Македонија
(Видео) ЦУК: Во драматична комбинирана акција на Галичицa, спасена туристка од Чешка
Во драматична комбинирана акција и од воздух и од земја, денеска, е спасена 68-годишна жена – турист од Чешка, со опасна скршеница на ногата на Галичица, на околу 2 000 метри надморска височина, од спасителите од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, а со интервентен хеликоптерски превоз на МВР, прво на спасителите, а потоа, по давањето на прва помош, транспорт и на повредената до најблиско место за давање соодветна специјализирана медицински третман, извести ЦУК.
Спасителната акција се одвивала буквално во временски меѓупростор на транспорт на доброволци и вода при гаснење пожар на планината Галичица, по што храбрите доброволни спасители од Охрид и пилотите на МВР се вратија на гаснење на големиот пожар на планината, велат од ЦУК.
Конкретно, повикот за помош бил примен на 112 во ЦУК, околу 13.50 минути, а потоа веднаш од Секторот за операции и координација од ЦУК било контактирано со доброволните спасителите од Охрид, коишто практично се една недела цело време ангажирани за гаснење на пожарот во Национален парк „Галичица“ и директно со своите членови, а и за логистички за поткрепа на другите противпожарни сили.

Тие овие неколку денови на тешко пристапниот терен се превезувани со хеликоптер на МВР, само со опрема за гаснење и главно дејствувaат на терен како пожарникари на тешко пристапен планински терен. Немале со себе адекватна медицинска опрема, но заради брзината на дејство со хеликоптерот на МВР, веднаш дел од доброволните спасители отишле на местото на несреќата и со импровизирани средства извршиле имобилизација на повредената повозрасна туристка од Чешка, а потоа и нејзино носење до точката каде што можеле да ја стват во хеликоптерот на МВР.
„Практично, во 15.30 часот повредената беше безбедно пренесена во специјалната болница за ортопедија и трауматологија, а тимот од доброволците – спасителите од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид се врати да им помогне на своите останати членови и на пожарникарите и ренџерите од НП „Галичица“ во борбата со огнената стихија“, соопшти ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска се обрати на свечена академија по повод 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје
105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме. Верувам дека оваа институција и понатаму ќе биде водилка на општествената и на хуманистичката мисла, бранител на критичноста и чувар на академската слобода, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија со која високообразовната установа го одбележа големиот јубилеј.
„Факултетот не придонесува во развојот на државата само преку образованието и науката, туку и преку својата силна стратешка улога во креирањето на националните политики. Тука се раѓале концепти и научни согледувања што го обликувале образовниот систем, културните политики, социјалните институции и многу од современите професионални практики во државата. И во овој период, Филозофскиот факултет е активно вклучен во изработката на клучни национални стратегии“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до сите поранешни и активни професори, истражувачи и вработени на факултетот за нивната посветеност, научен придонес и визија за општеството.

Министерката потенцираше дека иако по однос на неколку теми за време на нејзиниот мандат, ставовите на МОН и факултетот се разликувале, токму таквите јавни дискусии доведуваат до креирање на најдобрите решенија за обезбедување на поквалитетно национално образование. Очекува, како што рече, Филозофскиот факултет да остане меѓу најсилните партнери на државата кои отвораат пат кон нови образовни подвизи.
Јаневска изрази уверување дека буџетот за образование ќе продолжи да се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и поддршката за развој на високото образование и науката.
„Држава која вложува во високото образование вложува во сопствената иднина – ја јакне својата конкурентност, го унапредува демократскиот капацитет и го поттикнува општествениот развој. Продолжуваме да креираме политики што обезбедуваат автономија, дигитализирани процеси, подобра научна инфраструктура и поддршка за младите истражувачи“, рече министерката.

Освен Јаневска, на свечената академија се обратија и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески кои се согласија дека академскиот простор мора да остане место каде знаењето се претвора во визија, а визијата во општествена вредност.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
Магла во утринските часови, сончево со умерена облачност преку ден
Во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува периодот стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла

