Македонија
ЛДП: Во кое својство реагирало обезбедувањето на Гаши при проверката на косовската претседателка Османи
Либерално демократската партија (ЛДП) најостро го осудува инцидентот на скопскиот аеродром настанат при проверка на косовската претседателка Вјоса Османи.
„Како што заклучуваме од официјалните информации на Министерството за внатрешни работи, насилниот чин од страна на припадници на обезбедувањето на претседателот на Собранието кон вработените и контролорите на скопскиот аеродром, претставува сериозно загрозување по животите на луѓето кои го контролираат авио-сообраќајот, патниците и сите оние кои биле присутни во моментот на претење со огнено оружје“, велат од партијата.
Тие додаваат дека се уште не е заборавен упадот во МНАВ.
Апелираат за поголема контрола која ја засега безбедноста на луѓето, за што не е дозволено ни најмала невнимателност.
Недозволиво е било какво кршење на законите и нарушување на јавниот ред, мир и безбедносните протоколи од било кого, без разлика дали станува збор за високо позициониран функционер или носител на јавна функција.
Партијата го охрабрува ОЈО и сите засегнати институции да постапуваат согласно законите и да се расветли настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.
Македонија
15 возачи лишени од слобода поради возење без возачка дозвола и под дејство на алкохол
Полициски службеници на целата територија на државата, во текот на вчерашниот ден, лишиле од слобода 15 возачи, од кои шест за возење под дејство на алкохол, на територија на Делчево, Кичево, Гевгелија, гевгелиско и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, пет лица се лишени од слобода затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на Скопје, Градско, светиниколско, Прилеп и неготинско. Четворица возачи пак се лишени од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа еден во Гевгелија, еден во Скопје, а двајца во тетовско. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС нема кредибилитет да зборува за партизација
Венко Филипче и Зоран Заев се дел од партија која, според ВМРО-ДПМНЕ, стои зад стратегија за партизација на институциите, од стручните служби до највисоките раководни функции во државата.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека СДС нема основ да обвинува за партизација и некомпетентност на кадри, особено кога станува збор за актуелното раководство на Развојна банка на Македонија.
Од партијата посочуваат дека на чело на Развојната банка во моментов е, како што велат, докажан професионалец во областа на развојното банкарство. За Ефимија Димовска наведуваат дека е стипендист и најуспешен постдипломец во генерацијата на University of Pittsburgh, дека е доктор на економски науки и универзитетски професор со истражувања насочени кон финансирањето на малите бизниси. Дополнително, според реакцијата, таа е ангажирана како консултант од Европска комисија за анализи на финансискиот сектор во земјите од регионот.
Во реакцијата се осврнуваат и на поранешниот директор на Развојната банка, Кире Наумов, за кого велат дека е истакнат кадар на СДС. Посочуваат дека својата кариера ја започнал во поранешната Агенција за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, позната како Агенција за приватизација, и дека во периодот на владеење на СДС извршувал повеќе функции, меѓу кои советник за економски прашања на премиер и претседател, дополнителен заменик-министер за финансии и заменик-министер за економија.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнително обвинуваат дека Наумов во последниот период не ги извршувал своите обврски и ги блокирал активностите на Развојната банка, што, според нив, било причина за неговото разрешување.
„Ова се фактите. Нека прочитаат и научат во СДС“, се наведува во реакцијата на партијата.

