Македонија
Македонското еколошко друштво за случајот со пцовисаниот орел во ЗОО Скопје: Во Македонија недостига центар за рехабилитација на диви животни
„Во Македонското еколошко друштво од граѓаните во државата често пристигнуваат дојави за пронајдени повредени диви животни. Нашиот тим многупати досега направил сѐ што може за да им помогне во рамките на нашите познавања и ресурси иако тоа многу се разликува од нашите редовни обврски. За жал, можеме да издвоиме ресурси само за единки што припаѓаат на исклучително засегнати видови (со мала бројност во земјата). Во неколку наврати изминативе години МЕД и Зоолошката градина во Скопје помогнале да закрепнат единки на белоглави мршојадци, штркови и други видови, единки кои потоа биле успешно вратени во природата“, велат од Македонското еколошко друштво.
„Како и во минатото, овој понеделник Македонското еколошко друштво доби дојава за повреден царски орел на локалитетот Пониква. Станувше збор за млада единка, најдена од доброволното пожарникарско друштво. МЕД ги упати пожарникарите во Зоолошката градина во Скопје, каде што орелот беше згрижен, но, за жал, набргу пцовиса. Самиот факт што пожарникарите доброволци успеале да го фатат орелот зборува за тоа во колку лоша состојба се наоѓал. Резултатите од рендген-снимките покажаа дека не бил жртва на огнено оружје и немал скршеници.
Стапката на смртност кај младите грабливи птици е многу голема во природата. Кај конкретниот вид, само 10-20 % од сите пролетани млади птици ќе дочекаат возраст за репродукција (3-4 години старост). И покрај тоа, поради долговечноста на возрасните единки, доколку заканите се мали, популацијата се одржува стабилна или расте, како што тоа беше случај во Македонија пред неколки години. За жал, во последните неколку години гледаме благо намалување на бројноста, што најверојатно се должи на промените во живеалиштата, намалувањето на изворите на храна, колизиите и струјните удари од енергетската инфраструктура, но првенствено на опасноста од отровни мамки поставени за труење волци и кучиња. Непознати остануваат ризиците од пестицидите што се користат во земјоделството и од јадењето оловни сачми останати во телата на животните што биле цел на лов.
Во отсуство на центар за рехабилитација на диви животни, Зоолошката градина во Скопје ги има најдобрите услови за закрепнување на ваквите животни, затоа ги поздравуваме нејзините напори да помогне. Македонскиот систем не е подготвен соодветно да реагира на случаи во кои се повредени диви животни. За разлика од тука, во Бугарија и Грција постојат специјализирани центри за рехабилитација на диви животни. Кога на Шар Планина беше пронајдено повредено мече, нашиот тим најпрвин го згрижи во Скопје, а потоа издејствува и транспорт на мечето во Грција, каде што и покрај тоа што беше со неподвижни задни екстремитети, со помош на специјализирана нега живееше уште шест години. Во 2017 година, кога добивме дојава за повредено младенче од рис во Кичево, нашиот тим издејствува тоа да биде згрижено во Зоолошката градина во Скопје. И покрај големите напори, тоа беше во премногу лоша состојба и по само една недела пцовиса.
Телото на орелот моментно е предадено на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ, каде што ќе биде извршена обдукција, а резултатите ќе ги споделиме со јавноста и релевантите институции“, соопшти Македонско еколошко друштво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во текот на ноќта и утре повремени врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Како што соопшти УХМР, пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата – над 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места.
Во Скопје во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. На околните планини врнежите ќе бидат од дожд и снег.
Македонија
По 8.000 денари за секое бебе во општина Аеродром
Секое семејство со живеалиште во Општина Аеродром кое во текот на 2026 година добило новороденче или посвоило дете до една година, ќе добие еднократна парична помош во износ од 8.000 денари.
-Оваа мерка е наменета како практична поддршка за семејствата, особено во првите месеци од грижата за детето. Општина Аеродром останува посветена на семејствата и на децата, со љубов и внимание кон најмалите, создавајќи средина каде што тие можат да растат среќни, сигурни и поддржани, соопшти Општина Аеродром.
Македонија
Нека е со среќа, нека е аирлија, порача Мицкоски на пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“
Во Тетово денеска беше пуштена во употреба реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ .
На настанот присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски кој изрази задоволство што за само неколку месеци со, како што рече, силна и посветена работа, е завршена реконструкцијата на гимназијата.

– Тоа што тогаш можеби делуваше невозможно, денеска е возможно, реално. Сакам да се заблагодарам на градоначалникот, на советниците од Општина Тетово коишто го поддржаа овој проект, да се заблагодарам на Министерството за образование, на сите оние коишто се добронамерници за Тетово и тетовци и што изминатиов период се дел, би рекол, од многуте проекти коишто се реализираат во Општина Тетово, изјави Мицкоски.
На учениците и на наставниците од училиштето тој им посака успеси во работата односно во учењето и, рече, „уште многу успешни тетовчани да произлезат од клупите на ова училиште“.

– Нека е со среќа, нека е аирлија и да ни се множат уште многу вакви успешни проекти, додаде премиерот.

