Топ
Поради разбојништво кумановскиот суд му го одзел пасошот, па се обидел да влезе во Косово со лична карта

Основното јавно обвинителство Куманово води постапка против едно лице за разбојништво.
По предлог на јавниот обвинител, Основниот суд во Куманово со решение од 30 јули определи мерки на претпазливост против осомничениот 31-годишник.
Мерките вклучуваат привремено одземање на патна и на друга исправа за преминување на државната граница и забрана за употреба на личната карта за преминување на границата, како и обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен орган.
Меѓутоа, СВР Куманово достави известување до обвинителството дека осомничениот на 8 август во вечерните часови сакал да оствари излез од државата со лична карта, односно се обидел да ја премине државната граница на граничниот премин Долно Блаце и покрај изречената мерка на претпазливост.
Бидејќи осомничениот очигледно не се придржувал кон определната мерка за обезбедување присуство, што укажува на реална опасност тој да се даде во бегство, надлежниот јавен обвинител му предложи на судот да се укинат дадените мерки на претпазливост за осомничениот и да се заменат со мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ОЈО Струга отвори предмет за спомен-куќата на Владо Малески

Основното јавно обвинителство Струга оформило предмет во врска со уривањето на спомен-куќата на Владо Малески, при вршење градежни работи во близина на објектот од страна на лице од Велешта.
Јавен обвинител, како што соопшти денеска Основнот јавно обвинителство, на 16 октомври извршил увид на лице место во присуство на вешто лице од градежната струка.
„Наредено е вештачење, а се преземаат и други дејствија за испитување на околностите под кои се случил настанот“, стои во соопштението на ОЈО.
При изведба на градежни работи на индивидуален објект во старото градско јадро беше срушен јужниот ѕид и дел од кровната конструкција од куќа заштитена како културно наследство.
Министерот за култура најави изработка на проект за обнова и реставрација на спомен куќата на Малевски со цел да се зачува автентичниот изглед и историјскиот дух.
Македонија
Куманово со најмногу гласачи 94.041, Лозово со најмалку 1.905

Право на глас на осмите Локални избори 2025 в недела имаат 1.832.415 гласачи, од кои 1.717.803 во земјата и 112 илјади запишани во посебниот избирачки список со лица во странство, 2.162 затвореници или во притвор и 450 гласачи во старските домови. Гласање во дијаспората нема, но доколку лицата кои се на привремена работа или живеат во странство допатуваат во земјата ќе можат да го остварат своето право на глас.
Во Градот Скопје вкупната бројка на гласачи е 474.304 илјади. Од општините најмногу граѓани со право на глас има во Куманово – 94.041, во Гостивар 82.893, Тетово 87.878, Битола 77.253, скопски Аеродром 68.772, Струга 62.711 и Прилеп со 62.053 гласачи. Најмалку, пак, има во Лозово 1.905, во Вевчани 2.092, Новаци 2.429, во Конче 2.716 и во Ранковце 2.921 гласач.
Според Изборниот законик се гласа на 3.480 избирачки места, но годинава имаме шест избирачки места каде што нема население, па така ќе се гласа на 3.474 избирачки места. Според информации од ДИК, 125 избирачки места се со помалку од 10 гласачи кои ќе го остварат своето право на глас во најблиското гласачко место. Осум избирачки места имаат по десет гласачи, шест со по 11, 18 со 12 гласачи, а три со по 13 гласачи…
Најбројно избирачко место во земјата е во Бутел. Станува збор за избирачкото место 2915 со 1432 гласачи. Во 70 избирачки места има над илјада гласачи, и секаде каде што имало можност поради функционалност на гласањето, избирачите се распоредени во соседни избирачки места.
Најстариот гласач во земјава запишан во Избирачкиот список е роден 15 мај 1918 година, додека најмладиот кој ќе има можност да гласа ќе стане полнолетен на самиот ден на гласање на 19 октомври.
Вкупен број на гласачи со 18 години запишани во Избирачкиот списокот е 25.603.
Локалните избори 2025 се осми од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10 490 кандидати.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.
Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16.
Македонија
Од ноќеска на полноќ заклучно со 19:00 часот на 19 октомври е изборен молк

Од ноќеска на полноќ заклучно со 19:00 часот на 19 октомври е изборен молк. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги соопшти дека за време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.