Македонија
Исмаил: Левицата е за прохибиција на коцкањето и профитирањето од нечесни бизниси

По однос на барањето за автентично толкување на Законот за игри на среќа, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, истакна дека Левица е за прохибиција на коцкањето и профитирањето од нечесни бизниси.
– Едно е да има дозволено да постои ваква индустрија, неморална и нечесна. Друго е што власта на ДУИ и СДСМ, со издавање на лиценци за игри на среќа ја мултиплицираше можноста за отворање на казина и други објекти. Со ова ја проширија можноста за коцкање која уништи многу семејства во нашата држава, потенцираше Исмаил.
Пратеникот Исмаил го дообразложи ставот на Левица за дестимулација на овој нечесен бизнис од којшто олигархијата се збогатува на грбот на обичниот човек и работничката класа.
– Ако поднесете таков закон, ние со драго срце ќе го поддржиме! Не само да се дозволи во објекти со пет ѕвезди, туку воопшто да се направи нелегално самото коцкање. Автентичното толкување има намера да го ограничи она што денес постои. Но тоа може да се направи и без ова, односно институцијата којашто издава такви лиценци, поради тоа што поминува рокот на тие лиценци, едноставно треба да ги укине и да продолжи по законот којшто моментално важи, поентираше Исмаил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) СДСМ: Инфлација од 4,8 отсто, властите да ги прифатат нашите предлози за укинување на ДДВ за храна

Заменик-претседателката на Форумот на жени при СДСМ, Ема Нешковска, на денешната прес-конференција изјави дека инфлацијата од 4,8 проценти на годишно ниво ја доведува економијата во сериозен пад и ја турка населението во сиромаштија. Според неа, ова е резултат на промашените економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Нешковска истакна дека најмногу поскапување има кај храната и основните производи, што го прави животот потежок за граѓаните кои се приморани да прават тешки избори помеѓу плаќање сметки и купување намирници.
Таа ги повика властите да ги прифатат предлозите на СДСМ за укинување на ДДВ за храна, зголемување на минималната плата и покачување на платите во другите сектори како начин за намалување на трошоците и заштита на стандардот на граѓаните.
„Времето на владина незаинтересираност и арчење на парите на граѓаните мора да заврши. Сметката ја плаќаат граѓаните“, порача Нешковска.
Македонија
Влен: Бујар Османи и во МНР спроведувал сомнителни и криминални тендери!?

Државниот завод за ревизија јавно потврди тоа што граѓаните одамна го знаат, дека Министерството за надворешни работи, во време кога министер беше Бујар Османи, спроведувало незаконски тендери поврзани со организацијата на самитот на ОБСЕ во 2023 година, велат од Влен преку соопштение.
„Според ревизорскиот извештај: Потрошени се над 120 милиони денари без јасна евиденција; Не постои документација што точно е испорачано, инсталирано или оставено како трајна опрема во СРЦ „Борис Трајковски“; Договорите и јавните набавки биле спроведувани без транспарентност и со сериозни законски пропусти.
Ова е уште една потврда дека Бујар Османи, каде и да оди, зад себе остава сомнителни и криминални тендери!
Ова не е изолиран случај, истиот Бујар Османи беше осомничен од СЈО за сомнителни набавки уште кога беше министер за здравство во владата на Никола Груевски.
Граѓаните на Чаир добро знаат две работи за Бујар Османи: Прво, никогаш ништо не направил за Чаир, ниту еден проект, ниту една инвестиција, ниту една иницијатива. Второ, секогаш кога бил на функција, се поврзувал со скандали, сомнителни тендери и злоупотреби на јавни пари!“, велат од „Влен“.
„Влен“ додава дека Чаир не заслужува човек чие име се повторува во секој извештај за криминал и злоупотреба.
Македонија
Надлежните со препораки до граѓаните поради најавата за температури до 39 степени во периодот до 13 август

Министерството за здравство информира дека според најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), од 8 до 13 август 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои на некои места ќе достигнат и до 39 степени Целзиусови.
Поради тоа, Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топлотен удар: престој во разладени простории, внесување на доволно течности, избегнување на алкохол и засладени пијалаци, носење лесна и светла облека, како и ограничување на физичката активност во најтоплите часови.
Особено внимание треба да се посвети на ризичните групи — деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени.
Во случај на појава на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш треба да се побара медицинска помош.
Министерството ја следи состојбата и ќе постапува според потребите.
Според најавата на УХМР, времето денес ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северероисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 30 до 37 степени.