Македонија
Мециновиќ од Левица на состанок во кинеското МНР

Денес во Министерството за надворешни работи на НР Кина заедно со поранешната премиерка на Романија, Василика Данчила, амбасадорите на Македонија, Србија и Бугарија, како и делегации на Словенија, Црна Гора и Албанија, пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, присуствуваше на состанокот за Иницијативата за соработка помеѓу Кина со земјите од централна и источна Европа.
На состанокот се зборуваше за досегашната соработка во областа на земјоделието и можностите за продлабочување на истата, известуваат од Левица.
„Преку меѓусебна почит и на принципи на еднаквост помеѓу партнерите, можеме да создадеме подобар живот и посилна економија.
Развојот на Македонија е врзан за развојот на целиот регион, како и со соработката со Кина како една од предводниците на новите светски прилики“, се вели во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јавен увид во Избирачкиот список од сабота до 11 септември

Од сабота, 23 август, до 11 септември граѓаните можат да го проверат Избирачкиот список и да поднесат барања за запишување, дополнување или бришење на податоци. Барањата се поднесуваат писмено до ДИК, по електронска пошта или преку месните канцеларии, а решенијата се носат во рок од 24 часа.
Заклучениот Избирачки список ќе биде готов најдоцна на 3 октомври, додека политичките партии ќе можат да го проверат списокот и да поднесат свои барања до 19 септември. Податоците за граѓаните кои поднеле барање за лична карта, ќе се впишат по службена должност, како и податоците за лицата во затвор или установи за вонсемејно згрижување.
Македонија
УЈП: Истече рокот за плаќање на месечните обврски за јули – повик за подмирување на долговите

По истекот на законскиот рок за плаќање на месечните аконтации за данок на добивка и исплатата на јулските плати со придонеси, Управата за јавни приходи утврди значителен број на неплатени обврски.
„Од 2.129 даночни обврзници не е извршено плаќањето на месечната аконтација за данок на добивка за јули 2025 година, а кај 11.555 обврзници не е евидентирана исплата на бруто плати и социјални придонеси за истиот месец. Дел од неплатените аконтации може да бидат подмирени преку пребивање со даночни побарувања, но тоа не ги исклучува законските обврски и потребата тие да се сервисираат во рок“, се наведува во соопштението.
Управата за јавни приходи во текот на вчерашниот ден достави персонализирани известувања до сите обврзници со неплатени обврски и апелира веднаш да го извршат плаќањето.
Овие средства се дел од јавните приходи кои припаѓаат на граѓаните и обезбедуваат редовно финансирање на буџетските потреби, здравството, образованието и социјалната сигурност.
УЈП остро потсетува дека во следните денови ќе се преземат законските мерки за присилна наплата.
Македонија
Судир за српскиот капитал: ВЛЕН и ДУИ меѓусебно се обвинуваат

ВЛЕН и ДУИ, двете водечки политички субјекти од албанскиот блок во Македонија, се препукуваат поради наводно продирање на српски капитал и влијание во земјата.
Според соопштението на ВЛЕН, ДУИ одамна престанала да ги штити интересите на Албанците, откако, како што тврдат, дозволила влез на српски и црногорски компании во клучни економски сектори, вклучително и мобилната индустрија и казината.
„ДУИ го донесе ‘српскиот свет’ во срцето на земјата, го воведоа МТЕЛ, дозволија пенетрација на српските подземни структури и преку Бујар Османи работеа за Белград и против Косово“, се наведува во соопштението. ВЛЕН најавува дека ќе продолжи да ги брани евроатлантските вредности и националните интереси на Албанците.
ДУИ, пак, одговара дека ВЛЕН во изборната програма за 2024 година ветила основање на Албанска банка со доминантен албански капитал, како гаранција за економско зајакнување на Албанците и рамномерен регионален развој. ДУИ повторно нагласува дека државата не смее и не треба да дозволи банкарскиот сектор и стратешките институции да бидат преземени од дестабилизирачките интереси на Белград.
И двете партии со денови се обвинуваат една со друга за предавство на интересите на Албанците и за поддршка на т.н. „Српскиот свет“ во Македонија. Со оглед на предизборието, се очекува дека оваа тема ќе се најде во политичката дебата.