Македонија
(Видео) „Учениците граматика ќе учеле од сериите, ДПМНЕ ќе го уништи образованието“, вели Николова
„ДПМНЕ и министерката Јаневска по само два месеци откако ја преземаа власта, потврдија дека образованието за нив воопшто нема да биде приоритет. Министеката Јанева, вчера во скандалозна изјава рече дека учебници по странски јазик нема да има, но тоа не е проблем затоа што учениците учеле од серии. Тажно е што ДПМНЕ постави министерка за образование, која внимавајте, смета дека било важно децата само да разбираат странски јазик, а не да учат граматика, заменки и именки“, рече Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.
„Покрај оваа крајно скандалозна и комична изјава во исто време, Јаневска потврди дека статусот на просветните работници за ДПМНЕ не е важен. Потврди дека примањата и платите на образовните работници нема да се покачуваат како што тоа беше во времето на СДСМ. Ако биде се добро со растот на економијата, тие може да се надеваат на покачување дури во март. Ова се политиките кои го уништија образованието и го срозја достоинството на наставниците, а сега ДПМНЕ ги враќа на голема врата.
Потврда за тоа дека ДПМНЕ нема намера да го унапредува образованието, е ребалансот на буџетот кој јасно ги истакнува приоритетите на Владата, односно јасно потврдува дека образованието не е приоритет.
Се кратат средства во програмата за инвестиции во образованието, како и во програмите за проекти во основно и средно образование. Ова значи дека ДПМНЕ крати од програмите кои значат подобра ифраструктура, од проекти за поддршка за ранливите групи на дечиња и крати од програми кои обезбедуваат професионален развој и напредување во кариерата на наставниците. Во пракса, ова ќе донесе целосен застој во развојот на образованието.
Ако ја погледнеме програмата на Владата предводена од ДПМНЕ во делот за образованието, ќе видиме дека таа се обврзала на: Раст на платите на наставниците како и сеопфатно подобрување на образовната инфраструктура. Очигледно е дека од тоа нема да има ништо. Уште една голема предизборна лага на ДПМНЕ.
Пред вас е очигледната разлика во приоритетите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ во услови на огромни кризи платите на наставниците ги покачи за над 55%, а за прв пат минатата година земаа и регрес за годишен одмор.
Ги покачивме студентските стипендии на 6050 денари кои претходно се исплаќаа во износи од 3.300, 4.000 и 4.400 денари. На 3.500 денари се зголемија ученичките стипендии. За првпат воведовме стипендии за докторанди во износ од 18.000 денари. Ги вративме укинатите стипендии за постдипломци. Се воведе мерката субвенција на студентски оброк
Сите важни политики за образованието и младите ги креиравме заедно со засегнатите страни кои низ дијалог беа вклучени во подготвувањето на анализите и плановите. Сега министерката води јавната расправа во онлајн верзија. Тоа значи дека таа избегнува да се сретне со наставниците, учениците, студентите и воопшто јавноста.
СДСМ ќе остане посветена на образованието. Како конструктивна опозиција им порачуваме на сите вработени во образованието дека ќе бидеме нивни партнери во заштита на нивните права и силно ќе се спротиставиме на политиките на оваа Владата која свесно сака да го маргинализира овој важен сектор“, изјави Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Тошковски: Обезбедена е видеоснимка на која се гледа како сопругот ја удира жртвата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека во рамки на истрагата за трагедијата во Карпош е обезбеден видеозапис на кој, како што рече, јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата.
Како што појасни министерот, жртвата претходно повикала полиција, а патролата пристигнала за помалку од десет минути. Во изјавата што ја дала, таа потоа навела дека нема што да пријави и дека немало физички напад. Дополнително ќе се утврдува дали оваа изјава била дадена под присила. Сторителот, според Тошковски, не бил присутен на местото на настанот во моментот кога полицијата ги прибирала изјавите.
Сепак, тој нагласи дека тоа не се единствените докази со кои располага МВР.
„До МВР е обезбеден видео запис каде јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата. Не можам да кажам кога е точно, но сигурно е истиот ден“, рече министерот.
Според информациите што ги изнесе министерот Панче Тошковски, на 2 март околу 14 часот бил пријавен падот од зграда, а претходно полицијата разговарала со жртвата која рекла дека не бара интервенција. Потоа жената се упатила кон станот на улицата Теодосиј Гологанов во скопски Карпош кадешто се случила трагедијата. Со ќерката биле сами и заклучени одвнатре пред трагичниот настан.
Министерот соопшти дека сопругот е приведен. Осомничен е за Наведување на самоубиство, нанесување на тешки телесни повреди и за загрозување на сигурноста. Тошковски потсети и дека во изминатите години против истото лице биле поднесени 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и трговија со дрога. Тошковски истакна и дека голем дел од предметите за семејно насилство се затвораат поради повлекување на жртвите, најавувајќи поинтензивен пристап на МВР во вакви случаи.
Македонија
Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации, велат од ЗНАМ за СДСМ
СДСМ повторно се обидува да ја замени политиката со навреди, аргументите со етикети, а вистината со конструкции, реагираат од ЗНАМ откако претходно од СДСМ истакнаа дека Максим Димитриевски е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре.
„Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации. Движењето ЗНАМ за Наша Македонија е дел од оваа власт со достоинство, со принципи, со сопствена идеолошка и програмска матрица и сопствен пат делувајќи исклучиво во насока што ја ветивме пред граѓаните – чесна, одговорна и државничка политика. Кога од СДСМ се осмелуваат да зборуваат за тендери, првично нека се погледнат во огледало.
Години наназад токму тие ја претворија државата во партиска каса, институциите во сервис за свои луѓе, а правдата во селективен инструмент.
Денес, кога институциите почнуваат да функционираат без партиска директива, СДСМ панично бара алиби во измислени конструкции“, додаваат од таму.
Навредите за „кукавичко јајце“, „платеник“, „тендер коалиција“, според нив, се јазик на политичка немоќ.
Тоа, како што истакнуваат, е истиот тој наратив што ги оддалечи од граѓаните, од работниците од реалноста.
„Токму ваквото однесување и делување на СДСМ ја доведе економијата во состојба во која денес мора да се стабилизираат штетите од нивното владеење.
И наместо да понудат визија, тие сеат омраза. Наместо да бараат виновници во сите, освен во себе, нека соберат храброст и нека се соочат со сопствените постапки и грешки. Нека одговорат зошто по години власт зад себе оставија разочарани граѓани, нарушени институции и чувство дека државата служела на малкумина“.
Македонија
Се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, се работи на безбедна евакуација од погодените подрачја, соопшти МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека интензивно работи на обезбедување услови за соодветна и безбедна евакуација на македонските државјани од погодените подрачја, вклучително и од Обединетите Арапски Емирати.
Во моментов се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, со користење комерцијални летови и, по потреба, владиниот авион. За Обединетите Арапски Емирати и Катар се разгледува можноста за ангажирање комерцијален или чартер-лет, во зависност од безбедносните и логистичките услови.
Во изминатиот период, преку дипломатско-конзуларните претставништва беше асистирано при безбедното извлекување на едно лице од Иран – фудбалер, кој преку Турција се врати во Република Северна Македонија. Дополнително, шест македонски државјани од Израел веќе имаат обезбедено авионски билети од Египет кон Скопје, при што Министерството активно асистираше во нивната координација и заминување.
Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Министерството, во директна комуникација со пријателски земји и партнери, како и преку дипломатско-конзуларните претставништва, ги презема сите неопходни активности за нивно безбедно и навремено враќање во државата.

