Регион
Србин и двајца Шпанци 10 дена пловеле во океан со гумен чамец: „Не мислев дека ќе преживеам, имаше ајкули“

Никола (30) од Србија, кој од неодамна живее во Шпанија, за „Телеграф“ раскажа каква драма доживеал на отворено море. Тој раскажал дека со другарите отишол на риболов и дека на бродот им снемало гориво и 10 дена пловеле на отворено море.
Никола и неговите двајца пријатели испловиле од Канарските Острови и во еден момент останале без гориво. Србинот вели дека биле опкружени со ајкули.
„Никогаш не сум видел толку многу ајкули одблиску, мислев дека нема да преживееме“, рекол Никола, пишува „Телеграф“.
Никола тврди дека седум дена не пиеле вода.
„Да останевме на бродот уште неколку часа, сигурно ќе бевме мртви“, вели Србинот, пишува „Телеграф“.
Никола и неговите пријатели биле спасени од бродот „Син Ан Нинг“, кој пловел под кинеско знаме. Бродот патувал за Доминиканската Република поради што Никола и неговите пријатели завршиле таму. Бродот пристигнал во пристаништето Хаина во понеделникот.
Медиумите јавуваат дека шпанската амбасада го организирала враќањето на пријателите на Никола, но дека тој морал да остане во кампот во Хаина, каде што генералната дирекција за миграција испраќа странци со нерегуларен статус. Никола вели дека за два дена ќе го добие пасошот за повторно да може да патува и да се види со семејството.
Во меѓувреме, доминиканските власти се обидуваат да стапат во контакт со српската амбасада на Куба за да го забрзаат процесот, пишува „Телеграф“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Регион
Возачот на автобусот приведен по тешката несреќа кај Сремска Митровица: две жртви и 80 повредени

Возачот на автобусот кој денеска се преврте кај Сремска Митровица е приведен и му е одредено задржување до 48 часа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесе „Н1“.
Во несреќата загинаа две лица, а околу 80 се повредени. 35 повредени лица се згрижени во Општата болница во Сремска Митровица, една личност е пренесена во Клиничкиот центар на Војводина, а уште една е во операциона сала. За останатите се врши дијагностика.
Автобусот на компанијата „Сирмиум бус“, кој превезувал работници од фирмата „Хелткеар“, излета од патот и се преврте на кров од засега непознати причини. Несреќата се случи околу 14:45 часот.
Полицијата го затвори патот и не дозволува пристап до местото на несреќата, а на лице место излезен е и јавен обвинител за да ја утврди причината за трагедијата.