Свет
Северна Кореја: Наскоро ја отвораме границата за странските туристи

Северна Кореја ќе продолжи со меѓународниот туризам во североисточниот град Самџијон во декември, а можеби и во остатокот од земјата, објавија туристичките агенции.
Ова сугерира дека затворената земја се подготвува повторно да ги отвори своите граници за поголеми групи странски туристи по повеќегодишните строги гранични контроли поради Ковид-19.
„Добивме потврда од нашиот локален партнер дека туризмот во Самџијон и веројатно остатокот од земјата официјално ќе продолжи во декември 2024 година“, напиша на својата веб-страница агенцијата Корјо Турс со седиште во Пекинг.
Меѓународните летови до и од Северна Кореја беа обновени минатата година, а мала група руски туристи приватно отпатуваа таму во февруари. Сепак, од 2020 година, земјата не е целосно отворена за меѓународни туристи.
Северна Кореја гради како што ја нарекува „социјалистичка утопија“ во Самџијон, град во близина на кинеската граница и „модел на високоцивилизиран планински град“ со нови станови, хотели, ски-центар и комерцијални, културни и медицински објекти.
Во јули, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун отпушти или деградираше некои високи функционери поради „неодговорно“ управување со неговиот главен проект во Самџијон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Орбан: Европа мора да преговара со Русија, а не да чека на Америка

Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати апел до европските лидери, предупредувајќи дека „ризикот Европа да биде вовлечена во конфликтот е поголем денес отколку во кое било време од почетокот на војната во Украина“. Орбан рече дека е крајно време Европската Унија да ја промени својата политика и да започне директни преговори со Русија, наместо да чека исход од американско-руските договори.
„Мирот бара трпение, сила и понизност. Европа мора да го промени својот став“, напиша унгарскиот премиер на социјалната мрежа X, додавајќи дека сегашната политика на Брисел е деструктивна за континентот.
„Наместо ароганција и поттикнување бесконечна војна, ни требаат преговори со Русија. Само дијалогот може да донесе мир на нашиот континент“, рече Орбан, придружувајќи ја својата објава со симболот на мировниот гулаб.
Зборувајќи подоцна на пленарната седница на Унгарската постојана конференција (MAERT) во Будимпешта, Орбан оцени дека прашањето за војната и мирот во Украина е најитното прашање на европската политика, особено за земјите од Карпатскиот басен.
„Европа мора да преговара со Русија за да постигне мирен договор и да изгради нова европска безбедносна архитектура“, рече Орбан. „Тоа не смее да биде прашање што ќе го решат други – Европа мора да преземе одговорност и да зборува со свој глас“.
Според него, унгарскиот предлог за решение е јасен: дипломатски пат, а не ескалација.
„Иако Украина е клучно прашање во секој договор, таа не е најважна. Потребна е поширока европска дискусија за прашањата за оружјето, големината на армиите и безбедносниот систем со механизми за следење“, нагласи Орбан, додавајќи дека некои од претходните договори за контрола на оружјето веќе се грубо прекршени.
Унгарскиот премиер претходно ги критикуваше европските лидери за она што го нарекува „штетна комбинација од ароганција и потчинување на интересите на другите луѓе“, нагласувајќи дека политиката на санкции и поддршка за бесконечна војна мора да се заврши во корист на мирот и стабилноста во Европа.
Свет
Судот на правдата на ЕУ: Изгубен миленик на лет се смета како изгубен багаж

Судот на правдата на Европската унија донесе одлука дека домашните миленици кои се превезуваат со авион се сметаат за „багаж“, а не за патници.
Одлуката следи по случај во кој куче исчезнало при пренос до авион на лет од Буенос Аирес до Барселона, по што сопственичката побарала 5.000 евра отштета.
Судот оцени дека, според Монреалската конвенција, авиокомпанијата не е должна да исплати поголема отштета од онаа предвидена за изгубен багаж, освен ако патникот претходно не доставил специјална изјава за вредноста на пратката.
Свет
Евакуирано средно училиште во Италија по истекување на амонијак

Во италијанскиот град Пескара беше евакуирано државното средно училиште „Маркони“ откако во просториите се почувствувал силен мирис од непознато потекло, поради што на многумина им се слошило.
Според италијанските медиуми, повеќе од 1.000 ученици биле итно евакуирани, а неколкумина се хоспитализирани, меѓу нив и пожарникари кои пристигнале на интервенција, пренесе „ТВ Раи“.
Првичните информации укажуваат дека причината најверојатно е истекување на амонијак од лабораторијата, иако не се исклучува ниту можноста за цурење гас од климатизацијата.
Заменичката градоначалничка на Пескара, Марија Рита Карота, нареди итно затворање на училиштето до понатамошна проверка.