Македонија
Таравари именува нови директори на неколку здравствени установи
Mинистерот за здравство, д-р Арбен Таравари, изминативе неколку дена именува нови в.д. директори во следните јавни здравствени установи:
Центар за јавно здравје Скопје – Муамет Демири
Клиничка болница Штип – Владко Захариев
Општа болница Кичево – Маја Цветановска-Трајковска
Општа болница Струга – Владимир Бунчевски
Општа болница со проширена дејност Дебар – Севдије Коџа
Здравствен дом Струга – Арбен Лабеништа
Психијатриска болница Демир Хисар – Жан Лозановски
Центар за јавно здравје Куманово – Херољинд Сакипи
Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања – Отешево – Благоја Китановски
Универзитетска клиника за урологија – Башким Шабани
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Земјотрес почувствуван во Делчево и Виница
Денес околу 15:48 часот беше почувствуван земјотрес во делови на североисточна Македонија, најмногу во Делчево, Виница и околните места.
Според Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, земјотресот бил со магнитуда од 3,2 степени според Рихтеровата скала, а епицентарот потекнува од подрачјето на Благоевград, во соседна Бугарија.
Земјотресот се почувствувал со интензитет од III степени по Европската макросеизмичка скала, што значи дека граѓаните можеле да забележат кратко тресење, но без посериозни последици.
Од Опсерваторијата замолуваат сите што го почувствувале земјотресот да го пополнат прашалникот на ЛИНКОТ или да се јават на 112.
Македонија
Сиљановска-Давкова: ЕУ сè уште нема јасна стратегија за нашата европска интеграција и практикува двојни стандарди
Да се посветиме на реформите, не поради „политичката волја“ за уставните измени, туку заради владеење на правото, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, на којашто се дискутираше за Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2025 година.
Укажувајќи на неиздржаноста на забелешките за немањето политичка волја во државава, претседателката истакна дека ние досега манифестиравме енормна спремност во спроведувањето на барањата на ЕУ.
Таа го покрена и прашањето за преиспитување на процесот на евалуација од страна на Европската комисија. Компарирајќи ги досегашните 16 извештаи, посочи дека нотираниот прогрес е цикличен, а не линеарен, што говори дека оценките се одраз на актуелната перцепција на евалуаторот.
Годинешните оценки за земјава, според Сиљановска-Давкова, се под влијание на барањата за уставни измени.
Претседателката повтори дека наметнатите дополнителни услови коишто го попречуваат нашиот европски пат не се во согласност со темелните вредности и принципите на Унијата коишто налагаат почитување на уставните структури на државите.
Во обраќањето таа се осврна на можните компликации во одлучувањето во Комитетот за односи меѓу заедниците како резултат на евентуалните уставни измени. Укажа на спорноста на констатацијата во Извештајот за лоцирање на жените на изборните листи на недобитни позиции, со оглед на законската гаранција за родово неутрална квота.
Претседателката истака дека ЕУ останува уникатна политичка филозофија, што ужива поддршка кај јавноста, мотивира демократски реформи и стимулира промени што водат кон траен мир и стабилност на Западниот Балкан.
Според неа, интегрираноста на Западен Балкан во ЕУ ќе стави крај на „балканизацијата“ како феномен. Сепак, според Сиљановска-Давкова, Унијата сè уште нема јасна стратегија за нашата европска интеграција и практикува двојни стандарди.
На седницата се обратија евроамбасадорот, Михалис Рокас, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, претседателите на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, Венко Филипче и Антонијо Милошоски, како и пратеници од власта и опозицијата коишто ги изнесоа своите гледишта за годинешниот Извештај на ЕК.
Македонија
Министерот Тошковски опериран во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска бил опериран во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Тој вели дека следи краток период на опоравување и уверува дека МВР продолжува непречено и ефикасно да функционира согласно утврдените процедури.
„Денеска во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје бев подложен на успешна хируршка интервенција и се чувствувам стабилно. Во моментов сум под надзор на лекарите, по што следува краток период на опоравување. Ве уверувам дека Министерството за внатрешни работи продолжува непречено и ефикасно да функционира согласно утврдените процедури. Целиот тим професионално си ги извршува обврските и моето привремено отсуство нема да има никакво влијание врз тековните процеси и активности, ниту пак врз безбедноста на граѓаните“, објави Тошковски.
Тој додаде дека веднаш по завршувањето на периодот на опоравување, се враќа на редовно извршување на своите обврски во полн капацитет.

