Македонија
O2 иницијатива: Дополнителен урбанистички хаос не ни е потребен
О2 иницијативата реагира во врска со реакцијата на Министерството за транспорт за измените на Законот за урбанистичко планирање, кој е ставен на седница во Собранието во понеделник, 12.8.2024, по скратена постапка.
„Се спомнуваат 600 урбанистички планови заглавени во постапка, а не се спомнува дека изработката на тие урбанистички планови трае повеќе од 4.5 години и тоа по стари неважечки закони и правилници, со неточни параметри, зошто за тој период имаме нови податоци од пописот, има изградени линиски центри чии параметри не биле вклучени во планирањето, а сепак ги искористиле најголем дел од ресурсите и сл. Она што министерството за транспорт, односно оваа Влада сака е овие несоодветни планови да си продолжат да се изработуваат според стари неважечки закони и правилници до недоглед и да се донесат со неточни параметри, врз чија основа утре ќе се гради, не земајќи ја предви сегашната изменета состојба. Впрочем, сегашниот закон не е пречка, зошто е јасен дека сите тие планови ќе ПРОДОЛЖАТ да се изготвуваат според сегашниот закон, како што и треба. Дополнително, климатските промени сè по жестоко нè напаѓаат со секоја измината година и наместо да се ревидира она што е планирано од претходно, битно е само да се гради.
Се спомнува дека основна цел на измените е да се поедностават постапките во однос на градење и на катни гаражи. Она што се сака е да се гради без урбанистички план, само со проект, кој каде ќе му текне, без да се прашаат граѓаните кои живеат таму дали се согласуваат со локацијата, висината на градбата или не, без јавна анкета и без Советот на општина да има право да одлучи со гласање. Ова е отворање на врата на самоволие и хаос, кое не смее да се дозволи. Ајде тогаш да поедноставиме сè, ги укинеме урбанистичките планови и секој нека гради каде сака, како сака, колку сака. Не може под превезот на “јавен интерес” да се прави урбанистичко-градежен хаос.
Се потенцира дека сосема погрешно во јавноста се интерпретира одредбата каде се вели дека се брише можноста да се донесе урбанистички план без согласност од Министерството за транспорт и дека вистината е обратна, односно се укинува правото “молчењето е одобрување”. Да, точно е дека тој дел се брише за што сме сосема согласни. Но не е точно дека погрешно се интерпретирале другите одредби кои исто така се бришат и за кои реагиравме. Одредбите кои велат дека одлуката со која се донел урбанистички план е ништовна, ако нема добиено согласност од министерството за транспорт, а министерот е должен да донесе забрана на примена на планот во рок од 5 работни дена, се бришат. Овие одредби се суштински за да се спречи злоупотреба и спроведување на планови кои не се валидни, а не да се чека некој да поднесе до Уставниот суд иницијатива и после години судот да донесе одлука, а во меѓувреме се изградило сè според тој план.
Се бришат одредбите поврзани со обврската за обезбедување на потврда за урбанистичка усогласеност. Наведено е дека оваа одредба не може да се примени поради неусогласност со актуелниот Закон за градење. Урбанистичката усогласеност е од големо значење и наместо да се избрше од законот, потребно е да се измени соодветно Законот за градење. Во спортивно неусогласени планови ќе се спроведуваат.
Се брише и цел член каде се уредува дека урбанистички планови и документации кои не се усогласиле според Законот за просторно и урбанистичко планирање од 2005 и 2007 година и престанале да се применуваат во 2013 година, донесувачите биле должни да отпочнат постапка за изработување и донесување на урбанистички план. Општите акти кои се донеле во меѓувреме, престанале да важат со денот на отпочнувањето на примена на сегашниот закон, а донесувачите биле должни да отпочнат постапка за изработување и донесување на урбанистички план за село. Не може да се остават на сила општи акти кои не се усогласени со сегашните стандарди и норми и да нема изработено урбанистички планови за одредени подрачја уште од 2013 година. Потребни се нови урбанистички планови за овие опфати и не може да се остават неуредени како до сега.
Урбанистичките планови треба да воведат ред, а не хаос и не може да се дозволи изработка, спроведување на планови кои не се соодветни и изградба на објекти како катните гаражи без нив. Доволно е хаотично и без тоа, дополнителен хаос не ни е потребен“, се вели во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.
Македонија
(Видео) СДСМ бара оставка од директорката на ГАК по смртта на новороденчето: „Има сомнежи за лекарска грешка“
СДСМ бара оставка од директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство по смртта на новороденчето.
„Денеска со огорченост стоиме пред оваа Клиника, ГАК, и бараме одговорност за последниот скандал со смртта на бебе. Овде не умрело само едно бебе кое го имало целиот живот пред себе, овде умрела, вистината, лекарската грижа, моралот и одговорноста. А директорката се обидела да го сокрие случајот. Новородено бебе, со реална шанса за живот, починало на интензивна нега. На родителите им било кажано дека смртта била неизбежна. Дека ништо не можело да се направи“, вели Елена Радеска, од Комисијата за здравство СДСМ.
Според неа, документите од самата Клиника говорат поинаку.
„Внатрешни пријави, изјави на лекари и официјални записници велат дека има сомнежи за лекарска грешка. Началничката на интензивна нега, писмено пријавила дека несоодветно лекување од страна на педијатарка довело до компликации и смрт на бебето. Според таа пријава, реинтубацијата траела дури 20 минути. Не секунди. Дваесет минути. Во тие 20 минути, на бебето му биле нанесени повреди по што настанала и смрт. Ништо од ова не им било кажано на родителите. Ниту дека постои сомнеж за сериозна лекарска грешка. За тоа дознале од новинари. Од свиркачи. Не од Клиниката. Не од институциите“, рече Радеска.
Според неа, клучното прашање зошто директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Ирена Алексиовска Папестиев, иако била формално известена за сомнежите и за смрт со можни пропусти во лекувањето, два месеца не известила никого.
„Ова е огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството. Бараме итна оставка на директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиовска Папестиев. Каква е таа докторка за која Хипократова заклетва е само на хартија? Бараме целосна, независна истрага и одговорност од сите инволвирани – без разлика на функцијата, титулата или хиерархијата“, рече Радеска.
Македонија
Вонреден надзор на Гинекологија по смртта на новороденче
Министерството за здравство нареди вонреден надзор по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство и изрази сочувство до родителите.
„Со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, министерот Азир Алиу иницира вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат по што ќе следува и стручен надзор. Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со Инспекторатот ќе постапи професионално, стручно и транспарентно со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект“, велат од Министерството.
Од таму велат дека во овие тешки моменти за семејството замолуваат да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
„Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивањето на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Министерството.
Ваквото соопштение доаѓа по веста дека на ГАК на 1 октомври починало новороденче.

