Македонија
„Коцките за супа се во магацините“: од компанијата велат дека воопшто не биле дистрибуирани во малопродажната мрежа

„Подравка Македонија“ со демант на вчерашното соопштение на Агенцијата за храна и ветеринарство каде беше истакнато дека е започната итна постапка за повлекување од пазарот на потенцијално небезбедни коцки за супа од Хрватска поради можно присуство на туѓо тело.
„Во наведениот текст, неточна е секоја информација која упатува на присутност на производите: говедска коцка со серија 0507241, со рок на употреба до 05.07.2025 година и пилешка коцка со серија 0307241, со рок до 03.07.2025 година на полиците во продажните места на македонскиот пазар.
Во согласност со својата праксa за општествено одговорно работење и односи со потрошувачите, компанијата Подравка, a по извршениот инспекциски надзор од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), ги известува своите потрошувачи дека производите: говедска коцка со серија 0507241, со рок на употреба до 05.07.2025 година и пилешка коцка со серија 0307241, со рок до 03.07.2025 година, се наоѓаат во магацините на „Подравка Македонија“ и воопшто не се дистрибуирани во малопродажната мрежа.
Воедно, по добиените официјални информации за потенцијална контаминација поради механичко оштетување на машината за производство на масни коцки кај производителот во Република Хрватска, во магацинот на „Подравка Македонија“ беа блокирани и двата вида на масни коцки, со упатство за суспендирање на било каква дистрибуција во малопродажната мрежа.
Потрошувачите треба да бидат спокојни бидејќи „Подравка“, како општествено одговорна компанија, им гарантира дека спорните серии масни коцки воопшто не биле пуштени во промет“, се нагласува во демантот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наградени ќе бидат полицајците кои вчера ја спасија жената во Вардар

Министерот Панче Тошковски, се сретна со полициските службеници Кристијан Стефановски и Жико Ѓорѓиевски – хероите кои вчера ја спасија жена во водите на реката Вардар.
Министерот на средбата со нив уште еднаш потенцираше дека важноста на полицијата и нејзината вистинска сила и влијание врз животот и благосостојбата на граѓаните се гледа во најтешките човечки моменти.
„Херојските дела како вашето, кога директно се спасува човечки живот е повеќе од службено постапување, тоа е вистинска пожртвуваност и посветеност кон мисијата да се чува безбедноста и сигурноста на секој граѓанин и целото општество.“, потенцираше министерот Тошковски при честитките до двајцата полициски службеници за нивната херојска постапка.
Тој нагласи дека во рамките на законските можности тие ќе бидат наградени за нивната херојска постапка која е инспирација за сите нас унапредувањето на хуманиот аспект на нашите дела и постапки како обични луѓе и професионалци.
Македонија
Повозрасните да не наседнуваат на измами со лажни сообраќајки, порача Тошковки

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје денеска реализираа превентивна акција „Внимавај телефонски измами“ насочена кон едукација на нашите повозрасни граѓани кои се најчеста жртва на таквите измами.
Преку непосреден разговор и делење на едукативен материјал граѓаните беа едуцирани дека најчест вид на измама е измамата со лажна сообраќајна незгода во која измамниците претставувајќи се на телефон како полициски службеник, адвокат, обвинител или доктор ги лажат жртвите дека нивното дете повредило некого во сообраќајна незгода и се обидуваат да извлечат пари од жртвата така што за одредена сума би му помогнале на детето кое е во неволја.
„Измамниците на тој начин се обидуваат да ги злоупотребат повозрасните лица. Денес во градскиот паркот во Скопје успеавме да разговараме со голем број повозрасни лица и да ги информираме за таквите измами и модус операнди или начинот на работа на измамниците. Апелираме доколку некој добие таков повик е потенцијална жртва на таква измама, никако да не дава пари, да го прекине разговорот веднаш да ја повика полицијата на 112 или 192 и да ги извести и своите најблиски“, апелираше министерот Тошковски.
Во првата половина на оваа година досега се пријавени вакви 16 настани а за период од пет години досега се расветлени 40 настани, при што се поднесени кривични пријави против 16 лица, за сторени 40 кривични дела „измама“, додека за останатите настани се преземаат мерки за нивно расчистување и поднесување на соодветни кривични пријави.
Македонија
(Видео) Избегната катастрофа кај Брезница, пожарот се движи кон Козјак

Денес се регистрирани десет пожари на отворен простор, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, предупредувајќи дека бројката може да се зголеми до крајот на денот.
Ангелов упати нов апел до граѓаните, особено до земјоделците и сточарите, да бидат исклучително внимателни додека ги извршуваат своите активности во овој критичен период.
Најтежок за гаснење и натаму е пожарот што со денови гори во „Јасен“. Според Ангелов, едниот крак бил ставен под контрола во ноќна битка со огнот, при што била спречена негова експанзија кон селото Брезница.
„Не дозволивме пожарот да премине преку шумски пат, со што понатаму ќе беше загрозено селото. Исчистени беа дрвјата долж патот и линијата беше гаснета целосно. Благодарение на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), пожарникарите од Македонски Брод и вработените во ‘Јасен’, овој крак е стопиран“, изјави Ангелов.
Тој додаде дека состојбата на другата страна на гребенот, кон езерото Козјак, е многу потешка поради непристапниот терен. Таму пожарот се движи, а очекувањата се дека ќе биде стопиран кај карпестиот предел, а за таа цел таму поставени се надлежните служби.
Покрај „Јасен“, активни пожари се регистрирани и во Лозово, каде што гори шумска површина, во Долнени – со пожар на ниска вегетација, како и во Куманово, во атарот на селото Липково, каде што активни се два пожари, од кои едниот е реактивиран.