Свет
Американски војник и продал на Кина тајни за ракетните системи, авионите и планот за Тајван, се изјасни за виновен
Американски воен аналитичар се изјасни за виновен за продажба на воени тајни на Кина, соопшти американското Министерство за правда. Наредникот Корбејн Шулц беше уапсен во март, откако ФБИ и контраразузнавањето на американската армија ги истражуваа наводите дека му биле исплатени 42.000 долари во замена за десетици чувствителни безбедносни записи.
Злосторничкиот заговор започна во јуни 2022 година и продолжи до неговото апсење, соопштија официјални лица. Изрекувањето на пресудата е закажано за јануари. Наредникот Шулц, кој имал безбедносен сертификат за пристап до строго доверливи информации, заговарал со некој за кој верувал дека живеел во Хонг Конг, се вели во судските документи.
Наводен жител на Хонг Конг побарал од наредникот Шулц да собере чувствителни податоци поврзани со ракетната одбрана и мобилните артилериски системи. Наредникот Шулц, исто така, собрал информации за американските борбени авиони, воените тактики и одбранбената стратегија на американската војска за Тајван, врз основа на она што го научил од војната на Русија во Украина.
„Со заговор за пренос на информации за националната одбрана на лице кое живее надвор од Соединетите Држави, овој обвинет бесчувствително ја загрози нашата национална безбедност за да заработи на довербата што му ја дава нашата војска“, рече Метју Олсен, помошник јавен обвинител за национална безбедност.
Наредникот Шулц вчера се изјасни за виновен по сите точки од обвинението, вклучително и заговор за добивање и откривање информации за националната одбрана и поткуп на јавен службеник. Обвинението детално ги опишува пораките што наредникот му ги испратил на наводниот жител на Хонг Конг, пишува Би-би-си.
Во една порака, наредникот Шулц пишува дека „би сакал да биде Џејсон Борн“, повикувајќи се на измислениот шпионски лик кој се појавил во неколку филмови. Откако му ветиле повеќе пари, наредникот Шулц пишува: “Се надевам дека е така! Морам да го вратам моето друго BMW!”. ФБИ и Контраразузнавачката команда на Армијата на САД продолжуваат да го истражуваат овој случај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

