Македонија
Царинската управа заплени патики, рачен алат и цигари
За време на продолжениот викенд и во текот на вчерашниот ден царинските службеници спречија неколку обиди за криумчарење на разна стока и тоа: 62 пара патики, 37 парчиња рачен алат штрафилици, 5 парчиња брусалки, 7 парчиња батерии со полнач, запленети на влез во државата на граничен премин Табановце.

Непријавената стока е пронајдена во патничко моторно возило со странски регистарски таблички. На прашањето на царинскиот службеник дали има нешто да пријави, возачот изјавил дека има само лични работи, но при преглед на возилото во багажниот простор, на задните седишта и под нив, во најлонски кеси и торби е пронајдена непријавената стока. Стоката е привремено задржана, а против лицето е поведена прекршочна постапка, велат од Царинската управа.

„26 штеки цигари откриени од страна на мобилните царински тимови на влез во државата на граничен премин Богородица, во два одвоени случаи. Во првиот случај откриени се 12 штеки цигари во товарно моторно возило со македонски регистарски таблички. Непријавените цигари се пронајдени во кабината и во надворешниот дел на влекачот од товарното возило. Во вториот случај 14 штеки цигари се откриени исто така во товарно моторно возило со македонски регистарски таблички, во кабината на влекачот и во странични шуплини од возилото“, соопшти Царинската управа.

Во двата случаи стоката е задржана, а против возачите е поведена прекршочна постапка.
„11 штеки цигари се откриени од страна на царинските службенци на граничен премин Богородица, во патничко моторно возило со македонски регистарски таблички пријавено за влез во државата. Непријавените цигари биле пронајдени во просторот за багаж во задниот дел од возилото, во просторот околу резервната гума како и на задното седиште од возилото. Цигарите се привремено задржани, а против патникот е поведена соодветна постапка“, додаваат од Царинската управа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул на веб-страницата за изразување интерес за соработка на лекари кои работат или специјализираат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.
Македонија
Мицкоски на проштална средба со Агелер: благодарност за ангажманот, поддршката и придонесот во унапредувањето на односите меѓу двете држави
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
„Денеска се одржа проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Анџела Агелер.
На средбата беше изразена благодарност за нејзиниот ангажман, поддршката и придонесот во унапредувањето на односите меѓу двете држави“, објави на социјалните мрежи Мицкоски.
Информира дека во пријатна и конструктивна атмосфера биле разменети мислења за досегашната соработка, како и за значењето на партнерството и заедничките вредности.
„Упатени беа искрени желби за успех во нејзините понатамошни професионални ангажмани“.

