за лични интереси

„СДС и Венко Филипче немаат намера со програма да се наметнат, ниту со проекти да ја добијат поддршката на граѓаните. СДС и Венко Филипче имаат намера со ветување за распродавање на националните интереси да дојдат на власт“, кажа Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Силната брана за нивните намери е ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Христијан Микцоски, и затоа се сите напади во изминатиов период, но и нападите со лаги и фабрикации кои ќе следат, намерата е да се ослабне ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, со надеж дека така ќе дојдат на власт и лесно ќе ги распродаваат националните интереси.
Секогаш целта заради која се распродаваат националните интереси се пари.
Да потсетиме СДС е партијата која зад промената на името го сокри милионскиот и колосален грабеж на државата.
Венко Филипче и семејството Заеви добија, но Македонија изгуби.
Така и овој пат, СДС и Венко Филипче се ставаат во служба на Бугарските интереси, а за возврат чекаат милионски зделки.
СДС и Венко Филипче прават се исклучиво од личен интерес, а државата и нејзините интереси ги претвораат во средство. Ги повикуваме граѓаните будно да ги следат случувањата, зошто јасно ќе препознаат се од ова што кажавме“, изјави Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) „Во мандатот на Шукова во МЖСПП бевме труени со отровен мазут, СДС и Каја губат во прв круг“, вели Манасиевски

„СДС И Каја Шукова губат во прв круг, во мандатот на Шукова во МЖСПП бевме труени со отровен мазут. Кој може да очекува од жената која дозволи систематско труење во Скопје и Македонија, и не кажа ниту збор, дека баш сега би направила нешто за подобар воздух“, рече Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Многу е јасно, Шукова имаше време да направи нешто, да се издвои, но таа својот мандат како министер го преспа во шинелот на Заев, аминувајќи го загадувањето, за бизнис интереси.
Шукова е лице на трулата политика на СДС изминатите 7 години додека беа на власт.
Секој скопјанец кога ќе ја види Каја Шукова му текнува на Заев, провизиите за јаглен и набавката на отровен мазут.
Каја Шукова беше министер кој можеше да крене глас, но таа избра да молчи и дозволи и Скопје и Македонија систематски да бидат труени.
Во октомври, Каја Шукова ќе биде испратена во трајна политичка пензија. Скопје го очекува многу труд и многу работа со Орце Ѓорѓиевски и ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Зајкова: Ако некој пратеник мисли дека банките му се поважни од народот, нека излезе и нека каже – „гласав за банките, а не за народот”

Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, повторно, по трет пат ќе ги поднесе измените на Законот за платежни услуги и платни системи, со кој се намалуваат и укинуваат неоснованите банкарски трошоци кои банките им ги наплаќаат на граѓаните.
„Конечно после 2 години постојано говорење и борба имаме добра вест – Гувернерот на Народната банка го прифати предлогот на ЛДП – да се намалат банкарските провизии и трошоци што со години ги празнат џебовите на граѓаните! НБРМ ги намали надоместоците на банките, сега е на ред ние да ги намалиме трошоците на граѓаните. На народот му наплаќаат за сè: за трансакции, за одржување сметки, за да си ги гледате парите на банкомат, па дури и за да ги извадите од банкомат! Огромни профити за банките, празни паричници за народот“, изјави Зајкова во своето обраќање од собранискиот прес-центар.
Зајкова посочува дека само за првите три месеци од годинава секоја личност во Македонија – па дури и новороденчињата – им дале по 1000 денари на банките, односно повеќе од 5000 денари по семејство, средства кои може да се пренаменат за зголемување на платите и на пензиите.
„Доста беше! Граѓаните не се банкомати, не се бројка за профит, туку луѓе што се борат да преживеат. И кога веќе Гувернерот покажа слух, време е Собранието да застане со нас – и конечно да покажеме сите дека работиме за граѓаните, а не за банките. Нашиот предлог повторно по 3-ти пат ќе биде доставен до Собранието и очекуваме овој пат сите пратеници, без разлика на партијата, да го поддржат“, вели пратеничката Зајкова и додава дека ова не е политика, туку прашање на финансиска правда.
„Ако некој пратеник мисли дека банките му се поважни од народот, нека излезе и нека каже ‘Гласав за банките, а не за народот – само затоа што ЛДП го предложи решението’, а ЛДП како и досега, ќе гласа секогаш за она што е од интерес за граѓаните“, заклучува Моника Зајкова.