Македонија
Мицкоски: Владата ги плаќа долговите за автобусите на Арсовска, падна во вода обвинувањето дека го кочиме градот
„Да се случи тоа, Градот Скопје не успеа да ја врати навремено ратата која што беше дел од обврските за набавка на автобусите во минатото, таа е во висина нешто од над 50 милиони денари основен долг. Основниот долг е некаде околу 42, 43 милиони денари, другото е камата“, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија денеска одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски посочи дека Министерката за финансии го известила дека нема одговор од надлежните од Град Скопје за тоа дали може да ја сервисира обврската, па морала да преземе обврска и да го плати долгот.
„Министерката за финансии ме информираше после неколку ургенции и немање одговор од страна на градот, нормално по ургенција на доверителот односно Банката мораше да преземе чекор и да го плати долгот на Градот Скопје бидејќи тие не успееја тоа да го направат. Се поставува прашањето дали можеби треба и како држава и како Влада да направиме некои дополнителни чекори за друг тип на ингеренции и обврски кои што ги има Градот Скопје, а кои што гледаме не ги извршува навремено, посебно тука мислам во делот на хигиената“, кажа тој и посочи дека секојдневно добиваат поплаки за хигиената во главниот град.
„Секојдневно до нас граѓаните реагираат, јас ова прашање ќе го отворам на следната седница и мислам дека и ги повикувам надлежните во Комунална хигиена во градот Скопје да работата а тоа за кое што се платени за кое што ги плаќаат граѓаните, бидејќи ова што денеска се случува во Скопје личи на се, само не на главен град на држава која што е дел од НАТО Алијансата и држава кандидат за членство во ЕУ. Мора да си го поставивме прашањето кое што е суштински важно, не што зборуваме, туку што правиме во име на тие вредности“, изјави Мицкоски.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека доколку нема прогрес односно промена на лошата состојба во Скопје, на следната владина седница ќе го отвори оваа прашање.
„Така што еве оваа обврска која што требаше да ја исполни Град Скопје од нешто повеќе од 50 милиони денари кон доверителот, не ја сервисира, и тоа го направи Министерството за финансии. Се надевам дека со домаќинско работење во периодот кој што следи, ако воопшто може тоа официјалните да го направат ќе можат да си ги сервисираат обврските во периодот кој што следи. И повикувам и апелирам да се работи за интересот на граѓаните во главниот град, во сите општини затоа што граѓаните тоа го заслужуваат“, рече Мицкоски и додаде:
„Ако видиме дека во оваа недела дена нема прогрес поврзано со ова прашање, на следната владина седница планирам отворено да зборувам и да одиме чекор понатаму во она што е обврска на народна Влада, а тоа е да дејствува во името на повиците кои што ги добиваме на дневна основа од скопјани.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

