Регион
(Видео) Пожарите беснеат на Балканот: во Албанија огнот стигна до брегот, од Далмација апокалиптична сцена
Пожарите беснеат во регионот. Два големи пожара во сплитско-далматинската жупанија сѐ уште не се изгаснати, пренесува „Индекс.хр“.
На тој простор досега изгореа приближно 400 хектари ниска вегетација и борова шума.
Според евиденцијата на Државниот противпожарен оперативен центар на ХВЗ, во изминатото деноноќие, од среда во 7 часот до четврток во 7 часот, во Хрватска се евидентирани 122 пожарникарски интервенции, во кои учествувале 244 противпожарни организации со 755 пожарникари и 257 противпожарни возила и 10 противпожарни авиони.
Изминативе денови во цела Црна Гора беа активни неколку пожари, а некои од нив беа и од поголеми размери.
Со оглед на тоа што повеќето од овие пожари се во населени места, командирот на Службата, Здравко Блечиќ, апелираш до мештаните да го исчистат просторот околу нивните згради.
Пожарите што го зафатија албанското крајбрежно подрачје Шенѓин се ставени под контрола, соопшти вчера Министерството за одбрана на Албанија. Противпожарните екипи се поддржани од припадници на вооружените сили, полицијата, локалните структури и два авиона Canadair од Италија, пренесува „Евроњуз.ал“.
Еден ден претходно ситуацијата во Шенѓин беше катастрофална бидејќи пламените јазици зафатија туристички комплекс. Пожарот стигна до брегот, пренесуваат медиумите во регионот.
„За среќа, нема повредени, има само материјална штета во реонот на пожарот“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Албанија има 147 противпожарни возила, 1.300 луѓе и два хеликоптера „кугар“, кои според властите не се доволни за гаснење на пожарите.
Жителите на четири населени места на островот Евија во Грција мораа да се евакуираат поради пожар што избувна на островот на 29 јули.
Како што јави „Катимерини“, противпожарните служби цела ноќ го гаснеле пожарот, кој сѐ уште гори, па жителите на Климаки, Лијани Амос, Петриес и Криези морале да се евакуираат, објави „Евроњуз“.
Шумските пожари во Грција зачестија во последните години за време на сè потопли и суви лета, што научниците го поврзуваат со климатските промени. Минатата година избувнале над 8.000 пожари, покажуваат податоците на противпожарната бригада.
Премиерот Киријакос Мицотакис рече дека Грција се соочува со многу тешко лето во однос на климатските услови.
„Ни претстои уште многу тежок месец, август, и очигледно е дека сите мораме да бидеме на готовос“, им рекол тој на министрите за време на состанокот на владата, пренесува британски „Индипендент“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
До кога Бугарите ќе можат да плаќаат и во лева и во евра по 1 јануари 2026 година
За разлика од неограничената размена на лева за евра, плаќањата во обете валути, познати како период на двојна циркулација, се ограничени од 1 јануари до 31 јануари 2026 година.
Во текот на овој едномесечен период, левото и еврото ќе бидат во оптек истовремено, при што обете валути ќе имаат статус на законско средство за плаќање. Ова го објави Бугарската народна банка, пренесе бугарски „Фокус“.
После тоа, од 1 февруари 2026 година, еврото ќе остане единствена валута на Бугарија.
Луѓето ќе можат да продолжат да менуваат лева, доколку сè уште ги имаат, во БНБ, во комерцијални банки или во пошти (во населби каде што нема канцеларии на комерцијални банки).
Бугарија од 1 јануари влегува во еврозоната, и почнува да го користи еврото за плаќања во земјата.
Фото: pexels
Регион
Уапсен напаѓачот кој во Белград избоде жена пред внукот
Тихомир Крстиќ (44), повеќекратен повратник во извршување кривични дела, е уапсен под сомнение дека во саботата, 27 декември, во влез од зграда во Нов Белград нападнал жена и ѝ нанел девет убодни рани. Крстиќ има долга криминална историја и најчесто бил осудуван за разбојништва и кражби, при што чести негови жртви биле и деца, пишува „Телеграф.рс“.
Според сомневањата, Крстиќ ја нападнал жената околу 13 часот во станбена зграда во Нов Белград, и тоа пред нејзиниот внук. Ѝ задал повеќе убоди со нож, по што ја ограбил и побегнал. Според информациите на „Блиц“, повредената жена е во стабилна состојба и не е животно загрозена.
Таа здобила три убодни рани во пределот на десната клучна коска, една на левата страна, четири во левото рамо и една во главата. Лекарите констатирале и повреда на белите дробови. Жената е сместена на Одделот за интензивна нега, каде што нејзината состојба и понатаму се следи.
Криминалното досие на Крстиќ покажува дека ова не му е првпат да користи нож при закани. Уште во август 2011 година, од двајца малолетници одзел два мобилни телефони и 200 динари, заканувајќи им се: „Извадете од џебовите сè што имате, ќе ве избодам со нож и ќе пукам во вас!“
Само два месеца подоцна, во октомври истата година, повторно нападнал две момчиња. Им пришол и побарал да му позајмат мобилен телефон, а кога му рекле дека немаат кредит, ги замолил да му го покажат патот. Откако прифатиле да му покажат каде е автобуската станица, ги запрел на крстосница, извадил нож од левата патика и им наредил сè што имаат да го извадат од џебовите и да го остават, заканувајќи се дека ќе ги избоде. Едното момче му предало мобилен телефон, додека другото останало без пари, телефон, сребрено ланче, нараквица и рачен часовник.
По грабежот, Крстиќ им наредил: „Трчајте надолу, ако ве чујам, ќе ве стигнам и ќе ве избодам!“, по што момчињата побегнале. Само пет дена подоцна, украл мобилен телефон и од една жена, приоѓајќи ѝ одзади и истргнувајќи ѝ го уредот од рака додека разговарала.
Полицијата по Крстиќ трагала повеќе од 24 часа. Министерството за внатрешни работи во два наврати објавило негови фотографии, апелирајќи до граѓаните да пријават доколку имаат информации. Уапсен е на автобуска станица во Раковица, недалеку од зградата во која живеел.
Според неофицијални информации, Тихомир бил пуштен од затворот Забела пред околу два месеца. Живеел во Раковица со девојка која изнајмила стан. Соседите раскажале дека секогаш ја спуштал главата кога минувал покрај нив и дека постојано носел капа.
Регион
(Видео) Силна експлозија пред училиште во Загреб
Силна експлозија синоќа ја вознемири загрепската населба Трешњевка, откако во дворот пред основно училиште во Новa цеста била активирана силна пиротехничка направа, јавува „Дневник.хр“.
Според сведоци, се слушнале две експлозии, а една од жителките изјавила дека од силниот удар се треселе прозорците.
Од загрепската противпожарна служба соопштиле дека во 22:56 часот добиле пријава за пожар на игралиштето на Основното училиште „Јулије Кловиќ“, предизвикан од пиротехничка направа, кој бил изгаснат по нивното пристигнување. Во интервенцијата учествувало едно противпожарно возило.

